21.8 C
Skopje
четврток, 18 септември 2025
Дома Blog Страница 9442

Синот на Шумахер се приклучи во академијата на Ферари

Синот на легендарниот Формула 1 возач Михаел Шумахер, Мик Шумахер, се приклучи на програмата за млади возачи на Ферари. Деветнатесетгодишниот талентиран возач ќе се усовршува во тимот со кој неговиот татко освои пет светски шампионски титули. Мик е актуелен шампион во Формула 3, а од следната сезона ќе се натпреварува во вториот по квалитет шампионат.

Мик истакна дека е воодушевен што се приклучи во Ферари поради поврзаноста на неговото семејство со италијанскиот тим.

„Повеќе од очигледно е дека Ферари завзема големо место во моето срце од кога сум роден, но и кај сите членови на моето семејство. Пресреќен сум што ја добив оваа прилика“, вели Мик.

Со помош на академијата, Мик во иднина може да се најде зад волан на болид од Ф1 трките, а доколку поседува барем дел од талентот на неговиот татко, може да биде и новото лице на Ферари.

ПСЖ овојпат се изживуваше со тимот од кој испадна во Купот

Поразот во францускиот куп кој се случи пред 10 дена, беше мотивацијата со која Пари Сен Жермен денеска во лигашки меч влезе во битка со Гингам, и немаше никаква милост кон гостинот, декласирајќи го последниот тим на табелата со неверојатни 9:0.

Во минатата сезона, во дуелите со ПСЖ најмногу настрада Монако кој беше прегазен со 7:1, но ова беше уште поубедливо и од тој резултат. ПСЖ има 13 бода предност пред вториот и два меча помалку, а во 19 кола сезонава имаат 62 постигнати голови.

Кавани даде три гола и дојде до бројка од 100 погодоци во дресот на ПСЖ на домашниот „Парк на принцови“. Хет-трик имаше и Килијан Мбапе, двоен стрелец беше Нејмар, додека гол серијата ја затвори Томас Мение во 83. минута.

Алиоски стрелец, но Лидс загуби (Видео)

Стоук го совлада Лидс со 2:1 во дуел од англискиот Чемпионшип, но тимот на Езџан Алиоски и понатаму е прв на табелата и се наоѓа на добар пат да се врати во Премиерлигата, па во следната сезона да биде дел од елитата. Единствениот гол за Лидс беше дело на Алиоски во 95 минута, кој погоди со шут од косо, топката мина низ неколку нозе и влезе во мрежата, но погодокот падна доцна и поразот беше неизбежен.

Лидс има шест порази сезонава, но три во последните пет кола.

Погледнете го петтиот гол на популарниот Џани во оваа сезона:

https://twitter.com/i/status/1086668322622431233

Кога не му оди на нападот, тука се плејмејкерите

Касемиро во 78 и Лука Модриќ во 92 минута, беа стрелци на головите со кои Реал Мадрид ја надигра Севилја со 2:0 во битката за третата позиција во шпанското првенство. Реал од седмото коло наваму не бил трети на табелата и конечно успеа да дојде на тоа место.

Домашните доминираа, но се мачеа во нападот, никако не можеа да го разбијат бункерот на Севилја, додека не погоди Касемиро со својот прв гол сезонава. Бразилецот испрати „бомба“ во горниот агол од голот и потоа на „кралевите“ им беше полесно. Модриќ второ коло по ред даде гол и повторно против тим од Севилја.

Серхио Рамос го одигра својот 450-ти меч во шпанската Примера. Од активните играчи, повеќе од него има само Хоакин од Бетис. За Реал, ова е 60-та победа на 75 домашни дуели против Севилја која на последните три официјални мечеви нема постигнато гол.

„Минималци“ и рекорди за Ливерпул и Јунајтед

Ливерпул губеше 0-1 на полувреме, но само што почна второто, Мохамед Салах ја отвори гол-серијата, па конечниот резултат беше 4:3. Салах беше двоен стрелец и има 50 гола за Ливерпул на 72 настапи во Премиерлигата. Два гола, по еден на двете страни паднаа во судиското продолжение, а во финишот на регуларните 90, Милнер беше исклучен.

Голот на Фирмино за 2-1, беше јубилеен 1.000-ти за Ливерпул на „Енфилд“ во Премиерлигата. „Илјадарка“ дома имаат само уште и Манчестер јунајтед и Челзи.

Кристал палас е првиот тим кој сезонава на гостување кај Ливерпул даде повеќе од еден гол, но џабе му беше.

Манчестер јунајтед продолжи да реди победи. Пол Погба даде гол од пенал, и ова му е осми гол сезонава, со што ги изедначи својот рекорд, па може да му се каже дека ја игра најефикасната сезона во Англија. Другиот гол беше убав и дело на Маркус Рашфорд кој на 150-тиот настап за Јунајтед, го даде 41-виот гол во сите натпреварувања. Откако дебитираше во дресот на овој клуб, ниеден играч нема повеќе голови од него. Манчестер има шест лигашки победи по ред под водство на тренерот Оле Гунар Солскјер.

Барнли спречи во денешните натпревари домашните екипи да освојат максимален број бодови, а Њукасл со триумфот, избегна од делот на табелата кој води во понизок ранг.

