Дома Blog Страница 11

Хорхе Гарбахоса: „Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата.

Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, престојуваше во Скопје по повод одржувањето на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која во изминатите четири дена успешно беше организирана од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА Европа и ФИБА Фондацијата.

Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата и за насоката во која се развива македонската кошарка.

„Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“, истакна Гарбахоса за време на заедничката вечера со учесниците на конвенцијата, притоа изразувајќи задоволство од организацијата и од посветеноста која федерацијата ја покажува во развојот на кошарката кај најмладите категории.

Скопје изминативе денови беше европски центар на минибаскетот. Главниот град на Македонија беше домаќин на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која обедини тренери, едукатори, спортски работници и претставници на национални федерации од речиси 40 европски земји.

Настанот понуди богата програма исполнета со едукативни предавања, практични работилници и размена на искуства, со заедничка цел – унапредување на минибаскетот и создавање подобри услови за правилен развој на најмладите кошаркарки и кошаркари низ Европа.

Позитивните оценки од раководството на ФИБА Европа претставуваат уште едно признание за успешната организација на настанот и за напорите што Кошаркарската федерација на Македонија ги вложува во развојот на кошарката на сите нивоа.

Босанците се хит во САД: го донесоа најголемото ѓезве, Американците останаа во чудо (Видео)

Фудбалерите на Босна и Херцеговина синоќа во Сент Луис го одиграа последниот подготвителен меч пред стартот на Светското првенство. Против Панама одиграа 1:1, а навивачите на БиХ беа вистински хит пред и на стадионот.

Пред почетокот на мечот, пред стадионот беше поставено џиновско ѓезве полно со кафе. Редица луѓе во ред чекаа за да добијат од овој напиток. Американците во неверување гледаа, додека фановите на БиХ уживаа во традиционалното пиење кафе.

Фановите на БиХ беа главни и на трибините. Во Сент Луис живеат 70.000 луѓе со потекло од БиХ, па затоа не беше чудно што на стадионот атмосферата беше Балканскa, а посебно згрме песната „Љиљани“. Прекрасната атмосфера може да ја ВИДИТЕ ТУКА.

Македонија не можеше да парира на Португалија и загуби убедливо со 3:0

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија убедливо со 3:0 загуби на гостувањето кај Португалија во меч од втортоо коло на женската европска лига. По две кола, Македонија е без ниту еден освоен сет и е на делба на четирите најслаби селекции. Португалија по стартниот пораз од 3:0, сега победија со ист резултат.

Во ниту еден момент немаше дилеми дека Португалија ќе победи. Во првиот сет Португалките уште на стартот поведоа со 7:3, а нашите даваа отпор до 8:7. Потоа домаќинките стигнаа до 15:10, а на крајот сетот го добија со 25:16.

Во вториот сет Португалија брзо поведе со 13:5, а на крај на сетот повторно беше 25:16 за домаќинките. Третиот сет беше најлесен за Португалија и го доби со 25:11.

Полиција и војска ги чуваат фудбалерите на Иран (Видео)

Фудбалската репрезентација на Иран, заедно со остатокот од делегацијата, пристигна во Тихуана во Мексико да ги направи последните подготовки пред стартот на Светското првенство. Иранските играчи пристигнаа со авион од Турција, каде што тренираа во последните неколку недели, а во Мексико беа пречекани од армијата и полицијата.

Пристигнувањето на Иранците беше проследено со строги безбедносни мерки поради немирите и тековната војна меѓу Иран и САД на Блискиот Исток. Околу педесет ирански навивачи ги пречекаа своите миленици во Тихуана, а воен кордон ги придружуваше репрезентативните автобуси од аеродромот до хотелот каде што ќе бидат сместени.

На планетарниот собир Иран е во групата Г, а првите два натпревари од СП ќе ги игра во предградијата на Лос Анџелес. Нивните противници ќе бидат Нов Зеланд на 15 јуни и Белгија на 21 јуни. Последниот натпревар од групната фаза Иран ќе го игра во Сиетл против Египет на 26 јуни.

Белингам предупредува: „На вакво време и на вакви терени ќе биде тешко да се игра“

Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Џуд Белингам, смета дека неговиот тим ќе има потешкотии да се справи со високите температури за време на Светското првенство.

Белингам влезе како резерва во второто полувреме од пријателскиот натпревар на Англија против Нов Зеланд и ја доби капитенската лента. Англичаните славеа со 1:0 благодарение на погодокот на Хари Кејн.

„Се чувствувам добро. Веројатно му пристапувам на турнирот малку поинаку од Кејн, но се чувствувам одлично по тешката сезона во која за првпат во кариерата се соочив со неколку повреди. Се чувствувам силен, мотивиран и подготвен“, изјави Белингам.

