Дома Blog Страница 10

Ја освоија титулата па на теренот влегоа со трактор да слават (Видео)

Фудбалерите на Раковица ја освоија титулата во Меѓуопштинската лига Белград – група Б и од следната сезона нема да бидат во најнискиот ранг на нтпреварување. Пресреќни беа фудбалерите и навивачите на овој тим, па веднаш по завршување na последниот меч започна големо славје.

Вистински хит беше кога на теренот се појави трактор, кој извозе победнички круг со трофејот освоен за првото место во оваа лига.

Оваа Меѓуопштинска лига Белград Б група е една од најмалите во српскиот фудбал. Во неа учествуваат само осум екипи, а тимот на Раковица стана шампион со освоени 35 бодови.

 

Пеп Гвардиола: „Ни самиот не знам што ќе правам во иднина“

Пеп Гвардиола призна дека во моментов нема јасна претстава кој ќе биде неговиот следен чекор во кариерата. Ова е негово прво јавно обраќање откако минатиот викенд го напушти кормилото на Манчестер сити.

Каталонецот присуствуваше на настан организиран од фондацијата на Јохан Кројф, каде што се осврна на десетте години поминати на „Етихад“ и зборуваше за својата иднина.

Неговиот последен натпревар на клупата на Сити беше поразот од 2:1 против Астон Вила. Натпреварот беше и проштален за Бернардо Силва и Џон Стоунс.

„Беше навистина убаво, навистина забавно. Тоа беше неверојатно искуство. Не можев ни да замислам дека ќе останам таму десет години“, изјави Гвардиола за својот период во Манчестер сити.

На прашањето што следува во неговата кариера, тој кратко одговори:

„Ниту јас самиот не знам.“

Во последните недели Гвардиола неколкупати нагласуваше дека за него е време за заминување кога ќе почувствува дека енергијата и страста почнуваат да исчезнуваат, а токму тоа, според неговите зборови, било главната причина за крајот на неговата десетгодишна ера во Манчестер сити.

Македонија се намачи, но го победи Луксембург

Македонската одбојкарска репрезентација потешко од очекувањата славеше над селекцијата на Луксембург со 3:1 во меч од второто коло на европската лига.

Нашата селекција според квотите пред мечот важеше за голем фаворити, па многумина можеби очекуваа лесна победа, но не беше така.

Во првиот сет Македонија ниту една од двете репрезентации немаше повеќе од два поени предност. Македонија водеше со 22:20, но кога беше најпотребно попушти концентрацијата кај македонските одбојкари, па Луксембург со серија од 5:1 го освои сетот со 25:22.

Во вториот сет Македонија започна добро и поведе со 5:2, а три поени предност имаше и при 16:13 и 18:15, па на крајот нашата селекција го доби овој сет со 25:21.

Во третиот сет Македонија имаше целосна контрола на резултатот. Нашите одбојкари во ниту еден момент не му доволија на противникот да се понадева да поведе, но во завршницата се решаваше кој ќе го добие. Македонија водеше со 20:18, а потоа следуваше најдобриот период во играта во овој сет кој припадна на нашата селекција со 25:20.

Единствено во четвртиот сет немаше неизвесност. Доминираа македонските одбојкари и сетот го добија со убедливи 25:13 за голема радост на домашната публика во Струмица.

 

Докторот со први информации по колабирањето на Кристијан Ериксен (Видео)

Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен (34) се струполи на теренот на средина од второто полувреме од пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина. Тоа е истиот фудбалер кој доживеа срцев удар за време на натпреварот на Европското првенство пред пет години.

Тогаш, Ериксен беше реанимиран на теренот и веднаш беше пренесен во болница. Потоа од болницата стигнаа добри вести дека брзо се освестил, па нецела година подоцна се врати на фудбалот во март 2022 година.

Потоа Ериксен немаше никакви посериозно здравствени проблеми, се до вечерва. На мечот во Оденсе, се играше 65 минута кога ѕвездата на данската репрезентација колабираше.

„Не, не, не. Кристијан Ериксен паѓа на тревата и лежи сосема мирно. Ова се навистина непријатни слики. Целиот стадион е целосно тивок, а сите играчи стојат околу него. Нереален момент. Апсолутно, апсолутно ужасен. Повеќето играчи стојат во круг околу Кристијан Ериксен, но има и такви играчи кои не можат. Неколку дански играчи се скршени. Ова навистина не се убави сцени. Играчите плачат додека работат под голем притисок околу Ериксен. Се бараат ќебиња за дополнителна заштита“, веднаш извести данската ТВ2.

Веднаш реагираа лекарите, а Ериксен за среќа повторно е добро.

„Првиот извештај е дека Ериксен е свесен. Ова го потврди и DBU (Данската фудбалска асоцијација)“, веднаш пренесоа данските медиуми. „Тешко е да се најдат зборови за да се опише што се случува. Сите играчи ги опкружуваат Ериксен и неговата сопруга на пат кон амбулантното возило, кое е подготвено да ги однесе од стадионот“, напиша данската ТВ2.

Мечот беше прекинат и не се доигра. Потоа брзо стигнаа и првите информации од докторот на данската репрезентација Мортен Боесен, кој за ТВ2 изјави:

„Онака како што јас го разбирам, мислам дека неговиот пејсмејкер го предизвикал шокот додека играл. Мислам дека го видов како се држи за градите и можеби дури и вика: „Ау“. А потоа се сруши. Тогаш отидов до него. Сега неговиот пејсмејкер се анализира бидејќи може да покаже која е основната причина. Тој се освести доста брзо. Мислам дека уредот го направи она за што беше дизајниран – го врати во живот.“

 

Кристијан Ериксен повторно колабираше, за среќа брзо дојде при свест (Видео)

Прославениот дански фудбалер Кристијан Ериксен повторно колабираше на теренот и тоа повторно на меч во дресот на данската репрезентација. Се играше 65 минута на дуелот против Украина, кога Ериксен ненадејно падна на теренот.

Веднаш реагираа лекарските екипи, Ериксен беше пренесен во болница, а првичните информации велат дека данскиот фудбалер е при свест.

Аларм за актуелниот светски првак, Аргентина не е подготвена за почетокот на Мундијалот

Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, изјави дека не сака да звучи алармантно, пред првиот натпревар на Светското првенство, но призна дека „многу играчи сè уште не се 100 проценти подготвени“ за настап на планетарниот собир.

Суперѕвездата и капитен на селекцијата, Лионел Меси од клупата за резервни играчи гледаше како Аргентина го победи Хондурас со 2-0 во пријателски натпревар во Колеџ Стејшн, Тексас. Аргентинскиот капитен, кој наскоро ќе наполни 39 години, се опоравува од проблем со бутниот мускул.

„Лео добро напредува, тој веќе делумно тренира со тимот и тоа е многу добро“, рече Скалони. До почетокот на Мундијалот, Аргентина ќе одигра уште еден контролен дуел и против против Исланд на 10 јуни.

Голманот Емилијано Мартинез, исто така, не го има поминато комплетно тестот за подготовк, како и неколку други членови на тимот што го освои Светското првенство во 2022 година. Мартинез го скрши прстот пред победата на Астон Вила над Фрајбург во финалето на Лигата на Европа минатиот месец.

Сепак, аргентинските медиуми навестија дека голманот Мартинез ќе биде достапен за првиот натпревар на Аргентина на Светското првенство на 16 јуни против Алжир.

На Ролан Гарос се одигра финале за историја, а не играа ниту Ѓоковиќ, Синер, Алкарас…

Александер Зверев е освојувач на 125-то издание на престижниот гренд-слем турнир Ролан Гарос во Париз, откако во финалето, по голема борба која траеше речиси четири и пол часа, со 3:2 во сетови го победи Флавио Коболи од Италија. За Зверев ова е историски прв освоен гренд-слем не само на турнирот во Париз, туку воопшто во кариерата.

Стартот на финалето беше како што можеше само да посака Зверев. Германскиот тенисер почна со брејк, а потоа уште два пати освојуваше гејм на сервис на противникот, па по само 36 минути игра Зверев го доби со 6:1.

Многу понеизвесно беше во останатите сетови. Во вториот сет клучниот момент се случи во седмиот гејм кога КОболи направи брејк и поведе со 4:3, а потоа го доби сетот со 6:4. Уште понеизвесно беше во третиот сет. Двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис до 5:4 за Зверев, а потоа третиот носител направи брејк во најдобар можен момент и го доби сетот со 6:4.

Тај-брејк го реши четвртиот сет, а му припадна на Коболи. Во овој сет двајцата тенисери имаа по два брејка, па стигнаа до 6:6 и тај-брејк. Зверев поведе со 3:1, но потоа следуваа четири поени по ред на Коболи за предност од 5:3. Играчот кој е на 24 место на АТП листата ја искористи таа предност и го доби тај-брејкот со 7:5 за израмнување на 2:2 во сетови, што значеше дека победникот мора да се решава во петтиот сет.

Во петиот сет, Зверев започна одлични и направи два брејка покажувајќи дека е решен конечно да се израдува на првиот гренд-слем трофеј во кариерата. Коболи едноставно како да се предаде кога беше најпотребно да го даде максимумот и решавачкиот сет заврши со убедливи 6:1 во корист на новиот Ролан Гарос шампион, Александер Зверев.

Хорхе Гарбахоса: „Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата.

Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, престојуваше во Скопје по повод одржувањето на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која во изминатите четири дена успешно беше организирана од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА Европа и ФИБА Фондацијата.

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата и за насоката во која се развива македонската кошарка.

„Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“, истакна Гарбахоса за време на заедничката вечера со учесниците на конвенцијата, притоа изразувајќи задоволство од организацијата и од посветеноста која федерацијата ја покажува во развојот на кошарката кај најмладите категории.

Скопје изминативе денови беше европски центар на минибаскетот. Главниот град на Македонија беше домаќин на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која обедини тренери, едукатори, спортски работници и претставници на национални федерации од речиси 40 европски земји.

Настанот понуди богата програма исполнета со едукативни предавања, практични работилници и размена на искуства, со заедничка цел – унапредување на минибаскетот и создавање подобри услови за правилен развој на најмладите кошаркарки и кошаркари низ Европа.

Позитивните оценки од раководството на ФИБА Европа претставуваат уште едно признание за успешната организација на настанот и за напорите што Кошаркарската федерација на Македонија ги вложува во развојот на кошарката на сите нивоа.

Босанците се хит во САД: го донесоа најголемото ѓезве, Американците останаа во чудо (Видео)

Фудбалерите на Босна и Херцеговина синоќа во Сент Луис го одиграа последниот подготвителен меч пред стартот на Светското првенство. Против Панама одиграа 1:1, а навивачите на БиХ беа вистински хит пред и на стадионот.

Пред почетокот на мечот, пред стадионот беше поставено џиновско ѓезве полно со кафе. Редица луѓе во ред чекаа за да добијат од овој напиток. Американците во неверување гледаа, додека фановите на БиХ уживаа во традиционалното пиење кафе.

Фановите на БиХ беа главни и на трибините. Во Сент Луис живеат 70.000 луѓе со потекло од БиХ, па затоа не беше чудно што на стадионот атмосферата беше Балканскa, а посебно згрме песната „Љиљани“. Прекрасната атмосфера може да ја ВИДИТЕ ТУКА.

Македонија не можеше да парира на Португалија и загуби убедливо со 3:0

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија убедливо со 3:0 загуби на гостувањето кај Португалија во меч од втортоо коло на женската европска лига. По две кола, Македонија е без ниту еден освоен сет и е на делба на четирите најслаби селекции. Португалија по стартниот пораз од 3:0, сега победија со ист резултат.

Во ниту еден момент немаше дилеми дека Португалија ќе победи. Во првиот сет Португалките уште на стартот поведоа со 7:3, а нашите даваа отпор до 8:7. Потоа домаќинките стигнаа до 15:10, а на крајот сетот го добија со 25:16.

Во вториот сет Португалија брзо поведе со 13:5, а на крај на сетот повторно беше 25:16 за домаќинките. Третиот сет беше најлесен за Португалија и го доби со 25:11.