Отказот на Тухел во Баерн Минхен е веќе затворено прашање, премиерлигаш сака да го врати во Лондон 

Деновите на Томас Тухел на клупата на Баерн Минхен се одбројани, но Германецот се чини дека нема долго да биде без ангажман и најверојатно следна дестинација повторно ќе му биде Премиер лигата.

Според англиските медиуми, Вест хем веќе подготви се за да го донесе Тухел за тренер за следната сезона. Актуелниот менаџер на Чеканите, Дејвид Мојес ја загуби довербата кај управата по дебаклот од Арсенал (0:6) и наводно му е порачано дека на крајот од сезоната ќе може да си бара нова работа.

Управата на Баерн Минхен по двата порази на екипата во последните неколку дена, од Баер Леверкузен (0:3) во Бундеслигата и од Лацио (0:1) во првиот осминафинален дуел во Лигата на шампионите, одлучи да се раздели со Тухел и единствена непознаница е дали тренерот ќе го дочека крајот на сезоната или на првиот следен кикс ќе биде отпуштен. За тоа како игра Баерн Минхен во последно време најдобро покажува податокот дека на дуелот против Лацио, играчите на германскиот шампион не упатија ниту еден шут во рамките на голот на Лацијалите.

Доколку седне на клупата на Вест хем, тоа би значело враќање на Тухел во Лондон и во Премиер лигата бидејќи пред Баерн Минхен, тој го предводеше Челси со кого триумфира во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести