Олимпијакос направи подвиг откако се пласира во финалето на Лигата на конференции. Во полуфиналната двојна пресметка со англискиот премиерлигаш Астон вила, тимот од Атина беше убедлив и по 180 минути игра славеше со убедливи 6:2.
За Олимпијакос ова ќе биде прво финале во некој од европските купови. Дополнителен предизвик за Олимпијакос е тоа што финалето ќе се игра на 29 мај во Атина, на стадионот „Агија Софија“, кој е дом на тимот на АЕК. Иако Олимпијакос нема да игра на својот „Спирос Луис“, сепак фактот дека играат во својот град е доволно да се чувствуваат како домаќини против Фиорентина.
Во историјата на европските купови на УЕФА досега само деветпати се случило финалист да игра во својот град, а сега Олимпијакос е јубилеен 10-ти клуб со таква можност. Реал Мадрид во 1957 година во финалето на КЕШ (Лига на шампиони) победи на „Сантијаго Бернабеу“, а во елитното натпреварување тоа се случило уште трипати. Во 1965 година Интер играше во Милано против Бенфика и славеше титула.
Во 1984 година Рома играше на „Олимпико“ против Ливерпул, а англискиот тим победи на пенали. Слично беше сценариото и во 2012 година година, кога Баерн Минхен на „Алијанц арената“ играше против Челзи, а англискиот тим победи на пенали.
Во Купот на УЕФА, односно Лигата на Европа, Феенорд во Ротердам играше финале против Борусија Дортмунд и победи со 3:2. Потоа, во 2005 година Спортинг во Лисабон загуби во финалето од ЦСКА Москва со 1:3.
Во Купот на купот на победниците, кој веќе не постои, Вест хем во Лондон го победи Минхен 1860 со 2:0 во финалето играно во 1965 година. Во 1976 година Андерлехт го победи Вест хем на „Хејсел“ во Брисел со 4:2, а во 1982 година Барселона на „Камп ноу“ со 2:1 во финалето се радуваше над Стандард Лиеж.
Сега е ред Грците во Атина да имаат свој преставник во финалето.