13.8 C
Skopje
четврток, 20 ноември 2025
Дома Blog Страница 9927

„Висенте Калдерон“ заминува во историјата

Стадионот „Висенте Калдерон“, поранешниот дом на Атлетико Мадрид, заминува во историјата откако денес властите на Мадрид одлучија целосно да го срушат. На тоа место ќе се гради урбана населба.

Процесот ќе се подели во три фази, за кои ќе бидат потребни 34 месеци за местото целосно биде ослободено за нова градба. Ќе бидат издвоени 40 милиони евра за рушење на стадионот.

„Висенте Калдерон“ е изграден во периодот од  1959 година до 1966 година, а Атлетико како домаќин на тој стадион ги играше натпреварите до 2017 година, пред да се пресели на „Ванда Метрополитано“. На овој стадион се играа натпреварите од групата Д на Светското првенство кое се одржа во Шпанија, во 1982 година.

 

Хамес ќе се врати во Реал по крајот на сезоната

Хамес Родригес нема да остане во редовите на Баерн Минхен и по оваа сезона, откако германскиот гигант одлучи да не ја активира опцијата во целост да го откупи договорот на Колумбиецот од Реал Мадрид. Тоа значи дека откако ќе заврши двегодишната позајмица, Хамес ќе се врати во Мадрид.

Според договорот меѓу Баерн и Реал, „баварците“ имаат можност да го откупат хамес за сума од 42 милиони евра, сепак одлучија средствата да ги искористат за други засилувања.

Во 50 натпревари кои Родригес ги одигра за Баерн, постигна 11 погодоци и асистираше на 16.

Голден стејт без Кари и во следните пет меча

Плејмејкерот на Голден стејт вориорс, Стеф Кари, поради повредата на препоните ќе ги пропушти и следните пет натпревари во НБА-лигата. Кари се повреди во текот на третата четвртина против Милвоки, натпревар кој „воините“ го загубија кон почетокот на ноември.

Иако повредата не е сериозна, од таборот на шампионот на НБА сметаат дека подобро е Кари да се одмори уште некое време, а следната проценка за неговата состојба е закажана за 10 дена.

Претходно ги пропушти последните три меча за Голден стејт, а сега Кари ќе ги пропушти трите гостувања во Тексас, против Хјустон, Сан Антонио и Далас, како и мечевите кои ќе ги играат на домашен терен против Оклахома и Портланд. Се очекува Кари да истрча на теренот во мечот против Сакраменто, закажан на 25-ти ноември.

 

Баерн налето го носи Ремзи без пари

Баерн Минхен продолжува со својата трансфер-политика, да ангажира играчи без да плати енормна отштета за нив. Таков ќе биде и случајот со Арон Ремзи, фудбалерот на Арсенал, кој според англиските медиуми, од следното лето ќе биде најновата аквизиција на „баварците“.

На велшкиот репрезентативец му истекува договорот со „топчиите“ по крајот на оваа сезона, а откако двете страни не најдоа заеднички јазик за негово продолжување, на Ремзи му остана да си бара нова средина во која ќе ја продолжи фудбалската кариера.

Ливерпул и Челзи, исто така, беа заинтересирани за неговите услуги, но се верува дека Баерн е во пол-позиција откако првите преговори со претставниците на фудбалерот поминале добро. Германскиот шампион може уште во јануари да преговара околу условите за повеќегодишниот договор, што е предност во однос на англиските тимови, кои за преговори мора да чекаат да истече договорот на Ремзи што го има со Арсенал.

 

Според новиот договор, Симеоне ќе биде најплатен во Атлетико

Преговорите меѓу Атлетико Мадрид и Диего Симеоне се во завршна фаза. „Ел Чоло“ ќе потпише нов договор со клубот според кој ќе остане најмалку до 2023 година. Засега не е откриена цифрата која ќе ја заработува, но шпанските медиуми тврдат дека Симеоне ќе добива поголема плата и од најплатениот играч во тимот, Антоан Гриeман.

Французинот минатата година потпиша нов договор со „јорганџиите“, според кој заработува 17,5 милиони евра по сезона. Во новиот договор на Симеоне ќе има и одредена клаузула, па доколку некој клуб ги посакува неговите услуги, таа ќе може да биде активирана.

Симеоне така ќе остане повеќе од една деценија на клупата на Атлетико. Во последниве седум години, четириесет и осумгодишниот стратег е одговорен за успехот кој го постигна клубот од Мадрид. Освоија седум трофеи, меѓу кои еден од најзначајните е шампионската титула на Шпанија во 2014 година, како и учеството на две финалиња во Лигата на шампионите.

Прва победа за Тим на финалниот турнир на АТП

Доминик Тим со 2-0 (6-1, 6-4) во сетови го солвада Кеј Нишикори. Австриецот конечно по три средби забележа победа откако претходно губеше од Федерер и Андерсон, додека јапонскиот тенисер по триумфот над Федерер нанижа два порази, по што неговите шанси за следната фаза од турнирот се невозможни.

