20.8 C
Skopje
понеделник, 25 август 2025
Дома Blog Страница 9524

Одбраната на годината ја има КУЧЕ! (Видео)

Несекојдневен момент се случи на меч од втората аргентинска лига. Екипата на Хувентуд унида играше против тимот на Дефенсорес балграно и без проблеми стигна до победа од 3-0. Двата гола во првото полувреме и еден погодок во вториот дел беа доволни за три бода на домаќините.

Домаќините можеа да стигнат и до поубедлива победа, но пречка за тоа беше едно куче. Во една ситуација, гостинскиот голман не внимаваше, топката дојде до еден од играчите на Хувентуд унида, кој од 16 метри требаше само да ја погоди празната мрежа. Шутираше, но токму пред гол-линијата претрча кучето и топката го удри спасувајќи чист погодок.

Овој потег на кучето сигурно ги насмеа сите, освен оние кои имале типувано дека ќе има четири погодоци на мечот.

 

Ралф Хазенхитл е нов тренер на Саутхемптон

Ралф Хазенхитл е нов тренер на Саутхемптон и ќе има задача да ги извлече популарните „светци“ од опасната зона за испаѓање од Премиер лигата.

Австриецот ќе потпише тригодишен договор, а доаѓа како замена за Марк Хјуз. Велшанецот доби отказ вчера, откако има само 3 победи вкупно како тренер на Саутхемптон. И што е интересно, разделбата се случи по ремито со Манчестер јунајтед 2-2, што не е неуспех, но тимот има само една победа во оваа сезона во англиското првенство и се наоѓа на позиција во опасната зона од која се испаѓа.

Хазенхитл ја доживеа истата судбина во германскиот прволигаш Лајпциг, доби отказ откако претходно успеа за првпат во историјата на клубот да го одведе до настап во Лигата на шампионите.

 

Нема веќе попуштање: УЕФА ќе го избрка Манчестер сити од ЛШ!?

Европската фудбалска федерација (УЕФА) спроведува детална истрага во англискиот првак Манчестер сити под сомнение дека кај „граѓаните“ во изминативе неколку години имало многу финансиски малверзации. Еден од најреномираните весници во Англија, „Гардијан“, открива дека челниците на Сити сами си ги зголемувале износите од спонзорските договори, а со тоа се зголемувале и приходите. На тој начин клубот добива право да потроши повеќе пари за нови играчи.

Сопственикот на Манчестер сити, шеикот Мансур бин Зајед, најверојатно директно, со свои приватни пари, учествувал во покривање на дел од клупските трошоци и тајно, без официјален извештај, додавал финансии на „граѓаните“.

Поради овие малверзации, Сити може да добие забрана од УЕФА за учество во Лигата на шампионите за следната сезона. Дека работата е сериозна, потврди и првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин.

„Ја проценуваме ситуацијата. Имаме независна комисија која се занимава со тој проблем. Многу брзо ќе ги имаме резултатите од истрагата“, изјави Чеферин.

Како еден од конкретните примени за финансиски нерегуларности е тоа што се случило во 2015 година. Манчестер сити требало да добие околу 60 милиони фунти од главниот спонзор „Етихад“. Сепак, оваа компанија уплатила само осум милиони фунти, додека останатата сума стигнала директно од „Абу Даби јунајтед груп“, која е во сопственост на  шеикот Мансур бин Зајед.

 

Се јави Џошуа: Јас сум подготвен, не знам зошто будаливе чекаа толку

Ентони Џошуа има три појаси светски првак во тешка категорија и вели дека е подготвен да боксува и против Дионте Вајлдер и со Тајсон Фјури, а им испрати и порака.

„Не знам зошто будаливе чекаа толку долго. Подготвен сум за борба кога сакате. И тоа се однесува на двајцата“, објави на „Твитер“ англискиот шампион.

Веднаш по борбата меѓу Вајлдер и Фјури, и двајцата во рингот му испратија порака на Џошуа дека се плаши да се соочи со нив. Особено темпераментен беше неговиот сонародник Фјури, кој изјави дека Џошуа е кукавица и дека се крие.

Вајлдер по нерешениот резултат со Фјури, остана светски првак, но за да се обединат сите релевантни појаси, ќе треба да го победи Џошуа.

Амбиции да ги обедини сите признанија во рингот има и Фјури, но тој прво сака реванш со Вајлдер, па потоа и бокс-меч со Џошуа.

 

СПОРТСКА ПРОГНОЗА: Челзи е подготвен да му одржи лекција на Сити

Новото коло на Спортска прогноза нуди нови 12 интересни мечеви кои може да ви донесат мобилен телефон „самсунг А6“. Викендот кој следи ќе биде во знакот на големото дерби во Премиер лигата. Челзи го пречекува лидерот Манчестер сити и доколку сака да покаже дека има конкурент кој ќе може да му парира на шампионот, ќе мора да победи на „Стемфорд бриџ“.

