22.8 C
Skopje
среда, 20 август 2025
Дома Blog Страница 9538

Парма и Сасуоло решија се за едно полувреме

Жервињо игра одлично, откако се врати во Европа, повторно постигна гол за Парма, по него во 25. минута прв гол сезонава запиша и Бруно Алвеш, доволно за нова победа.

Бубакар беше прецизен за Сасуоло во 36. минута од пенал, за надеж за Сасуоло, но потоа цели 54 минути мрежите мируваа.

Парма се обидуваше да ја запечати победата од 2:1 со контранапади во вториот дел, а Матри ја промаши најголемата шанса за гостите во самиот финиш на мечот од 13. коло во Серија А.

Парма е феномен и иако има негативна гол-разлика од 14:16 сепак со 20 бодови е во топ-6 во Калчото, односно се наоѓа на позиција која гарантира настап во Европа Лигата.

Сасуоло го претрпе четвртиот пораз во Серија А, но не е далеку од Парма и со 19 бодови се наоѓа на осмата позиција.

Атлетик веќе и не знае како да победи

Перу Ноласкоајн го прослави првиот гол за Атлетик Билбао, но на крајот 20-годишниот играч за врска на баскискиот тим и неговите соиграчи немаа многу причини за радост.

На „Сан Мамеш“ бод освои и Хетафе со погодокот на Жаиме Мата во 77. минута, само 10 минути по водечкиот гол за Атлетик Билбао.

Хетафе ја продолжи серијата од шест меча без пораз на гостински терен и не дозволи домаќинот да ја прекине долгата низа од сега веќе 12 меча без победа во шпанското првенство.

Атлетик Билбао е во голема криза се наоѓа во зоната за испаѓање со само 11 бодови на 13 натпревари и засега е подобропласиран само од Хуеска и од Рајо Валјекано.

Хетафе го освои 17-от бод со ремито 1:1 и е точно на средината на табелата, на 10. место.

Време е за збогум – Алонсо ги врти последните кругови во Формула 1 (Видео)

Фернандо Алонсо со емотивна порака непосредно пред трката во Абу Даби, што ќе почне денеска од 14.10 часот се прости од навивачите, а ќе ги вози последните кругови во Формула 1.

Големиот шампион, со две круни од Ф1 циркусот ја почна авантурата во 2001 година со деби настап на австралиското гран-при, а збогум ќе каже денеска во марината во Абу Даби.

Ќе стартува од 15-та позиција, а ќе се обиде да освои бодови за последн пат во натпреварувањето во кое ќе остане запаметен како еден од најдобрите во историјата. Возеше за најдобрите тимови во Ф1 циркусот, првата победа ја забележа во Унгарија на „Хунгароринг“ во 2003 година, а за последен пат победа на свој терен на шпанското гран-при во Каталуња во 2013 година.

Алонсо меѓу впечатливите резултати има и победи на Монако гран-при и на 24 часа Ле Ман, што го става во друштво на само 13 пилоти кои имаат идентичен подвиг.

Се потсетија на дамнешните времиња – Баерн не бил вака лош од минатиот век

Баерн не успеа да ја прекине црната серија од 4 меча без победа на домашен терен, за шампионот во Бундеслигата не беа доволни ниту предноста од 2:0 и 3:1, па Фортуна си ја најде среќата во Минхен и го врати најтрофејниот германски клуб во минатото.

Ваква серија од 4 натпревари без триумф на домашен терен, Баерн за последен пат имал во 1994 година. Минаа цели 24 лета, а шампионот има негативна низа од три нерешени и еден пораз дома.

На последните 8 натпревари Баерн прима гол што е потсетување на 2000-та година, кога се случи истото за последен пат, па сега веќе речиси и да нема излез за Нико Ковач. Тренерот кој го презеде тимот ова лето, веројатно ќе добие отказ, ако нешто драстично на подобро не му се случи на тимот со големи амбиции и одличен квалитет.

Напаѓачот  на Фортуна Диселдорф, Доди Лукебакио само достави сол на раните на Баерн и стана првиот играч со хет-трик на „Алијанц арена“ по Ебе Санд во 2001 година. Премногу негативни рекорди и потсетување на лошите периоди на Баерн од пред многу години му висат на Ковач како дамоклов меч.

