10.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9919

Касилјас подготвен повторно да брани за Шпанија

Шпанија е на прагот да не успее да се пласира во полуфиналето од Лигата на нации. Тоа е така бидејќи „црвената фурија“ игра многу несигурно посебно во одбраната. Дефанзивниот ред дефинитивно е најголемиот проблем. Тоа се покажа и на последните два меча од Лигата на нации, кога Шпанија прими вкупно шест гола во дуелите со Англија и Хрватска.

Како еден од најголемите виновници за овие неуспеси, секако е голманот Давид де Хеа. Чуварот на мрежата прими три гола за само едно полувреме против Хрватска и по тој пораз, Шпанија се најде во незавидна ситуација. Сега, „црвената фурија“ ќе го чека исходот од денешниот дуел меѓу Англија и Хрватска на „Вембли“. Доколку има победник на овој дуел, Шпанија ќе извиси, а секако Де Хеа ќе биде еден од виновниците.

Весникот „Ас“ направи анкета за тоа кој треба да го замени Де Хеа. Дури 50 отсто од гласовите биле за легендарниот Икер Касилјас. Голманот кој има 167 настапи за националниот тим, сега повторно може да се врати како прва опција. Зад Касилјас е Кепа со добиени 40 отсто од гласовите. Сите останати голмани се со едноцифрена поддршка.

 

Италија постави нов антирекорд, Македонија е „виновна“

Италија синоќа одигра без голови на „Џузепе Меаца“ во Милано, против Португалија и на тој начин ги загуби шансите за пласман во завршницата од Лигата на нации. „Аѕурите“ беа немоќни против актуелниот европски првак, кој во своите редови беше без најдобриот играч, Кристијано Роналдо.

Едноставно Италија требаше да победи за да остане во игра за првото место во групата од Лигата на нации, но ремито без погодоци направи гостите да се радуваат. Со овој нерешен резултат, Италија постави еден антирекорд. За прв пат во историјата на четиркратнот светски првак, шест меча по ред на домашен терен не може да се израдува на победа.

Последната победа на Италија пред своите гледачи е на 5 септември 2017 година и тоа против Израел, минимално со 1:0. По Израел, на „аѕурите“ им гостуваше Македонија. Иако беа големи фаворити против нашата селекција, избраниците на Игор Ангеловски успеаа да одиграат 1:1. На дуелот во Торино, Кјелини погоди за 1:0 во 40 минута, но Трајковски го постигна голот за израмнување во 77 и тогаш ги откажа Италијанците во трка за првото место во групата од квалификациите за СП 2018.

По ремито со Македонија, следуваа уште пет нерешени средби и тоа против Шведска (0:0), Холандија (1:1), Полска (1:1), Украина (1:1), Португалија (0:0).

Голман даде гол од 90 метри (Видео)

Во пријателски дуел, Јордан ја победи Индија со 2:1, а потегот на мечот го имаше репрезентативниот чувар на мрежата на Јордан. Голманот Амер Шафи го постигна првиот гол на мечот и ја најави победата на Јордан.

Се играше 25 минута, кога Шафи забележа дека неговиот колега од спротивната страна не е на своето место пред голот, па затоа реши брзо да реагира. Ја шутна топката која незгодно отскокна пред 194-сантиметри високиот голман на Индија и заврши во мрежата, за водство на Јордан со 1:0.

https://youtu.be/mGyHHlQ60O4

НБА се восхитува на Дончиќ, Лука го победи и шампионот (Видео)

Лука Дончиќ уште еднаш потврди дека Далас маверикс направиле огромна работа кога го одбраа него на драфтот пред стартот на сезоната. Дебитантот е незадржлив, а тоа ноќеска најдобро го почувствува шампионот Голден Стејт. „Воините“ загубија на гостувањето кај Далас со 109:112 и тоа најмногу благодарение на расположениот Дончиќ.

Дебитантот постигна 24 поени, а имаше и девет скока, но што е најважно, топката беше кај него кога се решаваше мечот. Словенецот погоди за два поени на една минута дo крај, за водство на Далас од 109:108, а потоа во последните секунди имаше смирена рака и од линијата за слободни фрлања,па ги погоди двата „пенали“. Во НБА се восхитуваат од каде таква самодоверба и храброст на еден 19-годишен дебитант од Европа да ги решава мечевите.

„Ова истово го правев и додека играв за Реал Мадрид. Обожавам да го имам решавачкиот шут, но секако тука е малку поразлично. Ова е НБА, најсилната лига во свет“, рече херојот на домаќините, Дончиќ.

За Далас ова е само втора победа во последните 19 меѓусебни мечеви со Голден Стејт. Кај „воините“ го немаше Стеф Кари, а Кевин Дурант со 32 поени и Клеј Томпсон со 22 беа најефикасни во редовите на шампионот.

Резултати: Бруклин – ЛА Клиперс 119:127, Шарлот – Филаделфија 119:122 (прод.), Индијана – Атланта 97:88, Њу Орлеанс – Денвер 125:115, Орландо – ЛА Лејкерс 130:117, Бостон – Јута 86:98, Чикаго – Торонто 83:122, Хјустон – Сакраменто 132:122, Далас – Голден Стејт 112:109, Феникс – Оклахома 100:110.

Португалија во италијански стил се радуваше на „Џузепе Меаца“

Португалија остана непоразена на гостувањето кај Италија, откако на средбата на „Џузепе Меаца“ немаше ниту еден погодок. Со освоениот бод, Португалија и дефинитивно го обезбеди првото место во својата група и ќе игра во полуфиналето за разигрување и пласман на Европското првенство во 2020 година.

