Дома Blog Страница 10552

Пако Алкасер останува во Дортмунд до 2023 година

Борусија Дортмунд го откупи договорот на Пако Алкасер и сега шпанскиот напаѓач е „врзан“ со бундеслигашот до 2023 година. Алкасер играше како позајмен од Барселона, но „милионерите“ не сакаат да се разделат со него по завршувањето на сезонава.

Договорот на Алкасер со Борусија е вреден 21 милион евра, а можно е да отиде и до 26 милиони, во зависност од резултатите. Барса ќе добие 5 проценти од евентуалниот трансфер на Алкасер од Борусија во друг клуб. Каталонците го купија за 30 милиони од Валенсија.

Пако во Борусија замина на 28 август. Тој иако е резерва, со осум гола (во просек дава гол на секои 29 минути игра) за Борусија во германската лига, покажа дека е во животна форма.

„Многу сум среќен во Борусија. И клубот и тимот се прекрасни. Потегот да дојдам тука беше полн погодок, направив вистински избор. Ќе дадам сè од себе, со игри и голови да се заблагодарам за довербата“ – рече Шпанецот.

Навивачите на Атлетико подготвија кореографија со 67.000 картони

Утревечер на „Ванда Метрополитано“ кога ќе излезат на терен фудбалерите на Атлетико Мадрид и Барселона, на трибините ќе се кренат 67.000 картони, и тоа ќе биде најголемата кореографија во клупската историја на мадридскиот клуб.

Од Атлетико се пофалија дека тоа ќе биде најголем мозаик на трибините во нивното постоење, но не е познато каква порака ќе се испрати кога играчите заедно ќе излезат на терен пред самиот почеток во 20.45 часот, или ќе има само картони во боите на клубот.

„Во организацијата учествуваа активни членови на клубот со годишни билети, навивачи кои се разбираат од анимација, и волонтери кои го сакаат Атлетико Мадрид“ – објавија од Атлетико и додаваат дека сите кои ќе учествуваат во кореографијата, треба да седнат на своето место на половина час пред почетокот на мечот.

Фановите на Атлетико најавија дека вечерва ќе одат пред хотелот каде играчите се во карантин, да им дадат поддршка на своите миленици.

Борна Чориќ ја израдува Колинда

Борна Чориќ во три сета, со 6-2, 7-5, 6-4, го порази Жереми Шарди, и на репрезентацијата на Хрватска ѝ донесе водство од 1-0 во финалето на Дејвис купот. Финалето се игра на стадионот во Лил, но и гостите имаат голема поддршка од околу 2.000 гласни фанови, а во ложата се наоѓа и претседателката на државата, Колинда Грабар Китаровиќ.

Шарди во последен момент влета во комбинација и не ја оправда довербата. Беше целосно надигран, се виде дека не е квалитет од типот на Монфис, Симон или Гаске кои нема да играат. Проблем за тенисерите е променливата температура. Хрватска има серија од седум победи по ред на земјена подлога, па засега за Французите не им се погоди изборот на подлогата.

Во третиот сет, при 4-3, Чориќ побара медицински тајм-аут, но по третманот на квадрицепсот кој го доби, без проблеми освои уште два гејма на свој сервис, и дојде до победа.

Во вториот меч, попладнево ќе играат Жо Вилфред Цонга и Марин Чилиќ, утре е мечот во двојки, а последните две сингл пресметки се закажани за недела.

Лопетеги почна да тренира бокс (Видео)

Неодамнешниот тренер на Реал Мадрид, шпанскиот стручњак Хулен Лопетеги, стави ракавици, влезе во ринг и почна да посетува часови по бокс. За Лопетеги се шпекулираше дека е кандидат за селектор на репрезентацијата на САД, а во слободното време тој реши да се испроба во „благородната вештина“.

Поранешниот боксер и шампион на Шпанија во тој спорт, Хосе Луис Серано Валеро, на „Инстаграм“ објави видео на кое тој му држи час по бокс на фудбалскиот тренер Лопетеги. Валеро напиша дека Лопетеги има физичка сила, сега му останува да работи на техниката.

Последните 7-8 месеци од 2018 година му беа лоши на Лопетеги, го избркаа од шпанската репрезентација и од Реал, па веројатно сака „да се издува“ тренирајќи бокс.

Како му одеше на почетникот, погледнете во видеото:

https://www.youtube.com/watch?v=wkYO3jLl0zk

Хамилтон со „единица“ во Абу Даби

Во чест на новата титула, Луис Хамилтон на неделната трка во Абу Даби, која е последна од шампионатото во Формула 1 сезонава, ќе вози со болид кој ќе има број 1.

Како што Кристијано Роналдо е познат по бројот 7, а Мајкл Џордан по 23-ката, така и Хамилтон сака да го има бројот 44, но во чест на петтата титула, тој барем за еден викенд реши да биде со бројот 1 на неговиот Мерцедес. На Британецот му беше дадена дозвола на носот на „Сребрената стрела“ да му пишува број 1.

Хамилтон во 2015 и 2017 имаше опција да вози со „единица“, зачувувајќи ја традицијата светскиот првак да биде со болид на кој ќе биде бројот 1, но во тие две години, како и сега во 2018, одлучи да остане со омилената 44-ка. Од 2014 година наваму, пилотите имаат право сами да бираат кој број ќе го користат, без разлика дали се шампиони, главни во својот тим или слично.

Петкратниот првак со број 1 се тркаше само во 2009 година, годината по неговата прва титула, а во Абу Даби не е виден болид со број 1 уште од 2014, кога Себастојан Фетел имаше „кец“ на својот Ред Бул.

Просинечки со влошено здравје, заврши во болница на операција

Роберт Просинечки се жалел на проблеми со дишењето, се претпоставуваше дека причината е премореност, но целата ситуација стана сериозна и актуелниот селектор на БиХ мораше да биде опериран.

Сè уште не се објавува со какви проблеми се соочува познатиот фудбалер, последна вест е дека во прашање е операција на слепото црево, а хируршкиот зафат сè уште трае.

Просинечки не беше присутен на отворањето на новата куќа на фудбалот во БиХ, тамошните медиуми објавија дека причината за изостанокот е премор, но сега испадна дека е посериозно.

Популарниот Жути имаше успешен циклус како кормилар на селекцијата на Босна и Херцеговина. Со своите избраници го освои првото место во третата група од Сегментот Б и се промовираа како учесници во елитното друштво за следното издание на Лигата на нациите. Патем, БиХ ќе игра и полуфинале на патот кон пласман на Европското првенство во 2020 година.

Челзи и Ливерпул здивнаа – Петки за Канте и за Мане

Садио Мане останува во Ливерпул до 2023 година, а потпис на нов петгодишен договор стави и Н`голо Канте за Челзи.

Двајцата одлични играчи нема да ја менуваат средината, што предизвика воодушевување кај навивачите на Ливерпул и на Челзи.

„Го направив најдобриот потег во мојата кариера. Пресреќен сум што ќе продолжам да играм за Ливерпул. Се надевам дека ќе помогнам многу трофеи да пристигнат на ‘Енфилд роуд’“, изјави Мане.

Светскиот првак со Франција Н`голо Канте не се двоумеше воопшто и останува на „Стемфорд бриџ“ уште пет години. Сега има и подобрен договор со околу 300 илјади евра неделна плата, што е речиси двојно повеќе од таа што ја добиваше досега.

„Среќен сум што ќе продолжам да играм за Челзи. Во овие две години постигнав многу во клубот, освоив награди и трофеи за кои сонував во кариерата. Го сакам клубот, одлично се прилагодив на Лондон и задоволен сум што ја продолжуваме соработката“, вели Канте.

 

Мурињо пак влезе во војна со своите фудбалери

Возбудувањата на клупски план повторно се актуелни, а со тоа автоматски следува ново шоу на менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо. Пред утрешниот меч против Кристал палас, португалскиот стратег на „пик“ стави четворица негови играчи. За Лук Шоу, Антони Марсијал, Џеси Лингард и Маркус Рашфорд, Мурињо рече дека се незрели личности.

