19.8 C
Skopje
вторник, 26 август 2025
Дома Blog Страница 9516

Бостон ги потопи Никси, „ракетите“ приземјени во Јута

Бостон селтикс убедливо го совлада тимот на Њујорк никс при конечни 128:100. „Келтите“ се реваншираа за поразот кој го претрпеа во ноември пред своја публика од екипата на Њујорк.

Гостите беа во игра до првото полувреме, но гранитната одбрана на кошаркарите на Бред Стивенс во последниот период им обезбеди четврта последователна победа. Бостон забележа овосезонски рекорд во Лигата со вкупно 32 асистенции.

Кајри Ирвин ги предводеше селтикси со 22 поени, осум скока и четири асистенции, а имаше помош и од Џејлен Браун, кој по три пропуштени средби поради повреда се врати на терените, па со 21 поен придонесе за победата. Ал Хорфорд запиша дабл-дабл учинок од 19 поени и 12 скока. Кај поразените, Тим Хардавеј џуниор беше најефикасен со 22 поени.

 

Јута џез го надигра тимот на Хјустон рокитс со конечни 118:91, нанесувајќи им го 13-тиот овосезонски пораз. Џезерите уште по првите 12 минути ја презедоа контролата на мечот, а потполно ги надиграа „ракетите“ во третиот период, во кој Хјустон постигна само 11 поени, притоа дозволија 38 поени во својот кош.

Дерик Фејворс одигра импресивно, реализирајќи 24 поени и 10 скока. Џејмс Харден беше непрепознатлив, застана само на 15 поени.

Портланд трејлблејзерс ги декласираше Феникс санс со 108:86. „Сонцињата“ катастрофално го започнаа мечот, реализирајќи само девет поени во почетниот период, па јасно беше дека ќе го запишат 21-виот пораз по 25 меча.

Франција ја закова Данска на дното, Црна Гора се врати во игра за полуфинале на ЕП

Франција ја забележа првата победа во втората фаза по групи на Европското првенство во ракомет за жени, а бодовите се освоени со триумф од 29:23 против Данска.

Во вториот меч денеска од првата група Црна Гора со 30:28 ја победи Шведска и се врати во битка за евентуален настап во полуфиналето.

Естел Нзе Минко беше незадржлива кај Французинките, кои се организатори на шампионатот, и со 7 голови ја предводеше својата репрезентација до бодовите против Данска. Поранешната Вардарка Алисон Пино постигна 4 голови, а одлични беа и нејзините некогашни колешки од Вардар, Сираба Дембеле и Лакрабер.

Со десетка на блескавите моменти од ерата на моќниот Вардар потсети и Јованка Радичевиќ. Крилото на Црна Гора беше недофатлива за одбраната на Шведска, заедно со Мајда Мехмедовиќ, која постигна 7 голови.

Црногорките ги освоија првите бодови во новоформираните групи и ги вратија шансите за подвиг и пласман во полуфиналето.

Спортинг Хихон е единствен шпански второлигаш во осминафиналето на Копа дел Реј

Спортинг Хихон остана единствениот шпански второлигаш во Копа дел Реј и ќе ја брани честа на популарната Сегунда против останатите екипи од Ла Лига.

Екипата што долго беше дел од елитата во шпанскиот фудбал успеа да се избори за реми 2-2 во реваншот против Еибар и со вкупен резултат од 4-2 го продолжува настапот во купот.

Вечерва Расинг Сантандер не успеа да му се приклучи на Спортинг и загуби убедливо од Бетис на гостувањето. Клубот од Севилја победи со 4-0 и со вкупни 5-0 се најде во осминафиналето.

Во оваа фаза од натпреварите ќе играат и Реал Мадрид, Барселона, Севилја, Атлетико Мадрид, Леванте, Валенсија, Реал Сосиедад, Вилјареал, Еспањол, Хетафе, Атлетик Билбао, Валјадолид, Леганес и Жирона.

Јуриќ издржа само 8 меча – Нов тренер на Пандев ќе биде Чезаре Прандели

Чезаре Прандели ќе биде нов тренер на Џенова, а отказ вечерва доби Иван Јуриќ. Хрватот издржа само 8 меча на кормилото на Џенова во неговиот камбек и по срамната елиминација од третолигашот Ентела во Купот на Италија.

Со Јуриќ на кормилото, Горан Пандев имаше слаба минутажа, а Хрватот успеа да освои само 3 бода на 7 меча со Џенова во Серија А.

Вечерва Џенова загуби на пенали од Ентела, членот на Серија Ц во Италија, и тоа беше иницијалната каписла за смена на Јуриќ.

Кочов: Одбраната ни донесе победа

Ѓорѓи Кочов е задоволен од претставата на своите играчи по триумфот против Сутјеска со 94:73, а ја потенцираше цврстата одбрана на МЗТ Скопје како клуч на успехот.

„Одигравме квалитетен меч и во напад и во одбрана. Го контролиравме текот на мечот во сите 40 минути, за што им честитам на моите играчи. Добро се подготвивме за мечот со Сутјеска, а победникот го реши нашата одбрана. Добро ја браневме пик-ен-рол играта на гостите , а имавме и квалитетен и контролиран напад“, изјави тренерот на МЗТ Скопје.

Аеродромци ја продолжија серијата победи на домашен терен, каде што немаат пораз, а стигнаа и до второто место во АБА 2 лигата со биланс од 7 победи и три порази.

Длабока е Морача – Будуќност ја победи Барселона (67:64)

Адам Ханга не погоди тројка на една секунда до крајот, за голема радост на навивачите на Будуќност кои присуствуваа на уште една голема победа на својот тим во Евролигата.

