Омразата на Фиорентина кон Јувентус не се заборава за ниедни пари

Федерико Кјеза, синот на прославениот Енрико, е ѕвезда на последниот ден од трансфер-периодот во Италија. Талентираниот 22-годишен офанзивен играч од Фиорентина направи трансфер во Јувентус, каде што ќе игра како позајмен играч во следните две сезони.

Овој трансфер на Кјеза во Јувентус може да достигне и до 60 милиони евра ако се исполнат сите предвидени услови во договорот, но, сепак, навивачите на Виолетовите се незадоволни што нивниот омилен играч си заминува од екипата. Навивачите на Фиорентина имаат голема омраза кон Јувентус која датира од пред речиси 40 години.

Што се случувало во минатото? Во 1982 година, Фиорентина и Јувентус беа во трка за титулата. Во пресрет на последното коло двете екипи имаа по 44 бодови на врвот. Фиорентина гостуваше кај Калјари, кому му требаше бод за опстанок, а Јувентус дома играше против Катанзара, која беше седмопласирана и играше само за чест.

На Фиорентина ѝ беше поништен гол поради фаул над голманот и одигра нерешено, додека Јувентус на сомнителен начин победи. Најпрво судиите не досудија класичен пенал за гостите, а потоа беше досуден пенал за Старата дама, која со тој гол победи со 1:0 и стана шампион на Италија. По тоа коло, прославениот играч на Фиорентина, Џанкарло Антоџиони, кажа една реченица која уште се памти. „Ни ја украдоа титулата!“

Навивачите на Фиорентина оттогаш почнаа да користат еден слоган кој уште е актуелен, а тоа е „Подобро да бидеме втори отколку да бидеме крадци!“

Врвот на омразата на навивачите на Фиорентина кон Јувентус кулминираше во 1990 година, кога се случи најконтроверзниот трансфер во историјата на италијанскиот фудбал. Роберто Баџо дресот на Виолетовите го замени со тој на Јувентус.

„Бев принуден да потпишам за Јувентус“, изјави тогаш Баџо и не лажеше.

Сопственикот на Фиорентина, Понтељо, западна во финансиска криза и бараше начин како да добие пари од најголемата ѕвезда во екипата. Единствен излез беше да го продаде Баџо. За сума од сегашни 8 милиони евра, што беше најголем трансфер во историјата за тој период, голгетерот замина во Јувентус.

Навивачите на Фиорентина збеснаа и започнаа протести низ улиците на Фиренца. Со цигли и молотови коктели беа нападнати клупските простории, а претседателот Понтељо два дена остана во канцеларијата затворен на сигурно. Дури 50 повредени и девет уапсени е епилогот од тие протести, а Понтељо мораше да си замине од клубот.

„Длабоко во срцето секогаш ќе бидам виолетов“, порача тогаш Баџо, кој го навлече гневот на фановите на Јувентус.

Сега, 30 години по тој трансфер, Фиорентина дава уште еден свој талентиран играч да заигра за Старата дама. Иако трансферот може да достигне и до 60 милиони евра, навивачите на Фиорентина засекогаш ќе го мразат Јувентус.

 

 

- Оглас -

Најнови вести