„Им недостасува зрелост. Да бидам појасен, кога ќе кажам дека им недостасува зрелост, мислам на нивните личности. Порано имаше повеќе машкост, повеќе зрелост. Сега се размазени детишта, затоа што децата денеска имаат сè што ќе посакаат. Луѓето околу нив им даваат премногу значење. Денеска сите некако побавно созреваат. Лук Шоу е голем потенцијал, но не знае како да се однесува. Исто е и со Марсијал, Лингард, Рашфорд. Тоа се млади играчи со голем потенцијал, но им недостасува карактер“, вели Мурињо.

Манчестер е под посакуваното ниво и по 12 меча се наоѓа на осмото место со 20 бодови, дури 12 помалку од лидерот Манчестер Сити.

 

Светска фудбалска журка – За реваншот меѓу Ривер и Бока пристигнале барања за 882 новинарски акредитации

Неверојатни 882 барања за новинарски акредитации стигнале на адресата на Ривер плате за утрешниот финален реванш-меч со Бока јуниорс во Копа Либертадорес што ќе се игра на „Ел Монументал“. Од нив прифатени и одбрени се 178 за домашните медиуми и 78 за странските известувачи.

Аргентинците имаат со што да се пофалат, кај нив се игра Суперкласико, најголемото дерби на планетата, а и странските медиуми истакнуваат дека тоа е вистинска светска фудбалска забава.

Полна „Ла Бомобонера“ на првиот меч што заврши нерешено 2-2 пред повеќе од 50 илјади гледачи и исто толку симпатизери на Бока јуниорс на еден од последните тренинзи, над 100 странски медиуми на реваншот на „Ел Монументал“, кој сигурно ќе „крца“ и ќе го пополни капацитетот од малку повеќе од 70 илјади френетични навивачи на Ривер, традиција од 105 години жестоки меѓусебни дуели на вечните ривали од Буенос Аирес се само дел од бројките кои со право го величаат Суперкласико како најголемо светско фудбалско дерби.

Реваншот ќе се игра утре, од 21 часот, а како што е веќе познато, според договорот на двата клуба, ниту на реваншот ќе нема гостински навивачи.

 

Лазаревски: Силкеборг е најквалитетен во нашата група, но Металург нема што да загуби

Силкеборг е лидер во групата Ц и е фаворит на гостувањето кај Металург утре, од 17.30 часот, во меч од Лигата на шампионите, но младиот состав на скопјани ќе игра без преголем респект кон Нодезбо, Кнудсен и останатите проверени и познати европски ракометни имиња во данскиот состав.

„Силкеборг е најквалитетната екипа во нашата група, но ние ќе играме без респект и на победа. Имињата на Нодезбо и на Кнудсен доволно говорат со каков квалитет располагаат гостите. Ние сме млада екипа, желна за победи. Во Данска премногу им дозволивме да играат и не надиграа, а верувам дека утре во Скопје ќе биде поинаку“, вели младиот пикер на Металург, Милан Лазаревски.

Првиот меч меѓу овие две екипи покрај убедливиот пораз на Металург од 25:33, го одбележа и исклучувањето на тренерот на гостите Данило Брестовац.

Сега тој ветува дека ќе биде посмирен, а останува и да смисли тактика за подвиг на младиот состав што го предводи од клупата.

„Имаше чудни одлуки на судиите на тој меч, но тоа сега е минато. Добро ги анализиравме и верувам дека можеме да им се спротивставиме. На секој меч ги бодрам овие млади момчиња дека имаат квалитет да се носат со ривалите во нашата група. Знам дека сме зад Силкеборг со квалитетот, тие имаат ракометари од врвен калибар, какви што се Нодезбо и Кнудсен, но верувам дека достојно ќе им се спротивставиме“, изјави Брестовац.

Металург по 8 кола, има само една победа и 7 порази, но не се предава и ќе бара шанса за втор триумф уште утре, против фаворитот Силкеборг, од 17.30 часот.