22.8 C
Skopje
четврток, 11 септември 2025
Дома Blog Страница 9478

Чупара пред контролките со Македонија: Вистински тест пред почетокот на СП

Голманот на српската ракометна селекција, Владимир Чупара, во пресрет на двете пријателски средби против Македонија вели дека дуелите против нашата репрезентација ќе бидат добар тест за Србите. „Црвено-жолтите“ и нашиот северен сосед утре и задутре ќе одиграат два контролни меча како подготовки за светскиот ракометен собир кој ќе се одржи во Германија и Данска почнувајќи од 10-ти јануари.

Утрешната средба е закажана за 20 часот, ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, влезот ќе биде слободен, додека во сабота вториот меч ќе биде од затворен тип.

„Со овие контролки ќе знаеме до каде сме со напредокот. По неколкуте средби против африканските селекции, добро ќе ни дојде дуел против европска земја. Сигурен сум дека на првиот меч ќе има многу навивачи, што значи ќе биде добра атмосферата. Минатата зима загубивме од Македонија на наш терен, а сега на нивно тло ќе се обидеме да оставиме што подобар впечаток. Ќе биде вистински тест пред да почне она главното, Светското првентво“, истакна Чупара.

Кочов: Грч во првото полувреме, без среќа на крајот

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, смета дека среќата му го свртела грбот на неговиот тим, но вина има и во падот на концентрација во одбраната во последните три минути, кога гостите од Словенија ги реализираа речиси сите напади.

„Многу отворени шутеви утнавме во првиот дел, игравме во грч, сакавме да играме бавни напади за да ги забавиме противниците, делумно успеавме, но и ние не се снајдовме во таа игра. Потоа повторно ни се случи како на гостувањето во Копер. Одлично второто полувреме, имавме победа, но во последните три минути направивме многу големи грешки. Немавме среќа на крајот, чист зицер е утнат, но нема време за жалење, имаме тешко гостување кај Ловќен во следното коло и ќе се фокусираме на тој меч“, изјави Кочов.

За Словенците, победата над директниот ривал за првото место е важна од психолошка точка.

„Знаевме дека ќе биде тешко, дерби е, двата тима се фаворити. Добро ја контролиравме играта во првото полувреме, во второто погодивме некои шутеви, а на крајот имавме и среќа“, изјави јунакот Жан Марк Шишко, кој го погоди клучниот кош.

Тренерот Јурица Големац рече дека контролирале поголем дел од средбата и затоа победата им е заслужена, но бидејќи до крајот на сезоната има уште доста, не сакаше да каже дека работата околу освојувањето на првото место е завршена.

Шишко го замолкна „Јане Сандански“, Бојиќ утна победа

Со кошот на Жан Марк Шишко на една секунда до крајот, Приморска го совлада МЗТ Скопје Аеродром со 78:77 во дербито на втората АБА лига. За „штрковите“, ова е прв домашен пораз сезонава во ова натпреварување.

Во првите пет и пол минути, МЗТ се мачеше во нападот, даде само три поени, домашните никако не успеваа во шутевите од далечина, па публиката почна да бара „Срце на терен“. МЗТ заигра малку подобро, но Приморска шутираше подобро и постојано беше во водство.

Првото полувреме МЗТ го заврши со негатива од десет поени (28:38). Тимот на тренерот Кочов е најефикасен во АБА 2 лигата, но во првото полувреме даде само 28 поени, со очајна реализација на обидите од поле (само 25,6 отсто успешност).

Аеродромци добро го почнаа второто полувреме, намалија на 35:38, имаа и напад, но почнаа да грешат и гостите со серија од 9-2, повторно се одлепија на двоцифрена разлика. Сепак, во финишот на третиот период во серија влезе Стојановски, кој немаше поени до 27-мата минута, па МЗТ повторно се доближи.

На 3,06 минути до крајот, МЗТ дојде до прво водство, но двата тима погодија неколку тројки по ред, па се влезе во неизвесна завршница. Приморска имаше напад за победа, откако Вудард утна тројка при 77:76. Шишко погоди „флоутер“ во претпоследната секунда и им донесе победа на гостите, со која веројатно си го обезбедија првото место. МЗТ имаше една секунда и топка од страна, но Бојиќ не погоди од одбојка.

