
Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер (20.45 часот) игра против Република Ирска, во дуел на двете поразени селекции од полуфиналниот плејоф за пласман на Светското првенство. Мечот се игра на стадионот „Авива“ и билетите се веќе распродадени.
Селекторот Гоце Седлоски вели дека мотивацијата кај фудбалерите мора да остане максимална затоа што се носи дресот на националниот тим.
„Поразите болат, тоа е јасно. Сите нѐ боли тој пораз од Данска, но мирни сме. Момците работат добро, ќе мора да одиграме подобро. Ги знализиравме грешките од мечот со Данска, сега останува фудбалерите кои ќе добијат шанса да го покажат најдобро од себе. Ме радува заедништвото на фудбалерите, а што се однесува до утрешниот меч, треба да покажеме карактер и цврстина во дуелите. Гледавме два натпревари на Ирците, против Чесите играа цврсто и со многу воздушни дуели, но против Унгарците претходно покажаа и дека се одлично технички потковани. Нѐ очекува тежок натпревар, ќе им дадам шанса и на неколку други фудбалери, па се надевам дека ќе ја искористат шансата. Мора да напоменам дека вратата од репрезентацијата за никого не е затворена и секој одлучува дали сака да игра за државата Македонија. Сите играат за Македонија, не за селекторот или за некој од соиграчите“, истакна селекторот Гоце Седлоски.



