Дома Blog Страница 10601

Локомотив докажа дека не заслужува да биде прв носител

Поразот од Порто дефинитивно го исфрли Локомотив Москва од битката за едно од првите две места во групата од Лигата на шампионите, и со тоа рускиот првак покажа дека не заслужи да биде во првиот шешир при ждрепката.

Освен што при ждрепката беше во друштво на најголемите, благодарение на големиот коефициент на УЕФА кој го има Русија, Локо имаше среќа што не му се паднаа тимови како Ливерпул, Борусија Дортмунд, Интер и слични, туку се најде и во најлесната група, со Порто, Шалке и Галатасарај, но и таму не помина и уште нема бод по четири рунди.

Ваква катастрофа на еден прв носител му се има случено само уште на Блекбурн во 1995 година. Тогаш Роверс како англиски првак се најде меѓу повластените, но залудно, и по четири кола немаше шанса за оди понатаму.

На ваква атмосфера и Ливерпул не знаеше каде се наоѓа (Видео)

Ливерпул е познат како клуб кој ги има едни од најдобрите и најверните навивачи во светот. Атмосферата на „Енфилд Роуд“ секогаш е фантастична и имаат бучна поддршка од своите фанови. Сепак, синоќа играчите на Ливерпул доживеаа нешто што не го очекуваа. Ја почувствуваа атмосферата на популарната „Маракана“ во Белград и буквално се изгубија на теренот.

Навивачите на Црвена Ѕвезда уште еднаш потврдија дека буквално се 12 играч на теренот. Кореографијата која ја направија пред почетокот на мечот и навивањето од кое не можеше да се слушне ниту химната на Лигата на шампиони, едноставно беа како најава за „пеколот“ што Ливерпул го доживеа во 90 минути на теренот во Белград.

Со вакви навивачи како на Црвена Ѕвезда, не е ни чудно што може да се победи и петкратниот европски првак Ливерпул.

 

Како Црвена ѕвезда го победи тимот кој вреди 500 милиони евра повеќе?

Парите имаат значајна улога во фудбалот, но дека не секогаш се најважни, покажа Црвена ѕвезда на синоќешниот дуел против Ливерпул. Англискиот гигант беше огромен фаворит за победа на мечот во Белград, но на теренот ситуацијата беше поинаква.

Ливерпул со ѕвезди како Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино „тежи“ дури 522 милиони евра, додека вредноста на играчите на Црвена ѕвезда е само 21,2 милиони евра. Сепак, на теренот на стадионот „Рајко Митиќ“ не играа парите, туку желбата за победа.

Сите играчи во „црвено-бели“ дресови во текот на сите 90 минути воопшто не се штедеа. Статистиката покажува дека против Ливерпул, играчите на Црвена ѕвезда истрчале вкупно 115,6 километри, додека гостите во оваа категорија се речиси со шест километри помалку претрчано. Домашните фудбалери знаеја како да се борат, но да не направат ни фаул. За цел меч, судијата покажа само осум прекршоци на Црвена ѕвезда и ниту еден не беше во опасната зона, што можеше да биде потенцијален гол за ривалот.

Салах, Мане, Стариџ и Фирмино делуваат отсечено во нападот и не ни можеа да создадат чиста ситуација за погодок, посебно не од добро смислена акција. Но тоа и не е случајно. Неверојатна е одбраната на Ѕвезда пред своите навивачи. Во досегашните шест меча во ЛШ, вклучувајќи ги и квалификациите, српскиот првак прими само еден гол. Спартак Трнава погоди на „Рајко Митиќ“, додека останатите пет ривали, меѓу кои се Наполи и Ливерпул, беа немоќни.

Статистиката покажува дека од последните 62 удари на противниците во европските натпреварувања, кон голот на „црвено-белите“, немало ниту еден погодок (тука не се сметаат дуелите од квалификациите).

Ливерпул за првпат во клупската историја има три порази по ред на гостински терен во ЛШ. Едноставно, Црвена ѕвезда руши бариери и покажува како со срце и желба сè е возможно.

Меколум ни со „клизачи“ не можеа да го сопрат (Видео)

Во еден од четирите меча кои утрово се играа во НБА-лигата, Портланд со 118:103 победи во дербито против Милвоки. За Портланд ова е осма победа во 11 мечa, додека Милвоки го претрпе само вториот пораз по 10 одиграни средби. Домаќините ги добија сите четири четвртини и заслуженo се радуваа во меч на кој блесна Си Џеј Меколум со 40 поени дадени само за 35 минути поминати на теренот.