„Понекогаш ќе мора да играме паметно. Сакаме да играме фудбал со максимален интензитет, висок пресинг и брзо темпо. Но, во жешките услови и на вакви терени тоа ќе биде многу потешко“, додаде англискиот репрезентативец.

Антонели доминантен во хаосот во Монако, катастрофа за Леклер

Трката за ГН на Монако уште еднаш понуди вистински спектакл за љубителите на најбрзиот спорт во светот, Формула 1. Во кнежевството имаше од се по нешто – откажувања, удари во заштитната ограда, оштетена патека, безбедносно возило и прекината трка во финишот, што значеше и повторен старт.

Кими Антонели тргна од пол-позиција и сето ова го „преживеа“. Од почетокот до крајот водеше и заслужено победи. Макс Ферстапен кој стартуваше од втората позиција се откажа уште на стартот поради проблем со болидот, а тоа го искористи Ферари, па Хамилтон и Леклер ги зазедоа втората и третата позиција.

Сепак, нов хаос на десет круга пред крајот. Леклер се заби во заштитната ограда, а тоа значеше и црвено знаме и прекината трка. Се испитуваше која е причината за судирот, а на крајот се покажа дека е оштетената патека, каде претходно излета и Строл.

На крајот Хамилтон успеа да го задржи второто место, а на подоиумот се искачи и Хаџар, кој го искористи хаосот и многуте казни за прв пласман помеѓу најдобрите тројца оваа сезона.

Во бодови завршија и Пјастри, Ловсон, Линдбланд, Гасли, Албон, Окон и Перес.

Покетино задоволен и покрај поразот: „Покажавме карактер, игравме против една од најдобрите репрезентации во светот“

Селекторот на репрезентацијата на САД, Маурисио Покетино, изјави дека е задоволен од карактерот што го покажале неговите избраници и покрај поразот од Германија со 2:1 во пријателски натпревар.

„Генерално гледано, тоа беше добро издание. Задоволен сум од настапот на сите играчи. Игравме против една од најголемите репрезентации во светот и треба да бидеме задоволни од прикажаното. Се обидовме да бидеме рамноправен противник, но немавме доволно среќа. Според мене, натпреварот беше изедначен.

Ова беше одличен тест за нас за да видиме како ќе реагираме, како ќе покажеме карактер, заедништво и како ќе се снајдеме под притисок“, изјави Почетино по натпреварот.

Еден од домаќините на Светско првенство, репрезентацијата на САД, настапот во групата Д ќе го отвори против Парагвај на 12 јуни во Лос Анџелес.

„Во изминатите две недели поставивме големи барања пред играчите и видов дека беа максимално оптоварени. Сега мора внимателно да го процениме нивниот замор и паметно да го испланираме периодот до натпреварот со Парагвај, за да пристигнеме свежи, подготвени и со уште повеќе енергија“, додаде аргентинскиот стратег.

Лошо чувана тајна: Шкотска и Норвешка планирале „таен“ меч пред СП

Репрезентацијата на Шкотска ја откажа планираната пријателска средба зад затворени врати против Норвешка само неколку дена пред почетокот на Светското првенство.

Интересно е што информацијата во јавноста не дојде од шкотскиот табор, туку беше потврдена од Фудбалскиот сојуз на Норвешка.

Двете селекции требаше да одиграат тренинг-натпревар во кампот на Шкотска во Шарлот, но дуелот на крајот е откажан.

„Тоа беше лошо чувана тајна дека во понеделник требаше да играме тренинг-натпревар против Шкотска. Денес дознавме дека Шкотска, за жал, мораше да се повлече од договорот поради повреди“, изјави портпаролот на Норвешкиот фудбалски сојуз, Мортен Морисбак Скјонсберг.

Наместо натпреварот, Норвежаните ќе одржат тренинг во Гринсборо.

Планот за овој дуел постоел со месеци, а норвешкиот селектор Столе Солбакен и претходно зборуваше за неговото значење во подготовките за Мундијалот.

„Тоа значи дека ќе направам повеќе промени против Мароко. Идејата беше фудбалерите кои нема да играат против Мароко да добијат дополнителни минути против Шкотска“, објасни Солбакен.

Она што предизвикува дополнителни прашања е фактот што од шкотскиот камп претходно не пристигнуваа информации за сериозни проблеми со повреди.

По убедливата победа од 4:0 над Курасао, селекторот Стив Кларк изјави дека е исклучително задоволен од состојбата во тимот.

