27.8 C
Skopje
понеделник, 25 август 2025
Дома Blog Страница 9525

Зеница го виде финското чудо

Финските кошаркари приредија голем подвиг во Зеница и ја победија Босна и Херцеговина со 81:77, иако во текот на вториот период губеа со разлика од 21 поен.

Во квалификацискиот меч за пласман на Светското првенство во Кина што ќе се игра следната година гостите почнаа многу лошо и се чинеше дека комполетно ќе ги загубат шансите за победа против БиХ.

Босанците во финишот на втората четвртина водеа со 50:29 и играа извонредно, иако немаат шанси за пласман на СП. Сепак, Финците беа упорни, полека ја топеа разликата и последниот период го почнаа со минус 18.

Во последните 10 минути гостите ја прегазија домашната селекција со 36:14 и славеа важна победа од 81:77, со која ги задржаа шансите во битка со Русија за пласман на СП.

Русите ја декласираа Чешка со 81:61 и сè уште се фаворити за пат во Кина, покрај Франција и Чешка, кои се сигурни учесници на Мундијалот од групата К. Русија е трета со една победа повеќе од Финска и ќе игра против неа на домашен терен во последното коло.

Рамос пак го провоцира Салах

Серхио Рамос има повреда на рамото, но вели дека ќе игра и покрај тоа што не е комплетно фит. Со фотографија на „Инстаграм“ на која се забележува дека има мака со левото рамо, капитенот на Реал Мадрид испрати и порака.

„Нема одмор“, напиша Рамос, а многумина ја толкуваат пораката како нова провокација до Мохамед Салах.

Во финалниот меч од Лигата на шампионите, Рамос во еден дуел со Салах го повреди главниот адут на Ливерпул, а Мо мораше да го напушти теренот поради повреда на рамото.

Потоа имаше многу реакции, дека Рамос намерно го повлекол Салах предолго држејќи го за рака, а Реал Мадрид го победи Ливерпул и ја освои третата круна по ред во Лигата на шампионите.

Сега повторно реагираат навивачите на Ливерпул дека ова е нова провокација од капитенот на Реал Мадрид и се однесува на Мо Салах и неговата повреда и паузата по финалето во ЛШ.

Роналдо: Има само еден победник што ја заслужува Златната топка

Кристијано Роналдо нема да ја добие Златната топка што традиционално ја доделува „Франс фудбал“, но се јави со интересен пост на „Твитер“.

„Има само еден победник што ја заслужува Златната топка. Тоа е Кристијано Роналдо“, напиша Португалецот. 

Во продолжение понуди и аргументи со бројот на голови, асистенции и натпревари што ги одиграл тој, Лионел Меси и веројатниот добитник на признанието Лука Модриќ.

„Кристијано Роналдо – 55 натпревари, 54 голови и 11 асистенции. Лионел Меси – 54 натпревари, 46 голови и 18 асистенции. Лука Модриќ – 59 натпревари, 5 гола и 11 асистенции. Јасно е кој треба да го добие признанието“, додаде Роналдо.

Свеченоста во организација на „Франс фудбал“ ќе се одржи вечерва, од 21 часот, а речиси сигурно наградата ќе ја добие Лука Модриќ.

Елмас е одличен, Фенербахче е лош

Фенербахче остана во долниот дом во турското првенство откако и вечерва не успеа да ја победи одличната екипа на Касимпаша.

Мечот заврши нерешено, 2-2, со многу возбудувања и пресврти. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас играше до последните моменти, имаше забележителна улога, а беше заменет во 91-вата минута.

Сенегалецот Мбаje Дијање беше енигма за одбраната на Фенербахче, постигна два гола за гостите, а не погоди пенал во осмата минута. Со неговиот погодог во 22-рата минута Касимпаша поведе со 1-0, но Фенер направи комплетен пресврт до крајот на првото полувреме.

Нојштетер погоди во 44-тата минута, а само неколку моменти подоцна Чек си постигна автогол, па домаќините заминаа на пауза со предност од 2-1.

Но и немаа решение за брзиот и опасен стрелец Дијање, кој повторно беше прецизен во 54-тата минута за вторпласираната екипа во турското првенство. Касимпаша има 26 бода, четири помалку од лидерот Башакшехир и е најголемото изненадување во досегашниот тек на првенството.

За разлика од нив, разочарување на сезоната и првите 14 кола е Фенербахче само со 14 бодови на 15-тото место.

Ретко се случува – Јокиќ си го пофали конкурентот од Денвер

Никола Јокиќ е еден од најдобрите центри во НБА-лигата, но остана цврсто на нозе и не ги заборава соиграчите. Српскиот кошаркар ги воодушеви НБА-фановите, особено тие на Денвер нагетс, со изјавата за конкурентот Мејсон Пламли.

„Мејсон, според мене, е најпотценетиот кошаркар во НБА-лигата. Знае одлично да го брани рекетот и кошот, агресивен е, не се плаши ниту од најдобрите центри во лигата и може секого да чува. Имам почит за него и за начинот на којшто игра“, изјави Јокиќ.

Пламли му е директен конкурент на Јокиќ за „петката“ во Денвер нагетс, иако јасно е дека Србинот е поквалитетен и покомплетен кошаркар од Пламли.

Мејсон според минутажата и учинокот, има најдобар нет рејтинг во екипата на Денвер, а сезонава бележи по 6,8 поени, 5,1 асистенции и по две асистенции и една украдена топка во просек.

