21.8 C
Skopje
понеделник, 15 септември 2025
Дома Blog Страница 9447

Тотенхем потврди: Кејн „аут“ до март

Тотенхем потврди дека повредата на Хари Кејн е сериозна. Голгетерот на „петлите“ ги оштети лигаментите на глуждот од левата нога, по што му следува пауза до март. Кејн се пожали на болки кон финишот на мечот против Манчестер јунајтед во неделата, а Маурисио Покетино во најлошиот можен период остана без најдобриот играч во екипата.

Според информациите од клубот, Кејн ќе ги пропушти двата дуели од осминафиналето против Борусија Дортмунд (13-ти февруари и петти март) во Лигата на шампионите, додека во меѓувреме се предвидени средби против градските ривали од Лондон, Челзи и Арсенал. Против „сините“, Тотенхем ќе игра во два наврати, и тоа на „Стемфорд бриџ“, реваншот во полуфиналето од Лига купот и првенствен меч во рамките од 28-мото коло во Премиер лигата.

Отсуството на Кејн и тоа како ќе се почувствува на теренот бидејќи тој е најдобриот стрелец сезонава во тимот со 20 погодоци во сите натпреварувања, а Покетино како резерва го има само искусниот Фернандо Љоренте.

Светскиот првак елиминиран од Мастерсот (Видео)

Нил Робертсон го совлада Марк Вилијамс со 6:3 во фрејмови, во првото коло (осминафинале) на Мастерсот во снукер. На турнирот во Лондон учествуваат 16-те најдобро рангирани играчи на светот, а актуелниот светски првак нема да дочека ниту четврт-финале.

Велшанецот водеше со 3-1, во петтата партија имаше убава прилика да поведе со 4-1, но не ја искористи и потоа работите целосно се сменија и тргнаа во посакуван правец за австралискиот „громовник“. Робертсон, кој лани не играше на Мастерсот, ги доби последните пет фрејма, а особено интересен беше претпоследниот.

Погледнете ги клучните моменти во претпоследната партија, што се покажа како решавачко:

Познати четврт-финални двојки се Бресел – Динг и О`Саливен – Деј. Робертсон го чека победникот од вечерашниот дуел Хокинс – Марфи.

Барселона за плати потроши половина милијарда евра

Актуелниот шпански првак Барселона е најскапиот тим во Европа според платите кои ги имаат нејзините фудбалери. Трошоците на Барса за исплата на своите ѕвезди се енормни и ја надминуваат сумата од 500 милиони евра по сезона.

Барселона е првиот фудбалски тим во историјата кој даде повеќе од половина милијарда за плати на своите играчи. По доведувањето на Кутињо и Дембеле, каталонскиот гигант во 2018 година исплати дури 562 милиони евра за плати. Поголема плата во споредба со 2017 има и Лионел Меси, па сето тоа придонесе Барса да ја плати оваа рекордна сума.

Втор најскап тим во Европа е ПСЖ. Парискиот тим за плати на играчите троши 332 милиони евра годишно. Интересно е тоа што речиси кај сите големи и богати клубови платите се поголеми во споредба со претходната година освен кај Манчестер сити. „Граѓаните“ заштедија 5 проценти од сумата која ја дадоа пред една година, но според пазарната цена на играчите, Сити е најскапиот тим на светот. Од поединците, најскапо се проценети Нејмар, Мбапе и Меси.

Mикс од кошарка и американски фудбал е новиот спортски изум

Кога кошаркарски тим води со три поени разлика на 11 секунди до крајот и има напад, треба да ја зачува топката или да изнуди лична грешка, тоа се прави на разни начини, а тренерот на Универзитетот Северен Кентаки, Џон Бранен, беше иноватор и измисли акција која досега не е видена на паркетите.

Тимот реши во напад да тргне синхронизирано, наместен во иста линија, исто како кога екипите напаѓаат во еден друг спорт многу популарен од таа страна на Атлантатскиот океан, тоа е американскиот фудбал. Изведувачот на аутот од под кошот беше во улога на квотербек во американски фудбал, а „фаќачот“ добро си ја заврши работата.