Будуќност ја победи Барселона со 67:64 во трилер-меч со возбудлива завршница. На 6 секунди до крајот, Едвин Џексон погоди две слободни фрлања, а гостите од Шпанија не успеаја да организираат добар напад до крајот и загубија.

Во меч со малку кошеви, Александар Џикиќ се покажа како подобар тактичар од Светислав Пешиќ во битката на два одлични состави и на два одлични тренери.

Предводени од Ерл Кларк и Немања Гордиќ, домаќините најдоа чаре за фаворитот и ја прославија третата победа во Евролигата во 11 кола. Претходно, Морача беше предлабока и за уште еден поранешен европски првак, ЦСКА Москва, а Будуќност покажа дека има квалитет за настап во елитата.

Кларк и Гордиќ со по 12 поени беа најефикасни кај Будуќност, а Адам Ханга, кој утна тројка во послендите моменти, со ист учинок беше прв стрелец кај Барселона.

Будуќност со скор од 3-8 е на претпоследното место заедно со Макаби, а Барселона сега има биланс 6-5 и е на седмата позиција во конкуренција на 16 екипи во Евролигата.

Во останатите два меча што се завршени, Макаби и Жалгирис направија големи пресврти и ги победија Дарушафака, односно Олимпијакос.

Макаби на гости со одлична последна четвртина што ја доби со 22:9 ја победи Дарушафака со 73:71, а Жалгирис надополни минус 10 против Олимпијакос дома и славеше со 83:75.

Драма на „Ферарис“ – Шок за Пандев и Џенова и елиминација од Ентела

Членот на Серија Ц во Италија, Виртус Ентела, приреди голем подвиг и ја елиминираше Џенова по голема битка на „Луиџи Ферарис“ и по пенал-серијата се пласираа во осминафиналето на италијанскиот Куп.

Драмата траеше над два и пол часа, а Ентела победи со 7-6 на пенали, откако по регуларниот дел беше 2-2, а по продолженијата од по 15 минути, мечот заврши повторно нерешено, со 3-3.

И што е интересно, Џенова сите девет голови ги постигна од пенали, три во фудбалските 120 минути и шест во пенал-рулетот.

Пјонтек беше двапати прецизен во регуларниот дел, потоа погоди и Лападула од белата точка во продолженијата, но гостите беа упорни и се радуваат на големата победа. За нив два гола даде Симоне Икарди, а особено важен беше погодокот на Адорјан во 122-рата минута или во послендите моменти од второто продолжение.

Во пенал-серијата трагичар беше Лападула, тој го промаши последниот пенал, по кој Џенова испадна. Пандев не доби шанса да шутира пенал, а играше од 58-мата минута.

Лесна задача за „металците“ против Сутјеска

МЗТ Скопје ја забележа седмата победа во десеттиот меч во АБА 2 лигата, а вечерва во салата „Јане Сандански“ лесно падна Сутјеска. Македонскиот претставник славеше со 94:73.

Металците ја загубија само првата четвртина со 20:21, а потоа сè беше во знакот на домаќините. Се разиграа Бојиќ и Иванов, а вториот период беше таман за пресврт и предност од шест поени на полувремето, разлика која потоа постојано растеше.

МЗТ ги доби и следните две четвртини за да се разрешат сите дилеми околу победникот. Доминираше Андрија Бојиќ со 26 поени и 7 скокови, а Иве Иванов стигна до 21 поен, пет асистенции и 4 скокови. Кај домаќините одлично одиграа и Медфорд со 16 поени и Дамјан Стојановски и Вудард со по 11 поени.

Кај гостите, Павличевиќ беше најефикасен со 19 поени.

МЗТ Скопје по 10 кола, е на делба на втората позиција со Спарс Сараево со по 17 победи зад непоразениот лидер Приморска.

Гебхард Гритч: Ѓоковиќ не знаеше каде се наоѓа

Беше изгубен и не знаеше каде се наоѓа. Новак имаше големи проблеми пред враќањето на тениските терени. Пред сè, имаше ментални проблеми, а беше и со слаба физичка кондиција. Никој не веруваше дека е можно да се врати на врвот, но тој успеа“, вели Австриецот Гебхард Фил Гритч, кондицискиот тренер на Новак.

Тој и соработниците од тимот на Ѓоковиќ направија светско чудо, во период кога никој не веруваше дека Новак повторно може да се врати на врвот на светскиот тенис и повторно да доминира.

„За среќа, брзо му се врати желбата да игра тенис. Почна повторно да живее по правилата што се потребни за да бидете врвен тенисер. Новак работеше напорно и успеа“, додава Гритч.

Неговото враќање на врвот веројатно е едно од најблескавите во историјата на спортот, а моментно Новак е на првото место на светската ранг-листа.

Ќе има шоу во Ел-еј – Лејкерс тргна по Дејвис, догодина доаѓа и Дурант?

Во Лос Анџелес повторно ветуваат кошаркарско шоу, а по Леброн Џејмс кој веќе е лидер на Лејкерс, се прават комбинации за ангажман на уште две големи ѕвезди.

Прв на ред е Ентони Дејвис, крилниот центар на Њу Орлеанс, кој е Ол-стар формат и одлично би се вклопил во ростерот на Лос Анџелес лејкерс.

За да дојде во Ел-еј ќе треба да се прават трампи, а според извори во НБА се шпекулира дека ќе бидат вклучени и Орландо, односно центарот Никола Вучевиќ и секако уште кошаркари од Њу Орлеанс и Лејкерс.

Ако се реализира замислениот ангажман на Дејвис, тимот од Лос Анџелес потоа ќе тргне по Кевин Дурант, кошаркар на Голден стејт вориорс. Извонредното крило на шампионот во НБА идното лето ќе биде слободен играч и може да потпише договор со екипата што ја предводи Леброн Џејмс.