Во дуелот на двата тима кои имаа биланс од 2 победи и 7 порази, Далас беше подобар од Вашингтон, и тоа прилично лесно стигна до победата од 119:100. Мечот беше решен уште по првите 24 минути игра, кога домаќините имаа водство од 70:49. Предноста на домашен терен ја искористи и Шарлот против Атланта (113:102).

Бруклин е единствениот тим кој ноќеска победи на гости. „Мрежичките“ влегоа во добра серија и стигнаа до третата победа во четвртиот натпревар, откако без проблеми со 104:82 славеа кај Феникс. За „сонцата“ ова беше осми пораз во 10 средби и се најслаб тим на Западната конференција.

Влезе во игра, веднаш даде гол за Барселона и заплака (Видео)

Барселона одигра 1-1 против Интер на „Џузепе Меаца“, но и тоа е резултат кој им одговара на гостите. Каталонскиот гигант поведе со голот на Малком во 82-рата минута, а многу брзо потоа израмни Мауро Икарди.

Малком со многу емоции го прослави дебитантскиот гол за Барселона. Тој влезе во игра во 80-тата минута на местото на Дембеле, а само стотина секунди подоцна даде гол. По постигнувањето на погодокот, Бразилецот се расплака од радост.

 

Наполи и ПСЖ пак ремизираа, со идентични 1-1 одиграа Интер и Барса

Наполи и ПСЖ ремизираа при конечни 1-1 на „Сан Паоло“. Бернат донесе предност за „светците“ пред крајот на првото полувреме, додека Инсиње беше прецизен од белата точка во 63-тата минута.

Интер и Барселона со идентичен резултат ја завршија средбата на „Џузепе Меаца“. Во рамките од четвртото коло во ЛШ, „нераѕурите“ успеаја да се спасат од пораз против шпанскиот првак. Прво Малком стрелаше во 83-тата минута за предност на Барса, но набрзо потоа Икарди израмни за конечни 1-1.

Атлетико Мадрид со 2-0 го совлада тимот на Борусија Дортмунд. Саул ги израдува присутните на „Ванда Метрополитано“ во 33-тата минута, додека во вториот дел Гриезман зголеми и го постави конечниот исход во 80-тата минута.

Хари Кејн е херојот на Тотенхем, откако „петлите“ со пресврт од 2-1 против ПСВ ја запишаа првата победа во групната фаза. Холандскиот првак уште во втората минута од средбата поведе преку Де Јонг, додека англискиот голгетер на два пати ја тресеше мрежата во вториот дел.

Прво Кејн погоди во 78-мата минута, додека пресвртот се случи во 89-тата минута.

Резултати Лига на шампион 4. коло:

Атлетико Мадрид – Б. Дортмунд 2-0

Интер – Барселона 1-1

Наполи – ПСЖ 1-1

Порто – Локомотив Москва 4-1

Шалке – Галатасарај 2-0

Тотенхем – ПСВ 2-1

Успешна генералката пред Барса – Вардар го совлада Нексе

Ракометарите на Вардар беа подобри од хрватски Нексе со 31:25 и со победа во дербито на регионалната СЕХА, на моменти покажаа дека се во задоволителна форма пред дуелот од Лигата на шампионите со Барселона в недела. За Вардарци заврши црната мини-серија од два порази по ред во СЕХА-конкуренцијата.

Вардарци не потрошија премногу сила, во првото полувреме најавија дека се решени да го победат Нексе и да се изедначат со него по бројот на бодови, па сега Загреб е осамен на врвот со предност од три бода. Во вториот дел немаше поголеми серии на едната или другата страна, Вардар водеше постојано, Нексе бркаше, беше блиску, но не успеа да ја стопи целосно својата негатива.

Во редовите на „црвено-црните“, руските крила Дибиров и Шишкарев дадоа по 4 гола, Криштопанс и Дисингер дадоа по три, Скубе имаше четири асистенции, а Гедбан имаше пет одбрани.

Утре Металург ја пречекува Стеауа.

Српскиот првак веќе заработи 20 милиони евра од ЛШ!

Црвена ѕвезда има двојна причина за славење вечерва. Неочекуваната победа против Ливерпул освен што донесе три бода, на тимот од стадионот „Рајко Митиќ“ му донесе и многу пари. Според пресметките, српскиот првак сезонава досега заработи 20 милиони евра.