Германските медиуми веќе оддамна пишуваат дека хрватскиот стратег нема да ја дочека 2019 година на кормилото на Баерн.

 

Ќе гори во Џенова – Навивачите со голема поддршка за Пандев и соиграчите (Фото)

Навивачите на Џенова во голем број пристигнаа на последниот тренинг за да им дадат поддршка на Горан Пандев и соиграчите пред денешното дерби со Сампдорија.

На „Луиџи Ферарис“, вечерва од 20.30 часот ќе играат Џенова и Сампдорија во секогаш жешкото градско дерби. Горан Пандев е во комбинација да биде во стартниот состав на едно од најголемите дербија во Италија, а навивачите беа присутни на последниот тренинг за да им дадат поддршка со победа да излезат од кризата.

Џенова е во незгодна серија од шест меча без победа, Сампдорија нема триумф на четири натпревари по ред, што не им остава простор за калкулации на двата тима во популарното „Дерби Дела Лантерна“.

Вечерва ќе се игра по 97. пат, а Сампдорија е поуспешна и има 37 победи. Џенова на 24 меѓусебни дуели ги има освојувано бодовите, а 35 меча завршиле нерешено. Гол-разликата е во корист на условно кажано гостите на денешниот меч со 115:97, па постои можност, ако игра Горан Пандев, да биде стрелец на стотиот гол за Џенова во големото градско дерби на Џенова.

 

Прилепчани редат покер против Шкендија

Шкендија е во победнички ритам, за час во вториот круг со серија успеси го презеде врвот на табелата од Вардар, но денеска од 13 часот ќе му гостува на најнезгодниот противник сезонава, на прилепска Победа.

На „Кукуш“ во Турново Победа ќе се обиде по четвртипат по ред годинава да го изненади актуелниот првак, откако почна серија победи против денешниот ривал во април и потоа уште двапати славеше и тоа како гостин во Тетово.

Денеска поради проблемите на прилепчани со стадионот повторно ќе се игра на неутрален терен, а амбициите на двете екипи во мечот од 16. коло се победнички.

Во второто дерби во Кратово, трикратниот првак Силекс ќе бие битка за бодови и избегнување на дното на табелата против најтрофејниот наш клуб Вардар. Двете екипи влегоа во кризен период и победа ќе значи многу.

Двојки, 16. коло, денеска од 13 часот:

Победа – Шкендија

Силекс – Вардар

Работнички – Македонија Ѓ.П.

Шкупи – Беласица

Ренова – Академија Пандев

 

Гостите се фаворити на овие мечеви, „двојките“ најреална опција

Борнмут – Арсенал (14:30 ч.)

„Топчиите“ никако не сакаат да се предадат во трката за едно од првите четири места во Премиер лигата. Ако сакаат да дојдат до еден бод зад Челзи, денеска ќе мора да победат. Имаат сериозен предизвик, играат на гости против тим кој знае да биде незгоден.

Во шест меча Борнмут има само еден пораз, но Арсенал знае како се победува на овој терен, па храбро би играле двојка за коефициент 2,05.

 

Амиен – Олимпик Марсеј (21 ч.)

Амиен е тим со далеку посиромашна историја и традиција од гостинот. Главна цел на домаќините сезонава ќе биде да обебзедат опстанок во елитното друштво. Марсеј загуби два пати во последните три кола и малку заостана во трката за второто место, бидејќи се знае дека за ПСЖ е резервирана челната позиција. Гигантот од Марсеј не смее да си дозволи нов кикс, па затоа коефициент од 1,83 е одличен предизвик за типување.

 

Емполи – Аталанта (15 ч.)

Ако се гледаат резултатите од последните пет меча во Серија А, само Јувентус има собрано повеќе поени од Аталанта. Емполи освои само девет бода од досегашните 12 средби и едноставно е во улога на аутсајдер на овој меч. Аталанта победи со идентични 0:1 на последните две гостувања кај овој ривал, па ништо чудно ако и трета сезона по ред заврши со 0:1. Коефициентот за „двојка“ е 1,80.

 

Алтах – Штурм (14:30 ч.)

