33.8 C
Skopje
среда, 13 август 2025
Дома Blog Страница 9549

Хрватско-српска врска му донесе победа на МЗТ Скопје

Хрватско-српската комбинација Иве Иванов и Андрија Бојиќ одигра одлично и тие го предводеа МЗТ Скопје до нова победа во АБА 2 лигата, вечерва против Динамик со 84:74.

Иванов постигна 24 поени и беше најефикасен на мечот, а веднаш до него со 22 поени беше Андрија Бојиќ. Интересно, и двајцата странци во составот на МЗТ Скопје погодија по 10 шута од 15 обиди.

По првото полувреме, македонскиот вицешампион имаше предност само од еден поен, 36:35,  клучна беше третата четвртина. Ја доби МЗТ Скопје со 27:18 и ги отстрани сите дилеми околу победникот.

Дамјан Стојановски постигна 15 поени со перфектен удар за два поени, 4 од 4, а поен помалку прокнижи Медфорд.

Кај гостите од Белград, Чакаревиќ беше најефикасен со 18 поени.

Будуќност со рекорд на Евролигата до прва победа во елитата

Првата победа на Будуќност во евролигашка конкуренција беше одбележана со нов рекорд во најсилното клупско натпреварување. Тимот на тренерот Александар Џикиќ погоди дури 21 тројка и тоа му помогна да ја совлада Басконија со 99:84. За подгоричани, ова е прва евролигашка победа.

Овие 21 тројка се нов рекорд на Евролигата. Досега најмногу тројки имаа реализирано Монтепаски Сиена од 2012 година и Барселона од минатата сезона, кога погодија по 19. Будуќност имаше 34 обиди и 21 тројка, што е дури 61,8 отсто реализација, фантастично остварување на толку голем примерок.

Џексон даде шест тројки, Ерл Кларк и Николиќ по четири, Суад Шеховиќ три, а Иванович и Коти Кларк по две.

Во другиот денешен меч од Евролигата кој е завршен, Армани Милано славеше во Истанбул против Дарушафака со 98:92, а уште две средби се во тек.

Левандовски утна празен гол од еден метар (Видео)

Роберт Левандовски нема по добро да го памти јубилејниот стоти меч во дресот на полската репрезентација. Полска загуби во пријателски меч од Чешка со 0-1, а потегот по кој ќе се памти средбата го направи токму славеникот Левандовски.

Голгетерот на Баерн Минхен, кој немилосрдно ги тресе мрежите на противниците, овојпат се посрамоти. По една акција на Полска, Левандовски се најде во ситуација од еден метар да погоди во празната мрежа, но не успеа.

Дарушафака продолжи да дели дарови во Евролигата

Несудениот македонски репрезентативец Владимир Мицов блескаше во составот на Армани Милано и со 20 поени го предводеше до победа против Дарушафака во Истанбул.

Гостите од Италија славеа со 98:92 му го нанесоа шесттиот пораз во седмиот меч во Евролигата на Дарушафака, а Мицов ги постигна последните 4 поени за Милано.

Во финишот беше драматично, но гостите беа смирени, особено Мицов, кој имаше сигурна рака и погоди две слободни и удар за два поени за да ја запечати петтата победа во Евролигата.

Мицов пред неколку години имаше понуда од нашата кошаркарска федерација да настапува за Македонија, но ја одби понудата.

Покрај Мицов, одличен кај гостите беше и Мајк Џејмс со 21 поен и тој беше најефикасен на мечот. Кај домаќините се истакна Ерик со 16 поени.

Во Лихтенштајн си имаат желби, Македонија не им ги исполнува

Селекторот на Лихтенштајн и неговите избраници имаат јасен план како да ја изненадат Македонија, тактиката е што подолго да држат рамнотежа и со контранапади да се обидат да нè изненадат.

„Сакаме да одиграме подобро од претставата што ја прикажавме во Скопје. Мораме да ги држиме Македонците подалеку од нашиот гол. И јасно е дека врз нив е притисокот, ние немаме што да загубиме“, вели Рене Паурич, селекторот на Лихтенштајн во заминување.

На Македонија утре, од 20.45 часот, ѝ останува да им го расипе планот на домаќините и да победи во Вадуз, како што и досега редовно го правеше тоа против оваа селекција, со исклучок на ремито во 2009 година. Имаме 7 победи и едно реми против Лихтенштајн, а нам ни одговара и нерешено, ако во Скопје на 19-ти ноември го победиме Гибралтар.

Во таков случај, ќе бидеме први во нашата група и ќе играме полуфинале со некој од останатите три победници во групите од Сегментот Д.

 

„Висенте Калдерон“ заминува во историјата

Стадионот „Висенте Калдерон“, поранешниот дом на Атлетико Мадрид, заминува во историјата откако денес властите на Мадрид одлучија целосно да го срушат. На тоа место ќе се гради урбана населба.

Процесот ќе се подели во три фази, за кои ќе бидат потребни 34 месеци за местото целосно биде ослободено за нова градба. Ќе бидат издвоени 40 милиони евра за рушење на стадионот.

„Висенте Калдерон“ е изграден во периодот од  1959 година до 1966 година, а Атлетико како домаќин на тој стадион ги играше натпреварите до 2017 година, пред да се пресели на „Ванда Метрополитано“. На овој стадион се играа натпреварите од групата Д на Светското првенство кое се одржа во Шпанија, во 1982 година.

 

Хамес ќе се врати во Реал по крајот на сезоната

Хамес Родригес нема да остане во редовите на Баерн Минхен и по оваа сезона, откако германскиот гигант одлучи да не ја активира опцијата во целост да го откупи договорот на Колумбиецот од Реал Мадрид. Тоа значи дека откако ќе заврши двегодишната позајмица, Хамес ќе се врати во Мадрид.

Според договорот меѓу Баерн и Реал, „баварците“ имаат можност да го откупат хамес за сума од 42 милиони евра, сепак одлучија средствата да ги искористат за други засилувања.

Во 50 натпревари кои Родригес ги одигра за Баерн, постигна 11 погодоци и асистираше на 16.

Голден стејт без Кари и во следните пет меча

Плејмејкерот на Голден стејт вориорс, Стеф Кари, поради повредата на препоните ќе ги пропушти и следните пет натпревари во НБА-лигата. Кари се повреди во текот на третата четвртина против Милвоки, натпревар кој „воините“ го загубија кон почетокот на ноември.

Иако повредата не е сериозна, од таборот на шампионот на НБА сметаат дека подобро е Кари да се одмори уште некое време, а следната проценка за неговата состојба е закажана за 10 дена.

Претходно ги пропушти последните три меча за Голден стејт, а сега Кари ќе ги пропушти трите гостувања во Тексас, против Хјустон, Сан Антонио и Далас, како и мечевите кои ќе ги играат на домашен терен против Оклахома и Портланд. Се очекува Кари да истрча на теренот во мечот против Сакраменто, закажан на 25-ти ноември.

 

Баерн налето го носи Ремзи без пари

Баерн Минхен продолжува со својата трансфер-политика, да ангажира играчи без да плати енормна отштета за нив. Таков ќе биде и случајот со Арон Ремзи, фудбалерот на Арсенал, кој според англиските медиуми, од следното лето ќе биде најновата аквизиција на „баварците“.

На велшкиот репрезентативец му истекува договорот со „топчиите“ по крајот на оваа сезона, а откако двете страни не најдоа заеднички јазик за негово продолжување, на Ремзи му остана да си бара нова средина во која ќе ја продолжи фудбалската кариера.

Ливерпул и Челзи, исто така, беа заинтересирани за неговите услуги, но се верува дека Баерн е во пол-позиција откако првите преговори со претставниците на фудбалерот поминале добро. Германскиот шампион може уште во јануари да преговара околу условите за повеќегодишниот договор, што е предност во однос на англиските тимови, кои за преговори мора да чекаат да истече договорот на Ремзи што го има со Арсенал.

 

Според новиот договор, Симеоне ќе биде најплатен во Атлетико

Преговорите меѓу Атлетико Мадрид и Диего Симеоне се во завршна фаза. „Ел Чоло“ ќе потпише нов договор со клубот според кој ќе остане најмалку до 2023 година. Засега не е откриена цифрата која ќе ја заработува, но шпанските медиуми тврдат дека Симеоне ќе добива поголема плата и од најплатениот играч во тимот, Антоан Гриeман.

Французинот минатата година потпиша нов договор со „јорганџиите“, според кој заработува 17,5 милиони евра по сезона. Во новиот договор на Симеоне ќе има и одредена клаузула, па доколку некој клуб ги посакува неговите услуги, таа ќе може да биде активирана.

Симеоне така ќе остане повеќе од една деценија на клупата на Атлетико. Во последниве седум години, четириесет и осумгодишниот стратег е одговорен за успехот кој го постигна клубот од Мадрид. Освоија седум трофеи, меѓу кои еден од најзначајните е шампионската титула на Шпанија во 2014 година, како и учеството на две финалиња во Лигата на шампионите.