Шишко го замолкна „Јане Сандански“, Бојиќ утна победа

Со кошот на Жан Марк Шишко на една секунда до крајот, Приморска го совлада МЗТ Скопје Аеродром со 78:77 во дербито на втората АБА лига. За „штрковите“, ова е прв домашен пораз сезонава во ова натпреварување.

Во првите пет и пол минути, МЗТ се мачеше во нападот, даде само три поени, домашните никако не успеваа во шутевите од далечина, па публиката почна да бара „Срце на терен“. МЗТ заигра малку подобро, но Приморска шутираше подобро и постојано беше во водство.

Првото полувреме МЗТ го заврши со негатива од десет поени (28:38). Тимот на тренерот Кочов е најефикасен во АБА 2 лигата, но во првото полувреме даде само 28 поени, со очајна реализација на обидите од поле (само 25,6 отсто успешност).

Аеродромци добро го почнаа второто полувреме, намалија на 35:38, имаа и напад, но почнаа да грешат и гостите со серија од 9-2, повторно се одлепија на двоцифрена разлика. Сепак, во финишот на третиот период во серија влезе Стојановски, кој немаше поени до 27-мата минута, па МЗТ повторно се доближи.

На 3,06 минути до крајот, МЗТ дојде до прво водство, но двата тима погодија неколку тројки по ред, па се влезе во неизвесна завршница. Приморска имаше напад за победа, откако Вудард утна тројка при 77:76. Шишко погоди „флоутер“ во претпоследната секунда и им донесе победа на гостите, со која веројатно си го обезбедија првото место. МЗТ имаше една секунда и топка од страна, но Бојиќ не погоди од одбојка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести