Осум причини зошто да се верува во победа на Баерн, а две во триумф на Барселона

Барселона и Баерн Минхен во август 2020 година во Лисабон одиграа четвртфинале во Лигата на шампионите кое Каталонците би сакале да го избришат од меморијата. Баерн ја прегази Барса со 8-2, по тој меч засрамениот Лионел Меси посака да ја напушти Барселона, желба која му се исполни една година подоцна, а вечерва истите два трофејни клубови ќе имаат нова пресметка, овојпат во групната фаза, и тоа на „Камп ноу“.

Аналитичарите сметаат дека Барселона сега е полоша во однос на таа вечер во Лисабон на 15 август минатата година, а Баерн е подеднакво толку добар или уште појак, па затоа гостите од Баварија се фаворити. Пронајдени се 8 причини зошто Баерн е во предност, а 2 ја фаворизираат Барселона.

На страната на Баерн е новиот тренер Јулијан Нагелсман, кој почна да остава свој печат и веројатно е подобар тренер од Ханси Флик, а има и посилен состав од тој што ја прегази Барса. Секако, главен адут на Баварците е Роберт Левандовски, кој не престанува да дава голови и одбраната на Барса ќе биде на мака против него.

Крилата беа тие што ја уништија Барселона во Лисабон. Перишиќ и Дејвис од една, а Кимих и Гнабри од другата страна. Сега го нема Хрватот, но тука се Коман и Сане, а опасен е и младиот Мусијала, кој даде два гола пред патувањето во Барселона. Баерн нема повредени, се вратија Коман, Милер и Упамекано, единствен кој е под прашалник е Забицер. Кај Барселона ги нема Агуеро, Серџи Роберто, Фати, Дембеле и Брајтвајт, неизвесен е Дест.

Баерн остана без Алаба, но го донесе Упамекано, плус Забицер и имаат по двајца добри играчи на секоја позиција. Традицијата е на страната на Баерн. Овие тимови се сретнале деветпати, а Баерн победил во шест дуели, додека Барселона само двапати. Гол-разликата е 22-13. Баерн има јасен систем на игра, без разлика кој е тренер. Во Барселона не е така. Таму во претходните сезони тактиката беше „дај му ја топката на Меси, тој знае што треба да направи“. Сега го нема Меси и ќе им биде проблем да го победат Баерн. Предност на Баерн е подолгата клупа, Барса во моментов нема план Б.

Домашната Барселона има два адути: Мемфис Депај и неиграњето на Ленгле и Семедо.

По заминувањата на Меси и Гриезман, Холанѓанецот Депај е лидер во нападот на Барселона и засега добро се носи со таа улога. Тој е единствениот играч кој прави разлика во полза на Барса. Добро е за Барса што во составот ќе ги нема Ленгле и Семедо, кои беа најлоши поединци во историските 2-8. Барса го продаде Семедо, а Ленгле е резерва. Од одбраната ќе зависи дали може да се извлече добар резултат против Баварците.

- Оглас -

Најнови вести