Османи го пали алармот: Три меча без победа се премногу за Шкендија

Ќатип Османи вели дека кај играчите на Шкендија се чувствува замор, но во последно време и играта и резултатите не се на задоволително ниво. Шампионот на Македонија не знае за победа на последните три натпревари во домашното првенство, а најголемиот конкурент за титулата Вардар веќе направи 7 бодови предност.

„Три меча без победа е недозволиво за клуб како Шкендија. Мора да реагираме навреме за да се вратиме во ритам. Се чувствува замор кај играчите, но и играта не е на посакуваното ниво. Се обидов да ги освежам редовите, со замени да реагирам за да се вратиме во ритам, но не ни успеа против Ренова. Имавме и предност од 1:0 и шанси за да ја зголемиме предноста, но не успеавме. Паузата ќе ја искористиме за да ги средиме и збиеме редовите и очекувам во продолжение да ја гледаме Шкендија во вистинското издание“, вели Османи.

Поразот од Победа на домашен терен пред три кола го здрма шампионот, а потоа следеа уште два меча без триумф, против Академија Пандев (0:0) и вчера со Ренова, 2:2.

Следен предизвик за Шкендија, веројатно и најважен ако тетовци сакаат да останат во трка за титулата е мечот со лидерот Вардар на 21. октомври во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести