Дома Blog Страница 28

Светски шампион со Франција тврди: „Мбапе е себичен, ПСЖ е посилен без него“

Поранешниот француски репрезентативец и светски шампион со „триколорите“, Емануел Пети, го обвини Килијан Мбапе дека внел себичност во соблекувалната на Реал Мадрид по елиминацијата на шпанскиот гигант од Лигата на шампионите од Баерн Минхен.

Пети, кој работи како стручен коментатор за француската телевизија „РМЦ“, остро го критикуваше Мбапе по поразот.

„Мбапе не е единствениот виновник, но неговото доаѓање внесе себичност во соблекувалната на Реал. Ова е фијаско“, изјави Пети.

Тој посочи и дека ПСЖ станал посилен откако Мбапе го напушти тимот во 2024 година.

„Времето навистина не му оди во прилог. Сега ПСЖ игра како тим, феноменални се. Сите се обединети, дишат како едно“, рече тој.

Откако пристигна во Реал пред две години, Мбапе сè уште нема освоено ниту еден трофеј со „кралскиот“ клуб.

Од друга страна, ПСЖ минатата сезона стана европски шампион, а оваа сезона се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Челзи трипати во „пречка“, Јунајтед победи од единствениот шут (Видео)

Манчестер јунајтед со минимални 0-1 славеше во дерби-мечот против Челзи на „Стемфорд Бриџ“. Извесно е дека „црвените ѓаволи“ следната сезона ќе играат во Лигата на шампионите, па најзадоволни од ваквиот исход може да бидат во Ливерпул, бидејќи токму Челзи е најголемиот конкурент за петтото место место и пласманот во елитната конкуренција.

Матеус Куња во 43-тата минута беше стрелец на единствениот гол на мечот, а фудбалерите на Челзи дури трипати ја погодија рамката од голот на „црвените ѓаволи“. Воедно ударот на Куња беше единствениот кој го упатија гостите во рамки од противничкиот гол.

Манчестер јунајтед со 58 бода останува на третата позиција, додека Челзи е шестти со 48 поени, четири помалку од Ливерпул во битката за петтото место и пласманот во Лигата на шампионите.

Флорентино Перес одлучил: Арбелоа ќе добие отказ на крајот од сезонава!

Шпанските медиуми вечерва сензационално пренесуваат дека раководството на Реал Мадрид, предводено од Флорентино Перес, веќе донело одлука на крајот од оваа сезона да му се заблагодари на Алваро Арбелоа и да тргне во потрага по нов тренер.

„Кралевите“ и втора сезона по ред нема да освојат трофеј, секако доколку не се случи чудо и завршат пред Барселона во Ла Лига, но „каталонците“ во моментов имаат предност од девет бода.

Алваро Арбелоа дојде на местото на Чаби Алонсо и во никој случај не може да биде главниот виновник за лошите резултати, сепак, раководството на „кралевите“ посакуваат тренер кој ќе ги врати на шампионските патеки.

43-годишниот Шпанец го предводеше Реал Мадрид на 21 натпревар со ефект од 13 победи, едно реми и седум порази.

Барселона нема да смета на позајмените фудбалери, судбината на голманите зависи од Шчесни

Спортскиот директор на Барселона, Деко, заедно со тренерот Ханси Флик, донеле одлука дека за следната сезона нема да сметаат на позајмените фудбалери кои во моментов настапуваат за други екипи. Единствено неизвесна е ситуацијата со голманите, а дали Марк-Андре тер Штеген или Ињаки Пења ќе се вратат на „Камп Ноу“ ќе зависи единствено од Војчех Шчесни.

Ако полскиот голман одлучи да се пензионира, тогаш во Барселона ќе има простор за враќање на еден од голманите. Во спротивно или ќе бидат продадени или повторно ќе бидат испратени на позајмица. Истото се однесува и младиот голман, Арон Јакобашвили, кој е позајмен во второтлигашот Андора.

Што се однесува до фудбалерите, оваа одлука ќе значи дека за Ансу Фати и за Хектор Форт нема да има место на „Камп Ноу“ ниту следната сезона. Фати во моментов е на позајмица во Монако, додека Форт настапува за Елче.

Ѓорче Петров и Спартак во битка за трофејот од женскиот ракометен Куп на Македонија

Ѓорче Петров и Спартак ќе играат за трофејот од женскиот ракометен Куп на Македонија во недела со почеток од 17 часот во салата „Парк“ во Струмица. Бранителот на двојната круна, Ѓорче Петров, очекувано дојде до финалето, откако во полуфиналето славеше со убедливи 37-15 над битолски Пелистер.

Ако пласманот на Ѓорче Петров во финалето е очекуван, тогаш вистинска сензација претставува победата на Спартак над Чаир од 24-23. Екипата од скопска Кисела Вода дојде како дебитант на завршниот турнир во Струмица и успеа да го елиминира фаворитот, кој последните две години играше во мечот за трофејот.

Спартак првпат во својата историја ќе има можност да игра за трофеј, а дуелот против моментално најдобрата женска ракометна екипа во Македонија, Ѓорче Петров, ќе биде вистински предизвик за екипата која зимава се засили со неколку ракометарки од редовите на распаднатиот суперлигаш Металург Автокоманда.

Мијатовиќ го критикува Реал: „Две сезони без трофеј е сериозен неуспех“

Легендарниот напаѓач и поранешен спортски директор на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ, ја анализираше ситуацијата во „кралскиот“ клуб по елиминацијата од Баерн Минхен и сезоната без трофеи.

Тој истакна дека е многу сериозно тоа што втора сезона по ред Реал нема да освои ниту еден трофеј.

„Две ‘празни’ сезони и тоа е многу сериозно за Реал Мадрид. Затоа е тоа најголемиот клуб во светот. Да не освоиш ништо е неуспех. Во денешниот фудбал не може секогаш да се победува, а ние, мадридистите, сме лошо навикнати. Да се освојат шест титули во Лигата на шампионите во последните години никој никогаш нема да го повтори. Сега треба повторно да се изгради тим за да се победува“, изјави тој.

Мијатовиќ не го гледа главниот проблем кај напаѓачите како Килијан Мбапе и Винисиус.

„Мбапе дојде да постигнува голови и тоа го прави. Винисиус имаше добри сезони и се појавува на важни натпревари, иако последниот пат немаше среќа. Ќе мора да го промени своето однесување, а тоа сум го кажал многу пати. Ме обвинија дека имам нешто против него, но има работи што не ми се допаѓаат. Тоа не ја намалува важноста на тимот“, рече и продолжи:

„На пример, Зидан беше најдобар во еден период, но лидер на Франција беше Дешан. Сега му недостигаат Јеро, Рамос, Раул… Некој што на теренот може да направи две-три работи и да го ‘подреди оркестарот’. Лидер, тренер на теренот. Реал Мадрид има одлични играчи, но не гледам фигура што ќе каже: ‘Што, по ѓаволите, правите!’“

Работнички загуби и се уште стравува за опстанокот, Ангели направија „магичен“ пресврт

Второто коло од плејофот и плејаутот на кошаркарската Супер лига разрешија три дилени, но отворија неколку прашања кои ќе треба да бидат одговорени во последните три кола.

Пелистер со триумфот од 95-85 на гостувањето кај Кожув и официјално им се приклучи на ТФТ и МЗТ Скопје во полуфиналето од разигрувањето за титулата, а четвртото слободно место ќе се води голема битка меѓу гевгеличани, но и Маџари и Тиквеш.

Токму дебитантот Маџари направи изненадување и славеше во Кавадарци со 97-100 и во моментов е во пол-позиција за четвртото место.

Во борбата за опстанок, по ова коло јасно е дека Куманово и Чаир и следната сезона ќе бидат дел од Супер лигата. Нивниот меѓусебен дуел заврши со гостински триумф на Куманово од 83-91, па откако и другите резултати им се „поклопија“, и двете екипи си го обезбедија опстанокот.

