Ова е фудбалерот на Динамо кој го воодушеви регионот

Младиот 17-годишен фудбалер на Динамо Загреб, Јошко Гвардиол, вчера против Интер Запрешиќ го даде својот прв гол во дресот на „модрите“, тоа му беше втор настап во хрватското првенство, играше 90 минути и погодокот му донесе победа на Динамо од 1-0.

Ако во континуитет игра добро, Гвардиол би можел да ја продолжи низата на квалитетни фудбалери кои произлегоа од Динамо како Модриќ, Манџукиќ, Брозовиќ, Ковачиќ, и останатите, но она што барем засега го одвојува од останатите, е скромноста.

Јошко после мечот на кој му донсе три бода на Динамо, дома си замина со трамвај. Од клубот објавија фотографија на која се гледа како тој се вози со трамвај, што е реткост, ако се знае колку се размазени денешните фудбалски ѕвезди. Гвардиол е малолетен и не вози, но засега не сака да се одвојува од своите врсници.

„Уживам да се возам со трамвај и ќе продолжам да го правам тоа. Некогаш моите или соиграчите ме возат со кола, но многу често на тренинзи и мечеви одам со трамвај. Навивачите кои ме сретнаа, ми честитаа за голот“ – рече Гвардиол, кој добива поддршка од сите страни да остане таков и да не летне во облаци, а за дебитантскиот гол, ќе мора да ги почести колегите, меѓу кои капитен е македонскиот интернационалец Аријан Адеми.

- Оглас -

Најнови вести