Дома Blog Страница 10554

Александар Трајковски во идеалниот тим од Сегментот Д во Лигата на нациите

Репрезентативецот Александар Трајковски заслужено се најде во идеалниот тим во Сегментот Д од Лигата на нациите. Според веб-страницата за фудбалска статистика „Whoscored“, Трајковски е единствениот Македонец во дрим-тимот, а според неговите игри, неговата просечна оценка е 7.62.

Напаѓачот на Палермо постигна три погодоци во двомечевите против Лихтенштајн, Гибралтар и Ерменија и со тоа придонесе за нашиот национален тим да се избори за првото место во групата 4 од Сегментот Д.

Симеоне остана без опции: Годин, Хименес, Хуанфран ја пропуштаат Барселона

Диего Симеоне се соочува со големи проблеми само на два дена пред дербито со Барселона. Аргентинскиот стратег ќе мора да ја „скрпи“ одбраната бидејќи стандардното дуо Годин-Хименес денес не тренираше со тимот.

Шпанските медиуми најавија дека двајцата нема да бидат подготвени за дуелот во сабота, а според последните информации, од конкуренција за настап отпадна и десниот бек Хуанфран.

Под знак прашалник е и Стефан Савиќ, кој е трета опција на Симеоне, додека се очекува Лукас од првата минута да почне како централен дефанзивец, наместо на неговата природна лева бековска позиција.

Вертонген се враќа во составот на Тотенхем за дуелот со Челзи

Јан Вертонген може да се најде во составот на Тотенхем за дуелот со Челзи, градското дерби кое ќе се одигра во сабота (18.30 часот). Белгиецот поради повреда на лигаментите, ги пропушти последните девет средби на „петлите“, а викендов може да заврши неговата двомесечна пауза.

Ова се одлични вести за тимот на Маурисио Покетино, кои стигнаа во многу важен момент, особено откако Давинсон Санчес се повреди и ќе биде аут еден месец.

„Вертонген тренираше заедно со остатокот од првиот тим, но за конечна одлука ќе треба да почекаме до утре. Тој е многу важен играч за нас, се враќа во важен период од сезоната“, истакна Покетино.

Прв триумф на Кожув во БИБЛ-лигата

Кожув стави крај на серијата од три порази во балканската кошаркарска лига откако денес со конечни 82:73 триумфираше над Барси Атирау.

Кожув успеа да надомести негатива од -10 во воведните 10 минути од мечот, а пресудна беше втората четвртина, која гевгеличани ја освоија со 20-8, па во остатокот од средбата го држеа резултатот во своја корист. Македонскиот претставник имаше и +24 по стартот на третиот период, но до крајот на средбата тимот од Казахстан полека ја топеше големата разлика, меѓутоа отпорот беше недоволен.

Луис Џуниор беше најефикасниот кошаркар во редовите на Кожув, со 18 поени и седум асистенции. Караколев додаде 17, Пековиќ 15 поени, додека Мишковиќ за победата придонесе со дабл-дабл учинок од 14 поени и 13 скока. Кај поразените, најефикасен беше Климов со 19 поени.

Роберт Кубица ќе вози за тимот на Вилијамс во Ф1

Роберт Кубица се враќа на сцената на Ф1 по девет години пауза, од сезоната 2019 ќе вози за тимот на Вилијамс. Неговото враќање значи дека Кубица целосно ги надмина повредите на десната рака, кои ги заработи на рели-трка во 2011 година, по што паузираше неколку години од секакви тркачки активности.

Последното учество на Кубица во Формула 1 беше на последната трка од сезоната 2010. Триесет и тригодишниот возач е познат како првиот Полјак кој бил дел од Формула 1.

Во тимот на Вилијамс, колега на Кубица ќе биде младиот Џорџ Расел, кој моментално се натпреварува во Формула 2.

Ова е љубов кон клубот – цел ден се чека влез на тренингот на Бока

Навивачи на Бока јуниорс уште кога дознаа дека клубот ќе држи отворен тренинг, почнаа да се собираат пред стадионот „Ла Бомбонбера“ и да чекаат да се отворат вратите за да им дадат поддршка на фудбалерите пред саботното гостување во реваншот од Копа Либертадорес кај лутиот градски ривал Ривер плате.

Тренингот е закажан за 22 часот по македонско време, а фановите на Бока веќе 12 часа трпеливо чекаат пред вратите. Пасијата кон клубот е огромна кај нив, не сакаат да ја пропуштат шансата да им дадат мотив на играчите.