Гостивар по продолжение од пет минути славеше над Работнички со 75-70 и остана во игра за опстанокот, иако шансите за такво нешто се минимални. Поразот во Гостивар значи дека екипата од „Градски парк“ се уште ќе стравува за опстанокот, бидејќи теоретски се уште може да испадне.

Најголемото изненадување го направи екипата на Ангели, која на домашен терен го победи Феникс со 85-84. „Фенерџијата“ во еден момент имаше негатива од 23 поени, а на две ипол минути пред крајот губеше со 10 поени разлика, но на крајот успеа да направи пресврт и да ја забележи првата победа на паркет оваа сезона, откако единствената до сега беше онаа службената против МЗТ Скопје во четвртото коло.

Феникс со неочекуваниот пораз се доближи до испаѓање од македонската кошаркарска елита, бидејќи има заостанување од две победи позади Работнички.

Нов шок за Тотенхем: Во 95-тата минута останаа без победа против Брајтон (Видео)

Тотенхем и по 111 дена останува без првенствена победа, а вечерва беше многу блиску до такво нешто. Спарси во 2026 година се уште немаат првенствена победа, откако во 95-тата минута останаа без триумф против Брајтон на домашен терен.

Тотенхем двапати водеше, со 1-0 и со 2-1, но Брајтон успеваше да израмни, а на крајот и да освои бод, откако мечот заврши 2-2.. Многумина веќе се израдуваа на победата кога Чави Симонс постигна вистински еврогол во 77-мата минута, но Ритер во 95-тата ги шокираше сите на стадионот во Северен Лондон.

Тотенхем и по 33-тото коло останува во опасната зона со 31 бод, а пред нив се Вест хем и Нотингем кои имаат и меч помалку од Спарси.

Традицијата продолжува: Лацио и четврта сезона по ред победи во Неапол (Видео)

Се чини дека битката за Скудетото е завршена, откако Наполи на домашен терен загуби од Лацио со 0-2, па Интер сега има +12 на пет кола пред крајот на Серија А.

Победата на Лацио значи дека традицијата продолжува, бидејќи екипата од Рим и четврта сезона по ред победи на гостувањето во Неапол.

Лацио постигна по еден гол во двете полувремиња, а голманот Милинковиќ-Савиќ во 31-вата минута успеа да одбрани пенал.

Елиф Елмас во игра беше уфрлен на полувремето на местото од Кевин де Бројне.

Алегри не сака да биде селектор на Италија: „Останувам во Милан!“

Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, кој важи за еден од фаворитите за нов селектор на Италија, во саботата ја отфрли таа можност, истакнувајќи дека се гледа долгорочно во „росонерите“, кои се трети во Серија А.

„Мојата кариера зборува сама за себе, честото менување клубови не е дел од мојата ДНК. Сакам да работам во клуб кој функционира како компанија и треба така да се управува“, изјави Алегри на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар со Верона.

„Сакам да работам и да гледам напредок. Не можеме да ја освоиме Лигата на шампионите за две години, но мора да ја имаме таа амбиција, бидејќи ако не размислуваш за иднината, остануваш во минатото“, додаде стратегот, кој го водеше Милан и од 2010 до 2014 година, а потоа во два наврати беше тренер и на Јувентус.

„Со Милан многу разговараме, дадов насоки за трансфер-пазарот и раководството ќе се погрижи за тоа“, истакна тој, најавувајќи дека ќе го води првиот тренинг на Милан за новата сезона на 12 јули.

Откако Италија третпат по ред не успеа да се пласира на Светското првенство по поразот од Босна и Херцеговина по изведување пенали, селекторот Џенаро Гатузо поднесе оставка, како и претседателот на федерацијата Габриеле Гравина.

Така, ќе треба да се почекаат уште неколку недели за да се дознае името на новиот селектор на репрезентацијата, додека новиот претседател на федерацијата ќе биде избран на 22 јуни.