Доминик Мате е новото засилување на ГРК Охрид за наредната сезона, потврдија од ракометниот клуб преку социјалните мрежи. Унгарскиот репрезентативец е едно од најголемите имиња што ќе го носи дресот на ГРК Охрид. Мате, кој игра на позицијата десен бек, денеска го слави 27-миот роденден, а ќе го носи дресот со бројот 23 следната сезона.
Мате сезонава настапува за тимот на Елверум, која е прва во норвешкото првенство и бележи успеси во европската лига. Пред тоа играше и за големите ПСЖ и Кјелце, како и во унгарскиот Балатон. Тој е и еден од носителите во унгарската репрезентација на сите големи натпреварувања.
„Мило ми е што ќе го облечам дресот на ГРК Охрид. Од првиот разговор бев импресиониран од проектот и плановите за идниот период. Едвај чекам да ги запознаам фановите, се надевам дека ќе играм клучна улога во остварувањето на нашите цели, освојување на титула во лигата и што поголеми успеси во интернационалните натпреварувања”, изјави Мате.

