16.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025
Дома Blog Страница 9877

Металурзите „ранети“ заминаа од Нови Сад за Словачка

Ракометарите на Металург и нивниот тренер Данило Брестовац се пожалија дека Војводина играла доста грубо и тоа придонело за поразот во мечот од СЕХА-лигата, а доказ за нечистата игра на новосаѓани се скинатата аркада на Јагуриноски и пукнатиот нос на Пучник.

По гостувањето кај Војводина, „металурзите“ не се вратија дома, туку од северот на Србија продолжија накај Словачка, каде што утре играат натпревар од Лигата на шампионите против Татран Прешов.

„Верувам дека натпреварот во некои моменти беше премногу груб. Според моето мислење,  противниците играа премногу агресивно. Честитки за Војводина за победата, но, повторувам, тие беа премногу агресивни во обидот да го компензираат фактот дека не можеа да сметаат на пет повредени играчи“, рече Брестовац. 

Со тренерот се согласи и Александар Шпенде.

Војводина беше доста агресивна во одбраната и ние не можевме да одговориме на тоа. Постигнавме 30 гола, но на крајот сепак загубивме. Чувствувам дека треба да поработиме и на офанзивниот и на дефанзивниот дел од нашата игра“, изјави Словенецот. 

Разликата од „Монументал“ до „Бернабеу“ е монументална

Не само географски (оддалечени се 10.000 километри и авионското патување трае речиси 12 часа), туку има и други сериозни разлики од стадионот и градот во кој требаше да се игра реваншот од финалето на Копа Либертадорес и местото каде што на деветти декември ќе се игра.

Од Буенос Аирес до Мадрид има голема разлика во километражата, има разлика во капацитетот на стадионите (Сантијаго Бернабеу е за 20.000 седишта поголем од Монументал), иако Ривер, секако, би играл на својот терен, а интересно е што димензиите на теренот се исти, 105 на 68 метри, и тоа нема да претставува проблем за Ривер.

Разликата е и во тоа што ќе има навивачи на двата клуба, а да се играше на „Монументал“, ќе присуствуваа само домашни, како што на првиот меч беа само фанови на Бока. Но, се чини дека најголемиот проблем ќе биде температурната разлика и тимовите ќе треба да дојдат во Мадрид порано за да се прилагодат. Во овој период од годината, во Аргентина температурата е над 25 степени и не паѓа под 13, а во Мадрид во декември преку ден е 10-15, а ноќе паѓа и до минус еден.

Претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингес, рече дека Мадрид бил избран бидејќи има голем аеродром со директни летови до Буенос Аирес, доволно сместувачки капацитети и што таму живеат многу Аргентинци (околу 250.000), кои ќе имаат ретка прилика да ги гледаат двата најпопуларни клуба од нивната земја. Реал Мадрид гратис им го дал стадионот на користење, а иако имаше најави за делегирање шпански судија, сепак арбитер ќе биде Парагваец.

Корона е изненадување во Полска, но не и за Легија

Панче Ќумбев го прифати предизвикот за викенд-програмата во Европа и одбра сложена задача да ги анализира и типува дерби-натпреварите во пет различни првенства.

Корона Кјелце е хит во Полска, но нема да ја изненади мојата Легија, вели поранешниот играч на гигантот од Варшава и типува дека Легија ќе ги освои бодовите.

Двете екипи се во топ 5 во популарната Екстракласа, а на менито на Ќумбев се уште четири дуели од четири различни првенства.

Еве ги предлог-типовите на нашиот поранешен репрезентативец:

 

Штутгарт –Аугсбург (сабота, 15.30 часот)

Штутгарт едноставно мора да победи на овој натпревар. Последен е на табелата, а на гости му доаѓа не толку убедливиот гостин Аугсбург. Иако Штутгарт е најслаб домаќин досега во Бундеслигата, очекувам да ја прекине серијата од 4 меча без победа на домашен терен против ривалот во 13-тото коло во германското првенство.

Предлог тип: 1 (2.60)

 

Легија  – Корона Кјелце (сабота, 20.30 часот)   

Мислам дека Легија е фаворит на овој натпревар, игра на свој терен и пред фантасична публика. Од друга страна, Корона е доста солидна оваа сезона и е вистинско позитивно изненадување во полската Екстракласа. За мене фаворит е мојата Легија. Типувам победа на домаќинот со најмалку два гола во мрежата на тимот од Кјелце.

Предлог тип: 1&Т1 (2.25)

 

Реал Мадрид – Валенсија (сабота, 20.45 часот) 

Иако направи кикс последното коло во шпанското првенство, Реал на мечот против Рома во Лигата на шампионите покажа дека сепак е на вистински колосек со Сантијаго Солари. Последните 10 меѓусебни дуели на двата тима беа многу ефикасни, сите се со три или повеќе голови. Верувам во победа на европскиот првак и да продолжи традицијата на ефикасни пресметки на Реал и Валенсија.