Монако ја зацврсти одбраната, дојде Налдо

Монако ја официјализираше првата зимска аквизиција, дефанзивецот на Шалке 04 Налдо пристигна во Кнежевството за сума од 1,2 милиони евра. Триесет и шестгодишниот Бразилец по 14 сезони ја напушти Бундеслигата, па сега ќе има тежок предизвик да му помогне на составот кој го води Тиери Анри за да обезбеди опстанок од Лигата 1.

Налдо во својата кариера менуваше неколку германски клубови, за Вердер Бремен, Волфсбург и Шалке одигра над 500 натпревари. Минатата сезона ги одигра сите 34 меча во Бундеслигата и беше избран за трет најдобар играч во првенствтото од страна на Унијата на германски фудбалери, зад дуото на Баерн, Роберт Левандовски и Хамес Родригес.

„Ова е нов проект за мене по 14 години поминати во Бундеслигата. Му благодарам на Монако што има доверба во мене, сега имам задача таа да ја оправдам на теренот. Ќе дадам сè од себе да му помогнам на овој клуб да ги оствари своите цели“, исткана Налдо за официјалната веб-страница на Монако.

Во следните неколку дена се очекува да пристигне и Сеск Фабрегас од Челзи.

„Кнезовите“ имаа катастрофален почеток на сезоната, а слабите резултати ги натераа да се борат за опстанок во француската елита. Вториот дел од сезоната ќе го започнат на гости кај Марсеј, дуел кој е закажан за 13-ти јануари.

Готово е – Ремзи и Јувентус постигнаа договор

Арон Ремзи од следната сезона, па сè до 2024 година ќе биде играч на Јувентус откако двете страни денес се согласија на преддоговор. Велшанецот прифати договор од пет години, според кој ќе заработува 6,5 милиони евра плус бонуси по сезона, почнувајќи од јули 2019 година.

Тимот од Торино беше фаворит за потписот на играчот за врска на Арсенал, кому актуелниот договор со „топчиите“ ќе му заврши по крајот на оваа сезона. Според италијанските медиуми, „старата дама“ најверојатно ќе му понуди дополнителни пет милиони евра на клубот од Лондон за да му дозволи на Ремзи уште во овој преоден рок да го облече црно-белиот дрес.

 

Реал во јануари (можеби) ќе игра дури девет натпревари

Минимум седум, а можеби и девет натпревари ќе одигра Реал Мадрид во текот на јануари. Првиот месец од 2019 година ќе биде многу напорен за европскиот и светски клупски првак, а низата обврски почнува вечерва, на гостувањето кај Вилјареал.

Пет меча од лигата, од кои едниот заостанат, овој со Вилјареал, плус два од осминафиналето на Купот против Леганес може да го исцедат тимот на Сантијаго Солари во овој критичен дел од сезоната. Реал е четврти во лигата, со осум бода помалку од лидерот Барселона и нема многу право на киксови, па вечерва атакува на трета позиција и пет бода негатива во трката за титулата.

По мечот со Вилјареал, Реал на шести јануари го пречекува Реал Сосиедад, а три дена подоцна го има првиот дуел со Леганес во купот. На 13-ти јануари оди кај Бетис, па следува реваншот со Леганес, на 19-ти јануари игра со Севилја, а на 26-ти или 27-ми јануари има гостување кај Еспањол. Ако го елиминира Леганес, тогаш пред гостувањето кај Еспањол ќе има меч од Купот, потенцијално против некој многу силен противник како Барса или Атлетико.

Ова значи 9 меча за 27 до 29 дена или играње на секои три дена. Ќе треба многу ротирање на составот и колку што е можно избегнување повреди. Во следните две до три недели тимот е без Асенсио, Љоренте и Маријано, и тоа е дополнителен проблем.

Ѓоковиќ со пресврт до полуфинале во Доха

Новак Ѓоковиќ се избори за полуфинале на првиот овогодишен АТП-турнир, Мастерс 250 во Доха, откако со 2-1 во сетови беше подобар од Николоз Басилашвили. Апсолутниот фаворит на средбата мораше добро да се намачи за да остане непоразен откако Грузиецот поведе со 1-0 во сетови.

Ѓоковиќ го имаше првиот сервис на стартот од вториот сет, а по направениот брејк, создаде удобна предност од 3-0 во гемови за набрзо потоа да изнуди решавачки сет. По кратката пауза, Србинот со обновени сили веднаш направи брејк, но Басилашвили му возврати со иста мера веќе во вториот гем од третиот сет.