„Нема повреди, одигравме добар натпревар и остваривме одличен резултат. Не се случува често играчите да исполнат сè што барам, па затоа сум особено задоволен“, рече Кларк.

Единствена грижа претходно беше повредата на Били Гилмор, кој мораше предвреме да го напушти теренот на натпреварот против Курасао.

Сега останува нејасно дали откажувањето на натпреварот навистина е последица на повреди или станува збор за дополнителна претпазливост пред стартот на Светското првенство.

Шкотска својот настап на Мундијалот ќе го отвори следната недела со натпревар против Хаити.

Реал и Баерн го подготвуваат најголемиот трансфер во историјата на фудбалот?!

Реал Мадрид сериозно тргна по потписот на францускиот репрезентативец Мајкл Олисе, а претседателот Флорентино Перес наводно е подготвен да испрати понуда вредна 150 милиони евра.

Иако Перес јавно не потврди дека станува збор за ѕвездата на Баерн Минхен, шпанските медиуми тврдат дека токму Олисе е главната трансферна цел на „кралевите“ ова лето.

Од Минхен веднаш испратија порака дека продажба не е опција, но шпанскиот весник „Ел Дебате“ пишува дека Баерн би можел да попушти доколку на маса се појави рекордна понуда од 225 милиони евра.

Според истиот извор, Олисе е заинтересиран за преселба на „Сантијаго Бернабе“ и веќе разговарал со своите сонародници Мбапе, Камавинга и Чуамени.

„Олисе сака да игра за Реал Мадрид следната сезона. Баерн ќе размисли за продажба само доколку добие рекордна понуда од 225 милиони евра“, наведуваат шпанските медиуми.

Доколку се реализира ваков трансфер, тој би станал најскапиот во историјата на фудбалот. Актуелниот рекорд го држи трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ во 2017 година за 222 милиони евра.

Олисе пристигна во Баерн во летото 2024 година од Кристал Палас за 53 милиони евра и се покажа како вистински погодок. Во дресот на баварскиот гигант досега одигра 107 натпревари, постигна 42 голови и запиша 54 асистенции.

За Реал Мадрид неговото евентуално доаѓање би претставувало уште еден чекор во изградбата на нов супертим, во кој веќе настапуваат Винисиус Жуниор, Родриго, Џуд Белингам и Килијан Мбапе.

Од друга страна, Баерн би добил огромна финансиска инјекција која би му овозможила да донесе неколку врвни засилувања и дополнително да го засили составот за наредните сезони.

Останува да се види дали Реал навистина ќе биде подготвен да го сруши светскиот трансфер-рекорд за да го доведе еден од најбараните офанзивци во европскиот фудбал.

Ако Англија го освои Мундијалот: Британската влада ќе организира парада вредна 500.000 фунти

Британската влада тајно подготвува планови за грандиозна прослава доколку англиската репрезентација го освои Светското првенство ова лето, објавува „Сан“.

Според информациите, државните службеници веќе работат на организација на победничка парада во Лондон, чија вредност се проценува на околу 500.000 фунти (околу 579.000 евра).

Планирано е настанот да се одржи во неделата по финалето на 19 јули, а британското Министерство за дигитализација, култура, медиуми и спорт веќе ги разгледува можните датуми и детали за организацијата.

Станува збор за една од најголемите прослави во британската спортска историја, а се очекува да привлече милиони навивачи доколку избраниците на Томас Тухел успеат да ја освојат првата светска титула по далечната 1966 година.

Високи владини претставници веќе оствариле неформални разговори со Англиската фудбалска асоцијација околу логистиката на настанот. Во плановите се вклучени отворен автобус за шампионската поворка, голема сцена во центарот на Лондон и богата забавна програма.

Дополнително, се разгледуваат и можностите колку брзо фудбалерите, предводени од Хари Кејн и Џуд Белингем, би можеле да се вратат од САД по евентуалниот триумф. Се очекува репрезентацијата да пристигне во Англија ден или два по финалето.

Извор близок до организацијата изјавил дека владата и Фудбалската асоцијација би биле изложени на сериозни критики доколку Англија стане светски шампион, а тие немаат подготвен план за прослава.

Последен пат голема национална парада беше организирана за женската репрезентација на Англија, која во 2025 година ја одбрани европската титула. Тогаш на улиците на Лондон се собраа околу 65.000 луѓе.

Од Министерството засега порачуваат дека е прерано да се зборува за евентуални прослави, но нагласуваат дека секој голем успех на англискиот спорт ќе биде одбележан на соодветен начин.

Англија го отвора Светското првенство на 17 јуни со натпревар против Хрватска.