Да беше Штурм во добра форма, тогаш ќе немаше дилема дека гостите се големи фаворити. Сепак, фактот дека Штурм нема победа на последните седум лигашки меча прави Алтах да се надева дека може да направи изненадување. Домаќините цеи 15 средби чекаат победа против овој ривал. Штурм сепак е поквалитетен, традицијата вели дека имаат 10 победи и пет реми во последните три години против Алтах, па затоа многу привлечно делува коефициентот 2,15 за победа на Штурм.

 

Венло – АЗ Алкмар (16:45 ч.)

Екипата на Венло е едно од најпријатните изненадувања во Холандија и е во горниот дел од табелата. Сепак, кога се работи за дуелите против АЗ Алкмар, противникот е апсолутен фаворит. На 12 од последните 15 меѓусебни средби, АЗ Алкмар победувал, а Венло само два пати успеал да ремизира и еднаш да го освои целиот плен. Двојката тука е со коефициент 1,85.

 

 

Гвардиола најави дека Сити ќе го преспие зимскиот пазар

Манчестер сити одлично напредува кон целта да ја одбрани титулата во Премиер лигата. „Граѓаните“ се лидери на табелата и уште немаат ниту еден пораз. Токму поради овој факт, тренерот Пеп Гвардиола вели дека е задоволен од моменталниот состав на играчи со кои располага и не му се потребни нови засилувања.

Шпанскиот менаџер планира воопшто да не се активира во зимскиот преоден рок кој трае во текот на цел јануари.

„Не, нема да трошиме пари за ниту еден играч. Задоволен сум од моменталниот состав, а треба и некои играчи да ни се вратат. Затоа и нема да купуваме нови играчи во зимскиот преоден рок“, најави Гвардиола.

Сити моментно има 35 поени, два повеќе од Ливерпул, додека третиот Тотенхем има 30 поени, по 13 одиграни меча.

 

Ковач последната шанса ќе ја има против Бенфика

Баерн Минхен вчера повторно разочара откако одигра 3:3 против Фортуна, тим кој се бори за опстанок во Бундес лигата. По еден таков срамен резултат, челниците на баварскиот гигант го „запалија црвеното светло“. Претседателот Ули Хенес најави дека нема да има промени додека не се одигра дуелот против Бенфика во Лигата на шампиони, но потоа е можно да има смена на тренерската позиција, каде е Нико Ковач.

„Во овој момент, тренерот не е предмет на анализа. Во вторник треба да одиграме тежок меч против Бенфика, а дури потоа ќе направиме анализа. Мораме да останеме смирени. Сега, најпрво треба да го обезбедиме местото во нокаут фазата од Лигата на шампиони, а потоа да седнеме и да видиме што ќе правиме понатаму. Тоа што ни се случи против Фортуна е недозволиво. Ковач сигурно ќе го води тимот против Бенфика, а потоа ќе разговараме и со играчите да ги прашаме зошто се овие слаби резултати. Играме лош фудбал, без инспирација. Тоа мора да се смени“, рече Хенес.

Баерн заостанува девет бода зад лидерот Борусија Дортмунд во Бундес лигата, но во Лигата на шампионите екипата е прва во својата група со 10 бода.

 

Марадона со ново шоу во соблекувалната го прослави пласманот во финалето од плеј-офот

Еден од најдовбрите фудбалери на сите времиња, Диего Армандо Марадона, ужива во успехот кој го прави како тренер во втората лига во Мексико. Марадона е на клупата на тимот на Дорадос, со кој ноќеска успеа да се пласира во финалето од плеј-офот за влез во елитната лига на Мексико.

Дорадос ноќеска загуби на гостувањето кај Хуарез со 1:0, но на крајот се радуваше, бидејќи првиот меч заврши со победа од 2:0 на тимот на Марадона. Со ваквиот резултат Дорадос стана првиот финалист во плејофот за пласман во првата мексиканска лига.

По завршување на мечот, веќе традиционално стана, во соблекувалната на Дорадос, токму Марадона да биде предводникот на славјето. Така беше и овојпат.

Пласманот на Дорадос во финалето е еден вид сензација, ако се знае дека тоа е тимот кој во регуларниот дел од сезоната заврши на седмото место на табелата.