Сите во салата беа збунети, а се збунија и противничките играчи од Рајт стејт, па многу доцна успеаја да направат лична грешка (на две секунди до крајот) и немаа време да дојдат до шанса за пресврт. На крајот, Северен Кентаки на овој меч победи со 68:64.

Погледнете ја акцијата која досега не беше видена во кошарката:

 

Тасевски се прости од Тајланѓаните, се враќа во Бугарија

Македонскиот фудбалер Дарко Тасевски ќе ги засили редовите на софиската Славија, а преку социјалните мрежи се прости од своите тајландски фанови, кои ги радуваше со игрите во последните неколку години.

Тасевски, кој има 34 години, од 2007 до 2012 година беше член на Левски, а сега ќе го носи дресот на друг софиски тим, Славија. Тој по одигрувањето на последниот меч во тајландскиот Кон Каен, преку социјалните мрежи им се заблагодари на сите во клубот за прекрасните пет години и напиша дека е време да се врати дома.

Екипата на Славија е на подготовки во Турција, таму ќе одигра шест контролни натпревари, а тренерот Златомир Загорчиќ рече дека Тасевски го очекуваат да им се приклучи во Турција на 17-ти или 18-ти јануари. Тасевски кариерата ја почна во Цементарница, играше и за Вардар, а од 2005 година постојано игра во странство.

Дибиров исклучен, Русија далеку од втората фаза

Бразил ја победи Русија со 25:23 и дојде на чекор од пласман во втората фаза на ракометното Светско првенство кое се игра во Германија и Данска. Бразилците првпат на светските првенства славеа против Русија, а сега во последното коло од групата треба да ја совладаат и Кореја, па да бидат дел од разигрувањето за највисок пласман. Русија игра со Франција и шансите за освојување на третото место во групата ѝ се само теоретски.

Вардарецот Тимур Дибиров со 6 гола беше најефикасен кај Русија, но на седум минути до крајот доби црвен картон откако го удри голманот Алмеида и ја остави својата селекција на цедило. Алмеида беше еден од најзаслужните за триумфот на „кариоките“.

Бразил по првото полуреме водеше со 15-10, но Русите беа подобри во првата половина од вториот дел и дојдоа на 19-19. Сепак, тимот од Јужна Америка се консолидираше и повторно се одлепи, па дојде до втората победа по ред откако ја надигра и Србија. Боржес со 7 и Лангаро со 6 беа најпрецизни во бразилскиот тим.

Најмоќните фудбалски менаџери заработуваат огромни суми

Зад секоја фудбалска ѕвезда стои по некој суперагент, тоа се луѓе задолжени да извлечат најдобар можен договор за своите клиенти, а потоа добиваат процент од парите од договорот на играчот со клубот и заработуваат суми од кои боли глава.

Петтото место го држи израелскиот бизнисмен Пини Захави, човекот кој го донесе Роман Абрамович во Челзи. Захави, кој има 75 години, менаџерската работа ја врши од 1979 година. Тој ги помогна трансферите на Рио Фердинанд од Вест хем во Лидс, а потоа од Лидс во Манчестер јунајтед. Тој заработи најмногу од трансферите на играчи на Челзи. Негов клиент од лани е и Роберт Левандовски, а Захави беше вклучен и во мегатрансферот на Нејмар од Барса во ПСЖ.

Иранецот Киа Џорабчијан не е лиценциран фудбалски агент, но тој ги советува играчите и клубовите во врска со договорите. Како навивач на Арсенал и пријателството со газдата на клубот, тој е вклучен во сите трансфери на овој клуб. Киа е човекот кој ги „советуваше“ премините на Карлос Тевес и Оскар во Кина, трансферите на Давид Луиз, а се збогати и од потписот на Кутињо за Барселона.

