Правила, правила… Непочитувањето ни донесе казна во Ереван

Македонија имаше исклучително лош ден во Ереван, но поразот од 0-4 од Ерменија си има свои логични причини. Последица е дебаклот, кој е тежок, но може да се преболи на патот кон првото место во четвртата група од Сегментот Д.

Конечната цел е да се обезбеди настап во плејфот со трите победници од останатите групи и Македонија е фаворит за пат кон завршницата.

Но, не смееме повеќе да си дозволиме ваков кикс, кој скапо би не чинел во преостанатите два меча, со Лихтенштајн на гости и со Гибралтар дома.

Стандардните напред, останатите на клупата за резерви

Првата грешка на селекторот Игор Ангеловски е инсистирањето Столе Димитриевски да биде прв голман, иако тој не брани во својот клуб. Чуварот на нашата мрежа направи три големи грешки, што Ерменците умешно ги казнија.

Во Рајо Валјекано не брани, откако на почетокот на сезоната пристигна во шпанскиот прволигаш, и тоа веднаш се почуствува во неговите несигурни интервенции. Штета е и за самиот голман на ваков начин сега да биде на столбот на срамот, иако беше еден од најсигурните во нашата репрезентација. Но, тоа беше така додека се почитуваше фудбалското правило, кое и самиот селектор го наметнува. Кој игра, или во случајот на Димитриевски брани стандардно во својот клуб, има место на теренот. Останатите на клупа. Правило кое сам го наметна селекторот и мора да го почитува, без исклучок.

На капитенот му треба одмор

Кога Горан Пандев игра како што знае, нашата репрезентација функционира беспрекорно, но во нашиот стручен штаб веројатно подзаборавија дека капитенот има полни 35 години. Против Ерменија можеше и да одмори, но сосема неочекувано Гранде Пандев остана до крај на теренот. Сосема непотребно, особено што и дополнително се замори, а патем и загубивме катастрофално со 0-4. Двоен зијан и за нас и за нашиот најдобар играч во новиот милениум. Очигледно е дека Пандев не може веќе да го издржи ритамот и со настапи во Џенова и за нашата репрезентација. А, против наострените Ерменци, кои на моменти играа и мошне грубо, 90 и кусур минути за Гоче, беше лоша одлука на селекторот и неговиот стручен штаб.

Не го прочитавме ерменскиот план, го загубивме Елмас

Ерменците не дочекаа на нож, нешто што можеше и да се очекува по нивниот срамен пораз од Гибралтар. Ние и пред дуелот во Ереван и сега, по тешкиот пораз од 0-4, сами си ја кроиме судбината во битката за првото место. Но, изненадувачки си дозволивме да влетаме во „тепачка“ на теренот со домаќините, кои очигледно и беа подготвени на таква тактика. И во една таква непотребна битка го загубивме и Елиф Елмас, кој доби црвен картон и нема да игра против Лихтенштајн на 16-ти ноември. Тој меч сега ќе биде клучен и во Вадуц, не смееме да дозволиме сензација која би нè исфрлила од битката за првото место во нашата група. Елмас е значаен играч за нас и повеќе од наивно го загубивме за следниот меч.

Поразот во Ереван е тежок, но може лесно да се преболи ако го одбраниме првото место. Досега репрезентативците играа одлично, имаа долга серија од 10 меча без пораз и повторно имаат чиста ситуација, но фудбалските правила не смеат да се игнорираат.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести