Островот е подготвен за празник – Фудбалот е најголем подарок на Боксинг деј

Време е за славниот Бокскинг деј во Велика Британија, а 26 декември традиционално на Островот се празнува со фудбал. Од елитен со мечеви во Премиер лигата, па се до најнизок ранг денеска ќе се празнува фудбалскиот ден за подароци.

Фудбалот денеска ќе биде подарок за сите приврзаници на најважната споредна работа на светот, а на овој ден, на 26 декември бубамарата во Велика Британија се тркала веќе 120 години.

Во минатото многу се внимавало фудбалските дуели да бидат меѓу екипи што се во близина, за да може и публиката и фудбалерите веднаш по мечевите да го прослават денот со своите најблиски, но сега е малку поинаку. Комерцијализацијата на Премиер лигата, која по многу работи е број 1 во светот, ги смени правилата на игра, но традицијата да се игра фудбал на 26 декември како најубав подарок за навивачите е задржана.

Низ историјата имало возбудливи кола за Боксинг деј, но како специјален термин се памети 26 декември во 1963 година. На тој „Боксинг деј“ се случи нешто неповторливо, а беше постигнат апсолутен рекорд. На 10 меча кои се одиграа во елитната англиска лига, вкупно беа постигнати 66 погодоци, односно 6,6 по меч. Оттогаш, па досега такво нешто не се повторило.

Можеби денешните дуели ќе приредат ново гол-шоу, а почетокот на фудбалскиот ден за подароци е со мечот меѓу Тотенхем и Брајтон од 13.30 часот.

Ќе играат и Астон вила со Норвич, Борнмут против Арсенал, Челзи со Саутхемптон, Кристал палас против Вест хем, Евертон со Барнли и Шефилд јунајтед со Ватфорд, сите од 16 часот, а програмата во Премиер лигата ќе заврши со мечевите меѓу Манчестер јунајтед и Њукасл од 18.30 часот и Лестер против Ливерпул од 21 часот.

Празничното коло, 19-то по ред, во Премиер лигата ќе заврши утре, со дуелот меѓу Вулверхемптон и Манчестер сити од 20.45 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести