15.8 C
Skopje
сабота, 2 август 2025
Дома Blog Страница 9559

На Ван дер Варт му е доста од фудбал

Ексрепрезентативецот на Холандија и поранешен член на Реал Мадрид, Рафаел ван дер Варт по крајот на оваа сезона, ќе се повлече од фудбалските активности. Триесет и петгодишниот офанзивец смета дека повеќе не може да ги издржи напорите како некогаш, што е знак дека доаѓа крајот на кариерата.

„Додека ми издржува телото, ќе го правам тоа што го сакам, но, сметам дека оваа сезона за мене е последна. Јасно ми е дека повеќе не можам да играм како порано, тоа го прифатив одамна и знам дека дојде време да ставам крај на кариерата“, истакна Ван дер Варт.

Холаѓанецот ја започна кариерата во Ајакс, а потоа заигра и за бундеслигашот Хамбургер. Кратко време се задржа во Реал Мадрид, а ги бранеше боите и на Тотенхем, пред да се врати во ХСВ, а во 2015 година се пресели во Бетис од Севилја. Две години помина во редовите на данскиот тим Митјиланд, а од ова лето е член на Ејсберг.  За сениорската селекција на „лалињата“, Ван дер Варт одигра 109 натпревари на кои 25 пати се запиша како стрелец.

Долга е листата на слободни тренери

Доколку Сантијаго Солари остане само привремен тренер на Реал Мадрид во траење од две недели, тогаш клубот ќе мора да одбере нов траен шеф на стручниот штаб, а според имињата кои се без ангажман, „кралевите“ имаат богат избор.

Без клупски ангажман се и некои искусни тренери-ветерани, некои млади и потенцијални, како и многу поранешни играчи на Реал и луѓе кои освојувале вредни шампионски титули.

На листата се: Гути, Јуп Хејнкес, Мичел, Висенте дел Боске, Михаел Лаудруп, Арсен Венгер, Клаудио Раниери, Кике Флорес, Антонио Конте, Лоран Блан, Андре Вилаш-Боаш, Уго Санчес, Луис ван Хал, Роберто ди Матео, итн.

Од овие кандидати, Конте е фаворит за клупата на Реал, но Солари има две недели да докаже дека може да биде и трајно решение, а не само привремен тренер.

Политичарите може да го расипат историското финале на Копа Либертадорес

Најважниот фудбалски двобој во историјата на Јужна Америка беше закажан за седми и 28-ми ноември, Бока јуниорс и Ривер плате ќе се борат за титулата најдобар тим на континентот, но едно од најголемите дебија на светот наиде на првата пречка.

За 30-ти ноември, во главниот град на Аргентина е закажан почеток на самитот Г-20, на кој присуствуваат шефовите на 20-те најмоќни држави во светот. Се очекува да дојдат Доналд Трамп, Владимир Путин, Ангела Меркел и останатите најважни фигури од Кина, Саудиска Арабија, Велика Британија, Франција, Јапонија, итн.

Но, на 26-ти ноември почнува целиот настан со состаноци на помалку важните државници, министри и останатите. Мерките за безбедност ќе бидат огромни, ќе има над 20.000 обезбедувачи.

Стадионот „Монументал“, на кој домаќин е Ривер, се наоѓа на шест километри од местото на коешто ќе се држи самитот, а тие денови забранети се какви било собири. Луѓето цел живот чекаа ваков фудбалски спектакл, но политичката моќ е поголема и реваншот нема да може да се игра на 28-ми ноември.

Новиот предлог е мечевите да се играат на 10-ти и 24-ти ноември, но тоа се саботи, кога се играат редовни кола од аргентинската Суперлига, а и телевизиите треба да ги усогласат евентуално новите термини.

Крај на сезоната за Јотовски, но избегна операција на рамото

Една многу добра, и една не толку добра вест за најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски, по прегледот кај познат доктор кој зад себе има големо искуство и бил на повеќе олимписки игри со руските спортисти.

Добрата вест е дека 28-годишниот Јотовски нема да мора да оди на операција на повреденото рамо, а лошата е дека до крајот на годинава нема да може да игра. Сепак, ова е многу поповолен развој на настаните во споредба со таа ако требаше да биде опериран.

На прегледот во Москва, на Јотовски му било кажано дека што нема пукната коска или скршеница, нема никаква потреба од хируршки зафат.

Сега Томи во наредните три седмици ќе прима по една инјекција неделно, а потоа следува рехабилитација од околу еден месец, за да зајакне мускулот. Ова значи дека Јотовски на тениските терени ќе може да се врати за два месеца.

Бензема знае како да се наметне кај тренерите

Карим Бензема цела деценија е прв напаѓач на Реал Мадрид и никој не може да го замени во стартното место, а една од причините можеби е она што тој синоќа го оствари. Французинот е првиот стрелец на гол кај четворица од последните пет тренери на Реал.

Бензема со првите голови откако ќе дојде нов тренер, сака да покаже дека тој е прва опција и тренерите му веруваат. Во последните пет и пол години, само кај Рафаел Бенитес тој не беше прв стрелец.

Серијата на Бензема почна со Карло Анчелоти. Првиот меч на Карло на клупата на Реал беше во летото 2013 година и на тој меч со Бетис, Бензема погоди за водство од 1-0. Дебито на Зинедин Зидан се случи во победа против Депортиво од 5-0, а серијата ја отвори Карим. И во ерата на Хулен Лопетеги, во поразот од Атлетико во европскиот Суперкуп, прв стрелец беше Бензема. Синоќа тој беше првиот стрелец и кај тренерот Сантијаго Солари.