Сите играчи на Спортска прогноза ќе имаат можност до почетокот на Барнли – Брајтон во сабота, во 16 часот, да ги дадат своите прогнози на понудените 12 мечеви. Понудата за ова коло е на дуели од Топ 5 земјите каде што се игра најдобар фудбал во Европа.

Дали токму овој викенд ќе имаме перфектен прогнозер, останува да чекаме до понеделник, кога ќе се одигра и последниот меч од ова коло меѓу Евертон и Ватфорд во 21 часот. Секако, ќе има и вредносни ваучери за сите кои до крајот на викендот ќе погодат 11, 10 или 9 парови на СПОРТСКА ПРОГНОЗА.

По успешната прогноза ќе ви се прикажат вашите типувања. Сите прогнози за тековното коло, вклучувајќи ја и вашата, можете да ги погледнете тука.

 

Не се само Меси и Роналдо, Модриќ не доби честитка ниту од Хајдук

Кристијано Роналдо и Лионел Меси го игнорираа изборот на „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер на сезоната, а признанието што го доби Лука Модриќ не му го честитаа ниту од хрватскиот гигант Хајдук.

Сплитските „били“ и претходно, кога Модриќ беше прогласен за најдобар во изборот на ФИФА, не се огласија со честитка за хрватскиот репрезентативец со образложение дека ќе му честитаат на секој поединец што е поврзан со Хајдук и со градот Сплит.

Модриќ голем дел од кариерата ја мина во големиот ривал на Хајдук, во Динамо Загреб, каде што ги направи првите крупни чекори во кариерата.

Сите останати прволигашки клубови во Хрватска му честитаат на наградата Златна топка што му ја додели „Франс фудбал“ вчеравечер.

Време е Монако да се „разбуди“

Амиен – Монако (19 ч.)

Дуел на два тима коишто се борат за опстанок во Франција. Нереално делува фактот дека Монако игра во групата од Лигата на шампионите, а е на 19-тото место во домашното првенство. Доколку тимот од малото Кнежество не почне да победува, може да се случи и да испадне.

Во моментов можеби и нема подобар противник од Амиен за Монако да се израдува на три бода. Тоа е екипа која е веднаш над Монако на табелата. Амиен дома освои 12 бодови, што значи дека игра солидно, но Монако мора да брка триумф. Двете победи кои ги има сезонава, Монако ги оствари на гостински терен.

Статистиката вели дека на четири од последните пет меча немало победник, што покажува дека ќе биде неизвесно и сега.

Предлог тип: Х2&2-4 (2.35)

 

Ватфорд – Манчестер сити (21 ч.)

Формата во која се наоѓа Манчестер сити е застрашувачка. Без разлика кој е противникот, „граѓаните“ едноставно редат нови победи. За избраниците на Пеп Гвардиола денешниот предизвик е Ватфорд. Тоа е ривал кој знае да биде незгоден, но кога се работи за меѓусебни дуели, Сити е доминантен и победил на сите осум последни средби.

Мал проблем за гостите може да биде повредата на Серхио Агуеро, за кого се очекува да мирува. На три од последните четири првенствени дуели, Сити прима барем по еден гол, а на гости веќе има две ремија во шест средби, па токму затоа би можело да се одигра една интересна комбинација кога е дел од „Квота на денот“ во Sport Life.

Предлог тип: Х2&ГГ (2.10)

 

Хетафе – Кордоба (19:30 ч.)

Во реванш-меч од Купот на Шпанија, Хетафе го пречекува второлигашот Кордоба. Тимот од Мадрид на првиот меч на гости победи со 2-1 и сега треба само рутински да ги одработи вторите 90 минути и да се пласира во осминафиналето. Кордоба е тим кој не може да се пофали со добра одбрана, па токму затоа и во Сегунда дивисион досега примиле 33 погодоци на 16 меча и се на претпоследната позиција на табелата.

Гостите нема што да загубат, ќе играат без притисок, во обид да направат чудо. Историјата вели дека на четири од последните шест меча на овие два клуба, било ГГ3+, што значи дека треба да има погодоци.

Предлог тип: 1+I&3+ (2.00)

 

Сампдорија – СПАЛ (18 ч.)

Прволигашки дуел во рана фаза од Купот на Италија. Според резултатите во последните неколку кола, ова треба да биде меч со погодоци. Сампдорија игра ГГ на последните пет средби, додека кога се работи за СПАЛ, на последните 11 средби имало барем по два погодоци.

СПАЛ има дури седум порази на последните 10 меча, но и Сампдорија не е многу подобра, бидејќи во саботата со победата над Болоња прекина една низа од пет средби без победа. Најдобро е да се типува на погодоци.

Предлог тип: 2-3 гола (1.93)

 

Вест хем – Кардиф (20:45 ч.)