РЕЗУЛТАТИ: Борнмут – Вест Хем 2:0, Ливерпул – Кристал Палас 4:3, Манчестер јунајтед – Брајтон 2:1, Њукасл – Кардиф 3:0, Саутемптон – Евертон 2:1, Вотфорд – Барнли 0:0. Од 18.30 играат Арсенал – Челзи.

Вардар загуби на првата контрола во Аланија

Пријателскиот натпревар помеѓу Вардар и Иртиш заврши со победа на казахстанскиот тим од 2:1. По првото полувреме резултатот беше 0:0, а во вториот дел тренерите комбинираа со составите и паднаа три гола. Стрелец за македонскиот тим беше Брдаровски од пенал во 63. минута.

Екипата на Вардар од пред три дена е на подготовки во турскиот туристички центар Аланија. Дуелот со Иртиш Павлодар се играше на терените „Папилон“.

Утре со Чиле за 15 место

Македонската ракометна репрезентација утре од 13 часот ќе игра со Чиле во разигрувањето за 15 место на Светското првенство. Чилеанците беа надиграни од Катар со 27:37, па така Катар ќе се сретне со Русија во битка за 13-тото, а Македонија која денеска беше поразена од Русите, го чека Чиле во дуел за 15-тото место на Мундијалот во Германија и Данска.

Чиле на ова СП ги совлада Австрија и Саудиска Арабија, а губеше од Катар, Норвешка, Тунис и Данска.

Ајнтрахт има „динамично трио“

Ајнтрахт Франкфурт беше единствен тим кој извојува победа на домашен терен во попладневните средби од германското првенство. Отпорот на Фрајбург беше скршен во последните девет минути од првото полувреме.

Халер, Јовиќ и Ребиќ се одлични сезонава, а на средбата со Фрајбург, тројцата за првпат на еден меч постигнаа барем по еден гол. Головите паднаа од 36 до 45 минута и за тие девет минути, победникот беше одлучен.

Почесниот гол за гостите го даде Нилс Петерсен, кој го постигна својот четврти гол сезонава, и тој стана прв стрелец во клупската историја на Фрајбург според голови во Бундеслигата.

Со победата над Баер Леверкузен, Борусија Менхенгладбах дојде на три бода заостанување зад вториот Баерн. Голот за Борусија го даде Плеа, играч кој со 8 гола на гостувањата е најнепријатниот гостин во лигата.

РЕЗУЛТАТИ: Аугзбург – Фортуна 1:2, Баер Леверкузен – Борусија Менхенгладбах 0:1, Ајнтрахт – Фрајбург 3:1, Хановер – Вердер 0:1, Штутгарт – Мајнц 2:3. Од 18.30 играат Лајпциг – Борусија Дортмунд.

И Рома има свој фараон

Рома попладнево го совлада Торино со 3:2 во меч од Серија А на кој домашните на полувреме водеа со 2-0, па гостите изедначија на 2-2, но последниот збор го кажа Стефан Ел Шарави кој влезе во игра од клупата за резерви.

Коларов сезонава има дадено пет гола, од кои четири му се од пенал или слободен удар. Дефанзивците на Рома се доста активни во нападот, имаат постигнато 12 гола, со што „волчицата“ е на прво место според голови од играчи од одбраната.

Рома е доста опасна и после индиректен слободен удар, имаат седум гола после такви прекини. Николо Ѕаниоло кој е роден во 1999 година, е најмладиот играч во Серија А со барем два гола во оваа сезона.

За Рома, ова е трета победа по ред во лигата, и трета едноподруо во меѓусебните дуели со „биковите“ од Торино. Ел Шарави има шест гола сезонава, од кои пет на „Олимпико“. За Рома, ова беше прв гол од резервист после септември кога во дербито со Лацио погоди Пелегрини, кој на таа средба почна на клупата за резерви.

Двата гола на гостите од Торино беа со шутеви од надвор од 16-никот.

„Деветката“ во Милан е малерозна после заминувањето на Инѕаги

На сите од Бразилецот Пато до Гонзало Игуаин, дресот со број 9 во последните години не им носи баш среќа на напаѓачите на овој славен клуб кој има седум титули европски првак. Откако Филипо Инѕаги кој даде 126 гола за клубот, си замина во 2012 година и ја остави слободна „деветката“ во Милан, ниту еден играч со бројот 9 на грбот, немаше којзнае каков успех.

Актуелната 9-ка, Аргентинецот Игуаин, најверојатно наскоро се сели во Челзи, и од Милан ќе си оди со едноцифрен број на постигнати голови. Засега има 8 на 22 настапи. Тој не е единствената ѕвезда која потфрли. Фернандо Торес има освоено едно светско и две европски првенства со Шпанија, Андре Силва е наследникот на Кристијано Роналдо во Португалија, но дадоа премалку голови.

Освен Пато и Игуаин, дресот со бројот 9 го носеа и Матри, Торес, Дестро, Луиз Адријано, Лападула и Андре Силва. Се шпекулира дека наредниот ќе биде Полјакот Пјонтек од Џенова (задутре Џенова го пречекува Милан), па тој нема да има лесна задача да ги задоволи вкусовите, но ќе му биде лесно да биде подобар од претходните неефикасни играчи кои воопшто не ја заслужија позицијата главен напаѓач.