Критичарите на Бензема велат дека ова можеби ќе му биде и последен гол со Солари на клупата, а некои бараат Реал да ги менува тренерите пред секој натпревар, па така Бензема би дошол и до Златната копачка.

Бензема синоќа со погодокот во Кралскиот куп на Шпанија, стана и првиот играч од шпански клуб кој сезонава дал гол во четири различни натпреварувања (Суперкуп на Европа, шпанско првенство, Лига на шампиони, Кралски куп).

Милан со скапи карти ги избрка навивачите на Јувентус

Дуелот на најтрофејните клубови во Италија, Јувентус и Милан, сепак нема да го има посакуваниот ефект. Фановите на Јувентус најавија дека ќе го бојкотираат мечот и нема да патуваат на „Сан Сиро“. Единствената причина за бојкотот е скапите билети за гостинскиот сектор на стадионот во Милано.

До минатата сезона, симпатизерите на Јувентус гостуваа на „Сан Сиро“ за 40 евра по човек, додека сега влезницата е дури 75 евра, што е речиси двојно поскапо.

„Да се гледа Милан – Јувентус од третиот спрат на стадионот за 75 евра е неприфатливо. Тоа е шлаканица за навивачката страст. Не може постојано да крадете од нашите џебови и да бидеме уценувани“, стои во соопштението на навивачите на Јувентус.

Дербито на „Сан Сиро“ ќе се игра на 11-ти ноември, а влезниците се движат по цена од 75 до 435 евра.

„Металците“ ако играат како против Борац, ќе го победат Сплит

Да продолжи победничката серија на домашен терен е единствената намера на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на средбата со Сплит од 18 часот во рамките на шестото коло од втората АБА-лига.

„Штрковите“ одлично ја стартуваа сезоната, но потоа имаа серија непосакувани случки, па пресметката со сплитските „жолти“ може да биде прилика за стабилизирање на составот на тренерот Ѓорѓи Кочов.

„Сплит има одличен состав, играат добро. Очекувам голема борба. Ако бидеме максимално мотивирани и храбри, верувам дека можеме да дојдеме до победа. Секако, верувам дека ќе имаме помош од верната публика. Ќе треба да го подигнеме нивото на одбрана, како на првите мечеви од АБА 2 лигата“, вели Кочов.

Влезот во „Јане Сандански“ е слободен, а на повеќе места во салата ќе бидат поставени кутии за донација за лекување во странство на Борче Цветановски, татко на член на навивачката група „Фемили“.

Шумахер не може да оди и да зборува, но се случува да заплаче

Поминаа речиси пет години од скијачката несреќа во која тешко настрада легендарниот возач на Формула 1, Михаел Шумахер. Германецот кој освои седум шампионски трофеи во најбрзиот спорт најверојатно никогаш нема да може да закрепне по падот додека скијаше на француските Алпи.

Иако многу малку се знае за неговото здравје, британскиот таблоид „Експрес“ напиша текст за популарниот Шуми, во којшто се откриваат досега непознати детали.

„Според тоа што го знаеме за неговата повреда, Шумахер не може да оди, ниту да зборува, но извор ни тврди дека може да покаже емоции. Според извештајот на здравствената заштита, за куќна нега на Михаел досега се потрошени 22 милиони евра“, пишува во текстот на „Експрес“.

И францускиот магазин „Парис меч“ пишува за состојбата на легендарниот возач на Ф1. Тие дури тврдат дека имаат изјава од член на семејството.

„Кога ќе го ставите во инвалидска количка и го свртите кон прекрасната панорама со поглед на езерото, Михаел понекогаш знае да заплаче“, стои во пишувањето на францускиот магазин, кој се повикува на близок член на семејството на Шумахер.

Реал му нуди на Јувентус размена на Бразилците

Двата најтрофејни клуба во Шпанија и Италија, Реал Мадрид и Јувентус, може да направат размена на играчи. Според пишувањата на италијанските медиуми, постои можност двајца Бразилци да си ги сменат клубовите.

Искусниот Марсело веќе подолго време најавува дека сака да си оди од Реал и да се приклучи на другар му Кристијано Роналдо во Јувентус. Реал бара решение за тоа како да го даде Марсело, но и да добие квалитетен играч за возврат. Комбинацијата е Алекс Сандро да си замине од Торино и да го облече дресот на „кралевите“.

Алекс Сандро има договор со Јуве до 2020 година, но тимот од Торино веќе подолго време настојува да му ја продолжи соработката, а Бразилецот тоа го одбива. Токму затоа е на повидок и негово заминување од италијанскиот првак. Ако се направи размена, Реал би можело да бара и доплата, бидејќи моментно Марсело се проценува на 15 милиони евра повреден од соиграчот од репрезентацијата.

Балканско дерби во Париз, Ѓоковиќ против Чилиќ за полуфинале

Новак Ѓоковиќ со победа против Дамир Џумхур го прослави враќањето на првото место на АТП-листата, а мечот од осминафиналето заврши предвреме.

Поради повреда на грбот, Џумхур го предаде мечот при негатива од еден сет и 1:2 во гемови во вториот сет.

Ѓоковиќ атакува на петта титула во Париз, а следниот противник му е еден од омилените ривали, Марин Чилиќ. Србинот има неверојатен биланс од 15:2 во победи против Чилиќ, но и еден пораз годинава од Хрватот.

Во јуни, на тревната подлога во Лондон, Марин го победи Ѓоковиќ со 2:1 во меч за титула. Сè останато е во знакот на популарниот Џокер, кој има блескав биланс против Чилиќ.