Точно пет години од историјата што ја испишаа селекторот Милевски, потоа Николов, Барди, Велковски, Бејтулаи…

Благоја Милевски вечерва ќе го има најголемиот предизвик како селектор на сениорската селекција на Македнија. Ќе треба да се надмудрува со Ханси Флик и да најде решение како по втор пат да ја изненадиме најтрофејната европската репрезентација, Германија.

Мотив повеќе за нашите фудбалери е тоа што денеска е државен празник, Ден на востанието на Македонија, но и ден кога пред точно пет години испишавме прво историско чудо и се пласиравме на Европското првенство за младинци. На 11 октомври 2016 година, на најголениот стадион кај нас, селекцијата до 21 година на Македонија играше против врсниците на Шкотска.

Потребна беше победа на нашата репрезентација и тоа се случи. Победивме со 2:0, благодарение на головите на Кире Маркоски и Енис Барди, а Македонија обезбеди пласман на Европското првенство во 2017 година. Селектор на младите тогаш беше токму Благоја Милевски, а на теренот беа и Барди, капитенот Бобан Николов, Дарко Велковски, Егзон Бејтулаи, сите фудбалери кои сега се столбот на сениорскиот тим.

Сите овие одлично се сеќаваат каква беше радоста на тој 11 октомври пред пет години кога се изборија за место на ЕП. Сега, на истиот ден, мотивот е уште поголем. Играат против четирикратниот светски првак Германија, а победа ќе значи голем чекор кон баражот за пласман ан Светското првенство во Катар.

Овие момци летово веќе беа дел и од сениорско Европско првенство и точно знаат како е да се игра против големи селекции. Германија ја победивме во Доузбург со 2:1, па зошто да не се надеваме на ново чудо и на нов подвиг против гигантот.

 

- Оглас -

Најнови вести