Предлог тип: 1&3+ (1.95) 

 

Арсенал-Тотенхем (недела, 15.05 часот)  

Дерби на колото во Англија. Дуелите на ривалите од Северен Лондон секогаш се примамливи, а верувам во отворен фудбал и најмалку три гола на натпреварот. Формата на Арсенал и Тотенхем го најавува тоа.

Предлог тип: 3+ (1.60) 

 

Рома – Интер (недела, 20.30 часот)     

Дерби во калчото. Меѓутоа, доаѓа можеби во најлош момент за Рома поради променливата форма, но и поради многуте повредени играчи. И Интер игра по принципот „топло-ладно“ и затоа на овој натпревар нема фаворит, па ќе се обидам најмалку со по еден гол на двете страни.

Последните пет дуели на Рома и Интер беа со „гол-гол“, сега и двете екипи ќе сакаат да се рехабилититраат по поразите во Лигата на шампионите, а домаќинот и не смее да калкулира бидејќи заостана во битката за позиции во првите пет во Серија А. Интер е во слична позиција и не смее да си дозволи кикс ако сака да ги задржи шансите за освојување на титулата во конкуренција на првиот фаворит Јувентус и Наполи.

Предлог тип: ГГ (1.57)

 

Дончиќ остана без СП и Олимписки игри, ќе се фокусира на НБА

Репрезентацијата на Словенија во кошарка е актуелен европски првак, но не успеа да се пласира на завршницата од Мундобаскетот во Кина 2019, што значи дека нема да се појават ниту на олимпискиот турнир во Токио, во 2020 година. Ова е неуспех за Словенија, но новиот систем на квалификации и неиграњето на играчите од НБА и Евролигата си го направија своето.

Една од жртвите на ФИБА е Лука Дончиќ. Ланскиот МВП на Евролигата, а сега еден од двајцата кандидати за дебитант на сезоната во НБА, нема да игра за својата репрезентација на големо натпреварување барем до 2021 година. Ова значи дека има три години целосно да се фокусира на градење кариера во најсилната лига на светот.

И во САД се запознаа со европското „чудо од дете“, кое на 19 години игра како лидер, без никакви комплекси. Молчат сите кои не веруваа во него. Лука е одличен и во НБА, се снајде добро и продолжува таму каде што застана како играч на Реал Мадрид.

Во септември 2017 стана европски првак со Словенија, беше еден од најзаслужните, заедно со Горан Драгиќ и Ентони Рендолф, а можеби во циклусот квалификации за ЕП, Словенија ќе биде во иста група со Македонија, па тој би можело да се појави и во нашата земја.

Спортска прогноза: ПСВ на тежок тест во Ротердам

Викендов меѓу понудените парови на Спортската прогноза се наоѓа и едно од најголемите холандски дербија, пресметката на Феенорд и ПСВ Ајндховен.

Гостите се лидери на табелата со максимални 39 бода од 13 кола и ќе сакаат да ја продолжат триумфалната низа. Но, прво ќе треба да го заборават поразот од Барселона во Лигата на шампионите, по кој се зацврстија на дното, без шанси за место во Лигата на Европа.

Мотивите на Феенорд се да станат првиот тим кој ќе му одземе бодови на ПСВ. Ако победи, Феенорд ќе остане трет на табелата, но ќе има „само“ 10 бода помалку од тимот од Ајндховен. Најавите се дека во составот на Феенорд би можело да се појави и Робин ван Перси.

Ова се два тима кои немаат нерешено во последните пет меча во сите натпреварувања, а во меѓусебните лигашки пресметки, од веќе далечната 2010 година не било нерешено. Публиката на „Де Кајп“ ќе биде 12-тиот играч на домашните. Гордоста на клубот од градот со најголемото пристаниште е голема и ПСВ сигурно нема лесно да дојде до посакуваната цел.

Сѐ уште ја чекаме првата 12-ка, која носи и освојување на мобилен телефон „самсунг А6“. Дали токму овој викенд ќе имаме перфектен прогнозер, останува да чекаме до понеделник. Секако, ќе има и вредносни ваучери за сите кои до крајот на викендот ќе погодат 11, 10 или 9 парови на СПОРТСКА ПРОГНОЗА.

По успешната прогноза ќе ви се прикажат вашите типувања. Сите прогнози за тековното коло, вклучувајќи ја и вашата, можете да ги погледнете тука.

Нов меч, нов рекорд за Леброн Џејмс

ЛА лејкерс ноќеска во „Стејплс центарот“ ја забележаа 12-тата овосезонска победа, совладувајќи го тимот на Индијана пејсерс со 104:96. Леброн Џејмс ги предводеше „езерџиите“ до новиот триумф, а со својот учинок од 38 поени напредна на вечната листа по бројот на натпревари на кои успеал да постигне 30 или повеќе поени.

„Кралот“ го надмина Карл Мелоун во оваа статистика, сега е трет, а брои вкупно 436 натпревари со постигнати 30+ поени. Пред него се само Мајкл Џордан со 562 меча и Вилт Чембрлен со 512 натпревари.