Од Ривер плате објавија дека пред мечот нема да има кореографија и мозаик од картони, туку 35.000 балони и она што е традиционално за аргентинските стадиони, ленти, кои ќе ги има 450 на број.

Атмосферата ќе потсетува на меч од полуфиналето на Копа Либертадорес од 2015 против Тигрес. На трибините ќе има 66.266 навивачи на „милионерите“, Суперкласикото ќе биде спектакл.

Финалето на Дејвис купот го отвораат Шарди и Чориќ

Жереми Шарди и Борна Чориќ утре, од 14 часот го отвораат финалето на Дејвис купот во тенис, а по нив, ждрепката сакаше на терен да истрчаат Жо-Вилфред Цонга и Марин Чилиќ. Финалето на ова престижно натпреварување се игра на земјена подлога на стадионот во Лил, кој беше прилагоден за тенис, па останува да се види кој ќе се снајде подобро.

Присуството на Шарди е мало изненадување, се очекуваше да игра Лук Пуј, но селекторот Јаник Ноа веројатно повеќе верува во искусниот Шарди. Во сабота се игра мечот во двојки, што значи дека едни против други ќе се најдат Ербер и Мау против Павиќ и Додиг.

Французите имаат десет титули и уште осум загубени финалиња, додека за Хрватите ова е трето учество во финале и ја бркаат втората титула. Хрватите важат за благи фаворити бидејќи играчите им се подобро рангирани, но Франција е домаќин и бранител на трофејот.

Оперирано коленото на Борозан, аут до крајот на јануари

Левиот бек на Вардар, Вуко Борозан, денеска имаше операција на коленото. Повредата го мачеше подолго време, па иако на некои натпревари играше со болки, со цел побрзо да биде подготвен за вториот дел од сезоната, мораше да му се изврши хируршки зафат.

„Операцијата мина добро. Им благодарам на сите што се грижеа за мене и за моето здравје. Следува пауза од два месеца. Се гледаме брзо“, вели Вуко Борозан.

Проблемите траejа неколку месеци, а првично беше планирано оперативниот зафат да биде извршен откако ќе завршат натпреварите од Лигата на шампионите. Борозан не настапуваше на мечевите од СЕХА-лигата.

Вардар викендов игра меч од Лигата на шампионите против Мешков Брест во Белорусија. На местото на Борозан, за Брест отпатува Словенецот Грегор Оцвирк.

 

Ибра: Јас сум од планетата Златан

Златан Ибрахимовиќ, кој честопати дава контроверзни изјави во кои кажува колку високо мислење има за себе, овојпат кажа дека живее во свој затворен свет, таканаречена „Планетата Златан“.

Швеѓанецот објасни како изгледа неговиот живот во таа планета.

„Доаѓам од своја планета, нешто што никој друг не може да го види. Јас сум оттаму, нешто како затворено гето. Луѓето кои не се од мојата планета ме гледаат чудно, не сум добредојден кај нив, прават да не се чувствувам исто како другите. Мојата сопствена планета се вика Златан“, изјави Ибрахимовиќ.

Ибрахимовиќ додаде и дека кога играл во Англија, сите биле против него, велеле дека со 35 години нема што да понуди, но со своите игри, тој направил Премиер лигата да изгледа старо и му требале три месеци да покаже кој е и што е.

Марадона: Со Скалони, Аргентина на СП само во мотоциклизам

Додека Аргентинците се во еуфорија по победата над Мексико, кога Мауро Икарди и Пауло Дибала покажаа дека во отсуство на Лионел Меси може да бидат лидери на тимот и го испофалија селекторот Лионел Скалони, славниот Диего Армандо Марадона продолжува да контрира.

Зборот на Марадона се слуша во Аргентина, но овојпат со неговото мислење не се сложува мнозинството. Резултатите говорат дека на Скалони треба да му се даде шанса да биде постојан, а не само привремен селектор на „албиселесте“. Марадона мисли дека вистински човек за селектор е Херардо „Тата“ Мартино.

„Не ми се допаѓа што дозволуваме Тата Мартино да стане селектор на Мексико наместо ние да го ангажираме. Сум играл со него во Њуелс олд бојс и знам дека е прекрасен човек. Скалони е на функцијата против негова волја. Го туркаат, вели дека сака да оди на Мундијал. Не, тој може да оди на СП само во мотоциклизам, а не во фудбал. Како може да имаме селектор кој не освоил ниту еден трофеј, а Тата им го препуштаме на Мексиканците“, напаѓа Марадона.