Двете екипи во победничка атмосфера ја очекуваат денешната битка. Домаќините имаат проблеми со повредените Јармоленко, Санчес, Ланзини, но и покрај тоа, се фаворити. Тоа го покажуваат и последните шест меѓусебни дуели, на кои „чеканите“ победувале, и тоа најчесто лесно бидејќи дури на пет средби не примиле ниту еден гол.

Интересен податок е тоа дека на девет од 12 средби на овие два тима се случувало барем еден да не даде гол. Малку непопуларна игра е НГ, но традицијата вели дека тоа би можело да биде сигурен тип за овој пар или чист „кец“.

Предлог тип: 1 (1.72)

 

Победа ја тресе беспарица пред дуелот на сезоната против Шкендија

Победа има многу проблеми, се изнашета по терените ширум Македонија и игра како домаќин на различни стадиони, а пред дуелот на сезоната за прилепчани против Шкендија, во реванш-мечот од четврт-финалето во Купот, на виделина излегоа и финансиските проблеми.

Тони Мегленски неодамна беше сменет поради серијата порази, кормилото го презеде Јане Николоски, но поразите продолжија и главна причина за нив е беспарицата.

Тоа е јавна тајна во Прилеп, а ја потврди кондицискиот тренер на Победа, Перо Костовски, со порака на „Фејсбук“.

„Благодарност до ФК Победа, до сите играчи и до стручниот штаб кој беше воден од Мегленски Тони…. со одлична замисла и позитивна енергија за работа која, секако, веднаш и вроди со плод…… Но со пола плата за август која ја дадоа во ноември и постојани патувања од град во град да се биде домаќин без карантин за играчите….без основни средства (плата и премија за стимул и мотив за подобро кога екипата беше 4-то, 5-то место, позитивен резултат со екипа како Шкендија и можност за полуфинале во Куп поподолго време…). Постојани штрајкови (екипата и без тренинзи играше утакмици)…. И на крај, за неуспех е сменет тренерот дека не ги задоволил очекувањата???…. Некој требаше да е малку, барем малку реален и со грижа на совест да дојде да се извини на играчите и на тренерите за хаосот во кој ја ставија екипата и да се благодарни дека и покрај сè, екипата е без повредени играчи и бодовно блиску да се спаси за прволигашки живот напролет (во ситуацијата можеше да е многу многу полошо, што и немаше да е чудно како одраз на тоа каква беше не … организацијата во клубот) ако се средат работите организациски во клубот… сепак, тоа е што е и сè додека се работи на ваков начин во фудбалот, вината за неуспех ќе си ја префрламе од еден на друг и ќе сме далеку од она што го гледаме и замислуваме дека можеме да го постигнеме….”

Победа утре го игра реванш-мечот од четврт-финалето во националниот Куп против Шкендија, во Битола од 13 часот, а има предност од 1-0 од првиот дуел што се одигра во Тетово.

Просинечки повторно опериран

Селекторот на Босна и Херцеговина, Роберт Просинечки, по втор пат само за десетина дена мораше да оди на операција. Откако му беше направен хируршки зафат на тенкото црево, морало повторно да се интервенира и повторно заминал „под нож“.

Според изјавите на лекарите, Просинечки добро се чувствува и неговата состојба е стабилна. За разлика од првата операција, за која веднаш се дозна, оваа била направена уште во саботата, а информациите се појавија дури денеска.

Просинечки првпат се пожалил на болки во стомакот по враќањето од гостувањето кај Шпанија во Лас Палмас, во пријателскиот меч на БиХ на 18-ти ноември. Неколку дена подоцна беше хоспитализиран и му беше направена првата операција.

Просинечки засега е сместен во одделот за интензивна нега, а сигурно ќе остане во болница уште неколку дена.

Сити со проблеми пред гостувањето кај Ватфорд

Англискиот првак Манчестер сити најверојатно ќе биде без првиот напаѓач Серхио Агуеро на вечерашното гостување кај Ватфорд. Агуеро се жали на повреда на мускулот на ногата и поради тоа не играше на дуелот против Борнмут во победата од 3-1. Тренерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, вели дека не е потребно да се ризикува со Агуеро.

„Последната одлука ќе ја имаат докторите. Засега ништо не се знае. Во декември имаме тежок распоред и не сакаме да го изгубиме на подолго време“, рече Гвардиола, кој непосредно пред мечот ќе одлучи дали Агуеро ќе игра.

За разлика од аргентинскиот голгетер, сигурно е дека денеска нема да настапи Кевин де Бројне. Белгиецот уште не е доволно закрепнат по повредата од пред повеќе од еден месец.

Борнмут е тим кој е на средината на табелата во Премиер лигата, а на домашен терен игра променливо, па билансот сезонава му е три победи, две ремија и два порази. Неверојатниот Манчестер сити, кој уште е без пораз, на гости има четири победи и две ремија, но посебно е импресивна одбраната на „граѓаните“, кои на противнички терен досега примиле само еден гол во 540 минути.