Против Пејсерс, Џејмс шутираше 15/27 од игра, 2/7 за три поени, 6/10 од линијата за слободни фрлања, а врза девет скока, седум асистенции и две украдени топки.

Дел Боске: Без Меси во топ 3, Златната топка ја губи вредноста

Лионел Меси годинава нема да конкурира за најпрестижната индивидуална награда – Златна топка. Предност пред Аргентинецот добија Лука Модриќ, кој е главен фаворит, Рафаел Варан, Килијан Мбапе, а се наметнува и Антоан Гриезман.

Петкратниот освојувач на оваа награда нема да добие шанса да ја освои рекордната шеста Златна топка, иако од почетокот на сезонава Лео брилјира со настапите во дресот на Барселона. Со овој избор не се согласува поранешниот селекторот на Шпанија, Висенте дел Боске.

„Изненаден сум што Меси не е меѓу топ 3. Сметам дека наградата ја губи вредноста што Лео не се најде во потесниот избор. Во најмала рака, овој избор е чуден“, истака Дел Боске.

Иако Меси потфрли на Мундијалот, каде што со Аргентина успеа да стигне само до осминафинале, за разлика од фаворитот Модриќ, ѕвездата на Барса е во извонредна форма откако започна сезоната 2018/19. На 14 средби во Ла Лига и во Лигата на шампионите, Меси брои 15 погодоци и шест асистенции. Како и секогаш, тој е фактор „X“ за шпанскиот првак.

Престижната награда на „Франс фудбал“ ќе биде доделена на 3-ти декември во Париз.

Друже, извини што ти го скршив забот (видео)

Се играше 13-тата минута од третиот период на мечот помеѓу Бостон бруинс и Њујорк ајлендерс, кога при еден судар Дејвид Крејчи остана без заб. Играчот на Њујорк, Џон Бојчук, со класичен „бодичек“ се обиде да спречи контра-напад на противникот, па не сакајќи му го скрши забот на Крејчи.

Бојчук подоцна успеа да го најде забот и му го врати на својот некогашен клупски колега.

Барса во младиот Србин гледа наследник на Луис Суарес

Лука Јовиќ има повеќе голови од Роберт Левандовски и Марко Ројс, а има само 20 години, па не е ни чудо што за него се интересираат многу големи клубови, меѓу кои и Барселона. Во Барса веќе бараат нов голгетер бидејќи Луис Суарес наскоро нема да може да го одржува ритамот на давање како што се очекува од него.

Се зборува дека и Ливерпул пројавува интерес за него, иако тоа повеќе е новинарска шпекулација бидејќи никогаш од клубот не кажале дека бараат нов млад напаѓач.

Јовиќ како играч на Црвена ѕвезда на 16 години се запиша во листата на рекорди како најмлад стрелец во клубот, а во дресот на Ајнтрахт сезонава стана најмлад играч во историјата на Бундеслигата кој постигнал пет гола на еден меч.

Синоќа, против Олимпик Марсеј тој даде два гола. Првиот уште во 58-мата секунда, што е најбрз гол за еден германски тим во Лигата на Европа откако ова натпреварување се игра по сегашниот формат, а тоа се девет сезони.

Тампа беј не го дава врвот на Истокот

Тампа беј лајтнинг го доби мечот против Бафало сејберс со 5-4 во борбата за првото место на Истокот. „Грмотевиците“ го забележаа вкупно 18-тиот триумф и воедно ѝ ставија крај на серијата од 10 победи на Бафало, од кои шест ги забележаа во дополнителен период.

Воведната третина донесе и најмногу голови. Само по 16 минути игра, Тампа беј стигна до предност од 3-2, а за новиот триумф мораа доста да се намачат, бидејќи гостите кон почетокот на одлучувачкиот период поведоа за 4-3. Меѓутоа, водството на Бафало не траеше долго, Стамкос за брзо израмни, а Пакете на шест минути до крајот го постави конечниот резултат.

 

Бостон бруинс по пенал-рулетот, го совлада тимот на Њујорк ајлендерс. Откако по регуларниот дел резултатот беше 1-1, средбата го чекаше својот победник во дополнителниот период. Мрежите мируваа, па остана да се изведуваат пенали, по кои прецизен беше само Рајан Донати. Њујорк не реализираше ниту еден пенал од четирите обиди, а токму Донати  во четвртата серија ја донесе 14-тата победа за тимот на Бостон.

Резулати НХЛ:

Бостон бруинс – Њујорк ајлендерс 1-1 (1-0 на пенали)

Колумбус блу џекетс – Минесота вајлд 4-2

Отава сенаторс – Њујорк ренџерс 3-0

Тампа беј лајтнинг – Бафало сејберс 5-4

Нешвил предаторс – Аризона којотс 0-3

Винипег џетс – Чикаго блекхокс 6-5

Едмонтон ојлерс – ЛА кингс 3-2

Ванкувер канукс – Вегас голден најтс 3-4