Поранешниот германски велосипедист Јан Улрих (50) се осврна на неодамнешниот документарец во кој призна дека користел допинг за време на својата кариера. Улрих во 1997 година го освои „Тур де Франс“, а петпати беше втор на истата трка.
Во интервју за германска телевизија откри неверојатни работи од својот живот.
„Документарецот „Прогонетиот“ за мене беше како терапија и сега можам отворено да разговарам со моите деца за тоа. Она што луѓето мораат да го знаат е дека дури и спонзорите знаеја сѐ, допингот беше систематски, бев добро платен, а договорот беше тоа да не се споменува. Направив грешка, бев негативец“, признава Јан Улрих.
По завршувањето на кариерата, вели дека неговиот живот се претворил во пекол.
„Алкохол, дрога, паднав во бездна и за малку сѐ не заврши катастрофално. Бев практично мртов и го видов пеколот. Тогаш си реков дека следната недела ќе бидам или мртов, или ќе си го вратам животот во свои раце. Љубовта на моите деца беше пресуден фактор“, ја отвори целосно душата познатиот велосипедист.
Неговата професионална кариера траеше од 1995 до 2006 година.