Иако во сите три мечеви Португалија беше без најдобриот играч, Кристијано Роналдо, со седум бодови, сигурно е прва и последниот меч против Полска ќе биде само за престиж.

Шкотска убедливо со 4:0 ја победи Албанија на гости и сега во последното коло, во директен дуел против Израел ќе решава за победникот во групата од Ц сегментот. Во истиот овој ранг, Романија со 3:0 ја победи Литванија.И покрај овој триумф, Романија е позади Србија во групата и тешко дека ќе стигне до посакуваното прво место.

Ѓоковиќ е во финалето: По брза постапка го реши Андерсон

Новак Ѓоковиќ не му даде никаква шанса на Кевин Андерсон да се понадева дека може да направи изненадување, во второто полуфинале на Мастерс турнирот во Лондон. Во меч кој траеше нешто повеќе од еден час, Ѓоковиќ на убедлив начин го победи тенисерот од Јужна Африка со 6:2 и 6:2.

Со оваа победа Ѓоковиќ си обезбеди место во финалето, каде во борба за вредниот трофеј ќе игра против Александер Зверев од Германија. Зверев се избори за финале, откако попладнево со 7:5 и 7:6 го победи фаворизираниот Роџер Федерер.

Сега за Ѓоковиќ останува со победа во финалето на завршниот Мастерс да потврди зошто е најдобар тенисер во светот во моментов.

 

Сенегал победи, но Мане плачеше од тага (Видео)

Сенегал победи на гостувањето кај Екваторијална Гвинеја со 1:0 и со 13 бода од пет меча потврди дека заслужено ќе биде дел од Африканскиот куп на нации. Единствениот гол на мечот всушност беше визарен автогол, откако еден од домашните играчи сакаше да ја шутне топката што подалеку од својот гол, но таа заврши во грбот на друг фудбалер и се одби во голот.

Предводник на Сенегал беше ѕвездата на Ливерпул Садио Мане.  Иако Сенегал победи, навивачите беа незадоволни бидејќи Мане имаше неколку промашувања. По завршување на дуелот, Мане толку многу го погодија негодувањата, па легна на тревата и почна да плаче.

https://twitter.com/metrodakar_net/status/1063847760196190210

После двапати по 60, сега пораз од 70 поени разлика

Откако во претходните два меча македонската женска репрезентација загуби со по 60 и 61 поени разлика, вечерва во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, Шведска триумфираше со 70 поени разлика, со 118:48 во меч од квалификациите за ЕП 2019.

Ова е најтежок пораз за Македонија, но и донекаде можеше да се очекува овој исход со оглед на играчкиот кадар кој го имаше на располагање селекторот Марјан Лазовски. Без десетина кошаркарки од кои 4-5 доста важни, овој тим брзо се предаде против далеку поквалитетниот ривал.

Јелена Антиќ и Нена Трајчевска беа меѓу оние што се на листата на повредени.

Најрасположена, или подобро кажано единствената која покажа нешто, беше Александра Стојановска, која уфрли 21 поени, а имаше и осум скока. Статистички, Македонија најлошо стоеше кај загубените топки, дури 33, а погоди и само едно слободно фрлање од девет обиди.

Последниот настап на „црвено-жолтите“ е в среда на гости кај Хрватска. Во овие квалификации, полоша кош-разлика од Македонија има само Албанија.

Откако се посрамоти со пеналот, Митровиќ самокритичен: Можеби сум глуп човек

Србија со 2:1 ја победи Црна Гора во меч од Лигата на нации, а во центар на вниманието е напаѓачот на домашната селекција, Александар Митровиќ. Тој беше стрелец на еден од двата погодоци за победничкиот тим, но можеше да биде и трагичар. Митровиќ промаши пенал, откако сакаше да изведе „Паненка“. За утнатиот удар од белата точка, играчот беше многу самокритичен.

„Не знам зошто го направив тоа. Не мислев да шутирам така, но во една секунда ја променив одлуката. Следав синоќа како Депај даде гол за Холандија од пенал. Веќе никогаш нема да изведам пенал на таков начин“, рече Митровиќ, а потоа еден од новинарите дофрли дека напаѓачот е силен играч и затоа шутнал над гол. Веднаш потоа Митровиќ реагираше: „Не знам. Можеби сум повеќе глуп човек, отколку што сум силен. Сакав да шутнам на страната каде што голманот не се фрли, но ете што се случи“, беше коментарот на Митровиќ.

Како Митровиќ го изведе пеналот и зошто сите му се смеат може да погледнете ТУКА.

 

Солари си има мака, кој да го замени Касемиро?

Сантијаго Солари до продолжението на сезоната во шпанското првенство мора да најде решение за покривање на празнината со отсуството на Касемиро. Бразилецот кој е важна алка во реаловиот синџир, поради повреда ќе биде отсутен најмалку еден месец.

Зинедин Зидан го користеше Тони Крос, а некогаш Матео Ковачиќ или Маркос Љоренте, а на 18-те меча без Касемиро, Реал имаше дури 14 победи (гол разлика 53-21), иако ниту еден тренер на Реал не би сакал состав без играчот кој најмногу трча и помага во средниот ред и одбраната.

Крос неодамна кажа дека не е Касемиро, и оти од него не може да се очекува да игра толку добро на таа деликатна позиција. Против Селта, по повредата на Касемиро, на негово место влезе Дани Себаљос, и одигра добро, но дали може така да игра и во континуитет, се прашува Солари.

Солари ќе има три дена за подготовка со целиот тим за дуелот со Еибар, и веројатно ќе му даде доверба на Себаљос, кој е технички поткован и доста трча, но ја нема цврстината во одбраната. На Касемиро би требало да сметаат за Светското клупско во декември во Абу Даби.