Чикаго не трпи порази, „биковите“ го сменија Хојберг

Фред Хојберг доби отказ во Чикаго булс по серијата порази на повеќекратниот шампион на НБА и откако не успеа во кус рок да го стабилизира клубот.

Чикаго лошо ја почна сезоната, моментно има биланс од 5 победи и 19 порази, па логична е разделбата со тренерот.

Хојберг ја почна третата сезона на кормилото на популарните „бикови“, но не успеа да ја заврши. Стартот му беше добар, со Чикаго оствари позитивен биланс, а во следната сезона Булс играа и во плејофот.

Претседателот на кошаркарски операции на Чикаго, Џон Пексон, одлучи во соработка со раководството да му врачи отказ на Хојберг, а сè уште не се знае кој ќе го наследи. Привремено решение е помошник-тренерот Џим Бојлен.

Откако го нема во трката за Златната топка, Меси коментира: Колективната игра е најважна

Лионел Меси за првпат по една деценија не е во најтесниот избор на фудбалер за наградата Златна топка. Аргентинскиот виртуоз очигледно дека не жали што е надвор од конкуренција, велејќи дека за него најважно е да има колективна игра во тимот и дека тоа е најважно за да се има успех на теренот.

„Тимот е поважен од кој било играч. Кога ќе видите како се постигнати успесите во фудбалот, станува јасно дека тие се плод на заедничка работа. Сите играчи заедно треба да се борат за успехот да дојде. Секако дека е важно да се подобри индивидуалната игра, но поважно е да му помогнете на тимот“, рече Меси, кој во кариерата петпати ја освојуваше наградата наменета за најдобриот индивидуалец во свет.

Меси вечерва нема да биде на церемонијата во Париз, каде што за најдобар фудбалер треба да биде промовиран Лука Модриќ од Реал Мадрид.

Арсенал се сили дека ќе го победи Манчестер ј. на „Олд Трафорд“

Арсенал покажа дека има квалитет да се бори дури и за титулата во Премиер лигата откако во дербито на Северен Лондон успеа со пресврт да го победи Тотенхем со 4-2. „Топчиите“ на полувремето губеа со 2-1, но на крајот стигнаа до убедлива победа.

Со овој триумф, тимот на Унаи Емери ја продолжи серијата од 19 меча без пораз во сите натпреварувања, но Арсенал нема многу време за славење. Следниот предизвик е ново дерби, и тоа на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед.

„Следи нов меч, нов предизвик. Сега ќе играме на гости и сакаме да го подобриме билансот кога играме на туѓ терен. Знаеме какви промени треба да направиме за да ги постигнеме посакуваните резултати. Против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ ќе ни биде потешко од кое било гостување сезонава, но ние сме мотивирани. Не знам дали сме подобар тим од нив, но ако сме, тоа треба да го покажеме на теренот во среда“, изјави менаџерот на Арсенал, Емери.

Арсенал моментно има 30 бодови и е на четвртото место на табелата во Премиер лигата. Манчестер јунајтед е со 22 бода, што е доволно за седмото место на табелата.

 

Годинава 12 познати тенисер(к)и ја завршија кариерата

Оваа 2018 година за најдобрите тенисери и тенисерки е завршена, а 12 од нив веќе нема да ги гледаме на професионалните турнири затоа што решија да се повлечат. За нив нема да има подотовки за следната сезона и настап на турнири во Австралија.

Годинава крај на играчката кариера ставија: Агњешка Радванска, Марион Бартоли, Мартина Хингис, Роберта Винчи, Франческа Скјавоне, Жил Милер, Михаил Јужни, Жулиен Бенето, Јирген Мелцер, Флоријан Маер, Алехандро Фаја и Макс Мирни.

Овие тениски пензионери во дел од кариерите оставија траги.

Радванска се повлече само на 29 години, таа е поранешна број 2 на ВТА-листата и финалистка на Вимблдон, но повредите ја принудија на ваков чекор. Бартоли го освои Вимблдон во 2013 и ќе се посвети на тренерската работа, а славната Хингис се повлекува по трети пат во кариерата, овојпат се чини конечно и засекогаш. Винчи беше одлична во игра на двојки, а Италијанците веќе нема да навиваат ниту за Скјавоне, која запиша Гренд слем титула во 2010.

Милер беше најпознат тенисер од Луксембург, Јужни со Русија освои две титули во Дејвис купот, а Бенето се повлече без победнички трофеј во сингл, иако одигра 10 финалиња, но ќе се фали дека двапати го победил Федерер.

Играч на Локомотив починал од смрзнување во Москва

Младиот фудбалер на Локомотив Москва, Алексеј Ломакин (18) бил пронајден мртов. Ломакин излегол со пријател на пијалок и потоа му се губи трагата. Два дена подоцна, неговата мајка го пријавила неговото исчезнување откако синот не ѝ се јавувал на мобилниот телефон.

Ломакин ја поминал јуниорската школа на Локомотив и настапувал за тимот Б на клубот кој се натпреварува во Лигата на шампионите. Руските власти претпоставуваат дека фудбалерот починал како последица од смрзнување.

„Шокирани сме од трагедијата. Локомотив изразува сочувство до семејството и пријателите на Алексеј“, стои во соопштението на Локомотив.