Победата над Ливерпул значеше нови 2,7 милиони евра, кои ако се додадат на 900.000 евра заработени од бодот освоен против Наполи, Црвена ѕвезда досега од четирите освоени бода вкупно има заработено 3,6 милиони евра. На оваа сума треба да се додадат и 15.250.000 евра кои ги добија сите 32 учесника во групната фаза. Низ квалификациите, Ѕвезда заработи 1.140.000 евра, што значи дека досега вкупно „црвено-белите“ имаат заработено 19.900.000 евра од настапите во ЛШ. Во оваа сума не се пресметани и парите кои треба да ги добијат од ТВ-правата, како и финансиите заработени од продадените влезници. На двата домашни меча, стадионот на Ѕвезда беше полн, што значи и многу пари од  продадените билети.

Едноставно, Црвена ѕвезда на вистински начин го искористи фактот дека успеа да се пласира во групната фаза од елитното натпреварување на УЕФА.

 

Клоп: Добра атмосфера, направивме многу грешки

Црвена ѕвезда заслужено триумфираше со 2-0 над Ливерпул во мечот од четвртот коло во Лигата на шампионите. Јирген Клоп по средбата истакна дека победата за „црвено-белите“ е сосема заслужена, а една од причините за поразот се неискористените шанси на неговите избраници.

„Потребни ми се повеќе од 10 прсти за да ги набројам грешките кои ги направивме. Стариџ промаши добра шанса, секој гол на овој меч водеше кон посебна насока. Направивме премногу прекини, а вториот гол се случи од никаква ситуација. Имавме добри и лоши моменти, доминиравме во вториот дел, но залудно. Им честитам на фудбалерите на Ѕвезда, ја заслужија победата и трите бода. Атмосферата беше добра, но не толку посебна за да не можеме да се фокусираме на фудбалот“, истакна Клоп по натпреварот.

Од каде се појави новиот херој на Црвена ѕвезда, Милан Павков?

Црвена ѕвезда го направи најголемото изненадување во досегашниот дел од Лигата на шампиони. На стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград, „црвено-белите“ со 2-0 го победија актуелниот европски вицепрвак Ливерпул. Ѕвезда покажа како со многу желба, борба и без страв може да се победи секој противник, па дури и тој да се вика Ливерпул.

Милан Павков ги даде двата гола во првото полувреме за голема радост на околу 60.000 гледачи на стадионот. Најпрво Павков со глава погоди за 1-0, покажувајќи дека и против Англичаните може да доминира во скок-играта, а потоа да погоди и од далечина, кога упати вистинска „бомба“ и го совлада бразилскиот репрезентативен чувар Алисон.

Многумина се прашуваат кој е Милан Павков, новиот херој на Црвена ѕвезда? Напаѓачот кој е роден во Нови Сад пред 24 години започнал во РФК Нови Сад, а потоа играл и во Младост Бачки Петрол. Во 2013 година се пресели во ЧСК Челарево од Бачка Паланка. Таму се промовирал во прв стрелец на Српската лига Војводина, постигнувајќи 18 гола во 27 меча.

По таа игра, добил понуда да заигра за Војводина, но во јуни 2016 година го раскинува договорот. Раднички Ниш го довел Павков и потпиша тригодишен договор. Како играч на Раднички успева да им даде голови и на Партизан и на Црвена ѕвезда. Токму од Ѕвезда решаваат да го купат и за него платија 300.000 евра, пари кои Павков ги врати, и тоа повеќекратно само со двата гола против Ливерпул.

„Павков го знам уште од третата лига, кога го забележав бидејќи ни беше потребен таков тип играч. Сепак, не смеев да го доведам од третата лига, не бев доволно убеден во него. Кога отидов да гледам еден меч на Раднички Ниш, Павков одигра одлично. Знаеше да се загради, да игра со глава, да ја задржи топката. Тогаш и решив да го доведам“, открива генералниот директор на Црвена ѕвезда, Ѕвездан Терзиќ.

Едноставно, играчот кој до неодамна беше во третата лига, сега блесна против Ливерпул и се претвори во нов херој на сите фанови на „црвено-белите“. Павков е уште една убава приказна за тоа како никогаш не треба да се откажеш и мора да се биде упорен, а со многу труд и желба, се стигнува до посакуваната цел.