Омилениот тим на Јирген Клоп игра во трета лига во Јужна Африка

Хот Беј јунајтед е екипа која се натпреварува во третата лига во Јужноафриканската Република. Клубот е формиран пред неполни шест години и моментно е на деветтото место на табелата во трета лига. Иако е еден од најмладите клубови во земјата, за Хот Беј има интересна приказна.

Сопственик на клубот е Џереми Олсен, бизнисмен од јужен Лондон. Тој случајно дошол во Јужна Африка, а потоа решил да остане и да формира и свој клуб.

„Дојдов тука на меден месец, многу ми се допадна државата и по шест месеци, решив да се преселам тука. Првиот фудбалски меч кој го одигравме беше меѓу моите вработени, пријателите и децата кои живеат во населбата. Сите бевме еднакви. Кај децата видов голем талент, а и ние како ментори бевме добри. Тогаш решив дека е добра идеја да формирам клуб. Нашата желба е да ги обединиме сите групи и заедници и преку фудбалот да упатиме порака дека сите деца се еднакви“, вели Олсен.

Иако поминаа три децении од апархејдот во Јужна Африка, сепак уште постои голема расна и економска поделеност. Фудбалскиот клуб Хот Беј се обидува да ги поврзе сите деца без разлика на нивната економска или расна основа. Во Хот Беј има над 500 деца кои се поделени во 14 екипи.

Од локалната полиција велат дека кога игра Хот Беј јунајтед ,стапката на криминалот се намалува за 80 отсто. Од пред три години, во клубот е вклучен и Јирген Клоп. Прославениот тренер на Ливерпул првпат го посетил Хот Беј јунајтед во 2017 година, кога бил на предавање за фудбалот и за неговата кариера.

Благодарение на Клоп, клубот добил донација во опрема за тренинг, а самиот тренер лично помогнал со вложување на 10.000 фунти. Едноставно, Клоп сака да го подржи проектот за еднаквост во спортот кој го нуди третолигашот во Јужна Африка. Фудбалот не познава граници, а тоа најдобро го покажува Клоп со овој негов потег да помогне еден клуб кој е на другиот крај од планетата.

 

- Оглас -

Најнови вести