При третото сервирање на Грузиецот, најдобриот светски рекет дочека да направи уште едн брејк, а по 3-2 во гемови, Новак до крајот беше сигурен и осигури пласман меѓу четворицата најдобри искористувајќи ја првата меч-топка.

За борба во финалето, Ѓоковиќ ќе игра против Роберто Баутиста Агут, кој беше подобар од Стен Вавринка со 2-0 во сетови во првата четврт-финална пресметка на турнирот кој се игра во Доха, Катар.

Баерн по третпат ќе си ја проба среќата за Хадсон-Одои

Баерн Минхен драстично ја зголеми понудата за ангажман на талентираниот играч на Челзи, Калум Хадсон-Одои, па сега ќе биде вистински предизвик за тимот од Лондон да одбие 30 милион и фунти.

Шансите Баерн да успее во третиот обид се многу поголеми откако Челзи го ангажираше Кристијан Пулишиќ од Борусија Дортмунд, па сега е пореално Хадсон-Одои да го следи примерот на Жадон Санчо и на Рејс Нелсон, двајца тинејџери кои се преселија во Бундеслигата од англиски клубови.

Баварците првично на Челзи му понудија 13,5 милиони фунти за Калум, а откако беа одбиени, ја покачија сумата на 20 милиони фунти. И тогаш добија негативен одговор, но сега веќе се работи за сериозна сума од 30 милиони фунти.

Калум има 18 години, а и тој сака да си замине и да игра повеќе, откако настапи само на 6 меча досега за Челзи. Договорот му истекува за 18 месеци, а челниците на клубот од Лондон засега не успеваат да најдат начин Хадсон-Одои да го продолжи договорот.

На Италијанскиот суперкуп без жени на повеќето трибини

На 16-ти јануари во Џеда, во Саудиска Арабија, екипите на Јувентус и Милан ќе го одиграат натпреварот од Суперкупот на Италија, а од Серија А објавија дека на местата во ложата на стадионот и на некои други седишта со најдобар поглед ќе смеат да седат само мажи.

Жените ќе смеат да бидат само на највисоките места, и тоа само во придружба на некое машко лице. Годинава Саудиска Арабија дозволи жени да влегуваат на стадион, но очигледно е дека уште има одредени ограничувања. За жените кои се од странство, а сакаат да го гледаат мечот Јуве-Милан, им се препорачува да носат црна облека, која е традиционална за жените во оваа земја.

Нема дилеми дека стадионот „Крал Абдула“ ќе биде преполн, бидејќи веќе се продадени 50.000 билети, а капацитетот на стадионот е 60 илјади.

МЗТ го брани „Јане Сандански“ од словенечкиот должник

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром од 18 часот го пречекува словенечкиот тим Сикст Приморска во големото дерби на Втората јадранска лига и победата на „штрковите“ би била значајна повеќе од само два бода.

МЗТ е ослабен, првпат сезонава ќе игра без својот главен плејмејкер Лестер Медфорд и ова е шанса за Андреј Магдевски, потпомогнат од Дарко Соколов, ако треба и некој трет кошаркар во организацијата на нападите. И на центарската позиција МЗТ има помала ротација, го нема Љубомир Младеновски, а повреден е и крилниот центар Андреј Маслинко.

На сите овие проблеми им се приклучува и силата на противникот, Приморска е лидер само со еден пораз во 13 кола. Но, „факторот Јане Сандански“ е на страната на домашните. МЗТ нема пораз дома, а слободниот влез може да придонесе за повеќе публика на трибините и поголема поддршка од вообичаеното.

„Приморска е најдобриот тим во Лигата, бројот на бодови кој го имаат кажува за нивната сила. Ние сме во тешка ситуација, имаме повредени играчи, но ќе се бориме и ќе мора да одиграме најдобро што знаеме ако сакаме да победиме“, вели Џејмс Вудард, кој исто така ќе мора да има натпросечна игра.

Во тимот на тренерот Јурица Големац игра Иван Маринковиќ, поранешниот центар на МЗТ, а во составот ги имаат и Шишко и Вончина, кои лани беа во Илирија заедно со Младеновски. МЗТ загуби добиен меч на гостувањето кај Приморска пред неколлку месеци и ова е шанса за реванш.