Мино Рајола е 51-годишниот менаџер на ѕвезди како Златан Ибрахимовиќ, Пол Погба, Хенрих Мхитарјан, Марко Верати, Џанлуиџи Донарума, Марио Балотели и Павел Недвед. Од трансферот на Погба во Манчестер јунајтед, Рајола заработи 23 милиони фунти. Рајола живее во Монте Карло, ја купи куќата на Ал Капоне во Мајами, а за него лоши зборови кажа сер Алекс Фергусон.

Џонатан Барнет можеби не е толку познат за пошироката јавност, тој порано не ни работеше со фудбалери, туку со играчи на крикет, а сега негови клиенти се Герет Бејл (некогашен најскап играч на светот), Лук Шоу (има огромна плата како за бек), Џеси Лингард и Џордан Пикфорд.

Првото место го држи Португалецот Жорж Мендеш. Тој е најмоќниот агент на светот, а репутацијата ја стекна благодарение на соработката со сонародниците Кристијано Роналдо и тренерот Жозе Мурињо. Компанијата на Мендеш од проценти од договорите на фудбалерите има годишна заработка од 78 милиони фунти. Негови клиенти, покрај Роналдо, се и Давид де Хеа, Хамес Родригес и Диего Коста.

Најпрофитабилна година му била 2014, кога имаше четири од седумте најголеми трансфери, меѓу кои и оној на Анхел ди Марија од Реал Мадрид во Манчестер јунајтед.

Соиграчи од Фулам се степале на час по јога, одвај ги раздвоиле

Александар Митровиќ и Абубакар Камара се степале на час по јога, а останатите соиграчи од Фулам одвај ги раздвоиле, тврди британскиот таблоид „Сан“. Србинот и Французинот не се во најдобри односи, а нетрпението трае од мечот со Хадерсфилд.

На тој дуел помеѓу Фулам и Хадерсфилд, Камара со боречки зафат му ја зеде топката на Митровиќ за да шутне пенал, а да биде белјата поголема, тој го утна ударот од белата точка. Митровиќ бил лут што Камара непристојно се однесувал кон учителот по јога, а кавгата околу пеналот само го зголемила нетрпението, па Митро реши да „тргне во акција“.

Па така, наместо релаксирање, тренерот Клаудио Раниери бил сведок на тепачка на негови играчи. Раниери, кој нареди Камара да го шутне тој спорен пенал, по утката изјави дека сакал да го убие Французинот. Под казна, Камара не се најде во составот на средбата со Барнли викендов, која Фулам ја загуби откако си даде два автогола.

Пешиќ на тајмаут: Ајмо, плеј! (Видео)

Српскиот тренер Светислав Пешиќ, кој ја води кошаркарската екипа на Барселона, на еден тајмаут за време на меч од шпанската лига на своите кошаркари им одржа жесток говор кој беше снимен од камерите. Пешиќ беше лут и на кошаркарите им се обраќаше на англиски јазик.

Тие аплаудираа, па Пешиќ во стил на пејачите или актерите во театар, се врати на „бис“ и продолжи да дели совети и да ги кара играчите. На крајот, откако заврши со викањето, на играчите им порача Ајде играјте, но тоа не го кажа само на англиски, туку уфрли и српски збор.

Слушнете го моментот кој ги насмеа сите кои го слушнаа пироќанецот:

Во најлошо време: Ливерпул подолго време ќе биде без еден стартер

Трент Александер-Арнолд, десниот бек на Ливерпул, го повреди коленото и ќе мора да паузира во следните четири недели. Оваа повреда на Арнолд доаѓа во многу лошо време за тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој се мачи да вклопи квалитетна одбранбена четворка.

Освен Арнолд, кај Ливерпул повредени се и дефанзивците Жоел Матип, Џо Гомес и Дејан Ловрен, додека Натаниел Клајн е даден како позајмен играч во Борнмут. На местото на Арнолд се очекува да застане 16-годишниот талент Ки-Жана Хувер, кој минатата сезона дојде на „Енфилд роуд“, и тоа од познатата школа на Ајакс.

Ливерпул, кој е лидер во Премиер лигата, следниот меч го има на свој терен против Кристал палас и е голем фаворит.