Тим покажа доминација уште од стартот на средбата, па со убедливи 6-1 го освои првиот сет. Во вториот сет борбата беше поизедначена во одредени моменти, а откако Нишикори го загуби гемот при свој сервис на 3-3, за Јапонецот тоа беше најава за нов пораз.

Од оваа група следува дуелот меѓу Роџер Федерер и Кевин Андерсон, што ќе биде пресметка за првото место.

АТП Куп ќе се игра од 2020 година

АТП и Тениската федерација на Австралија потврдија дека ќе организираат АТП Куп, тимско натпреварување со кое ќе се отвора сезоната од 2020 година. Одлуката пристигна неколку недели по одобрувањето од страна на ИТФ да има измени во Дејвис купот.

АТП Купот ќе има награден фонд од 11,3 милиони фунти, а ќе учествуваат 24 репрезентации кои ќе бидат поделени во шест групи со по четири претставници. Тенисерите кои ќе учествуваат ќе добијат АТП бодови.

Од друга страна, Дејвис купот ќе ја затвора сезоната, а на тој турнир ќе учестуваат 18 екипи.

Претседателот на здружението на играчи, Новак Ѓоковиќ, даде поддршка на АТП Купот при претставувањето во Лондон, каде што беше најавено дека овој турнир ќе биде вовед за првиот Гренд слем, односно Отворениот турнир на Австралија, кој започнува кон крајот на јануари.

„Ми се допаѓа тоа што натпреварувањето е под „власништво“ на АТП. Австралија е земја која има Гренд слем и ја негува тениската традиција. Повеќе од 90 проценти од времето го поминуваме играјќи како индивидуалци, а овој Куп ќе соедини голем број нации, а јас ќе бидам горд што ќе можам да ја претставувам мојата држава“, истакна Новак.

 

ВАР во Премиер лигата од следната сезона

Технологијата на видеоасистент ќе се употребува во Премиер лигата од следната сезона. На состанокот на којшто присуствуваа претставници на сите премиерлигашки клубови, како и делегацијата на Фудбалската асоцијација, донесена е одлука ВАР да им помага на арбитрите почнувајќи од сезоната 2019/20.

Одлуката ја поддржаа сите клубови, останува само да се испрати официјално барање до ФИФА за ВАР да може да стапи на сцената во една од најатрактивните лиги во Европа.

Техлонологијата се користеше за време на СП во Русија летово, а веќе се употребува во Бундеслигата и во Серија А, како и во послабите лиги од Германија и Италија.

Болт најави дека ако не најде клуб, ќе ја заврши кариерата

Најбрзиот човек во светот Јусејн Болт најави дека доколку не најде соодветен клуб каде што би ја продолжил кариерата, ќе оди во фудбалска пензија. Еден од најдобрите атлетичари на сите времиња реши да се проба како фудбалер. Одигра неколку мечеви во австралиското првенство, но откако не се договори за висината на платата која би ја добивал, не потпиша професионален договор. Екипата на Централ Коуст маринерс му понуди 150.000 евра, а тој побара дури 1,8 милиони евра за едногодишен договор.

Болт имал понуди од многу клубови, но вели дека уште го чека вистинскиот договор. Сепак, доколку до крајот на месецот не се случи Болт да потпише договор, тој најавува крај на фудбалската кариера.

„Имав многу понуди од различни екипи, но не сум воодушевен. Ако до крајот на овој месец не добијам понуда каква што посакувам, ќе ги закачам копачките на клин“, најави Болт.

МЗТ против Динамик ќе ги лечи раните

Мечот со белградски Динамик за екипата на МЗТ Скопје Аеродром доаѓа во незгоден момент, кога тимот е психолошки паднат по поразот во дербито со Работнички во понеделникот, но мора да најде начин да го преболи тоа и да остане непоразен дома барем во АБА 2 лигата.

Играњето на два фронта носи пеколен распоред, но и можност минатото да се остави зад себе и да се гледа само напред. Битката со Динамик од 19 часот во „Јане Сандански“ е важна за задржување на чекорот со водечките. Победа значи второ место, а пораз продлабочување на кризата и можно паѓање на позиција која не води во плејофот.

Тренерот Ѓорѓи Кочов добро го познава противникот, но смета дека МЗТ може да дојде до посакуваните бодови.

„Натпреварот против Динамик ни доаѓа во незгоден момент, само три дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство, во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа, која негува брза и атрактивна кошарка. Тимот е составен претежно од играчи кои се високи помеѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и играње. Искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа максимално да го искористиме и да славиме во дуелот на домашен терен“, вели Кочов.

Влезот е бесплатен, на МЗТ му треба поддршка против тим кој има неколку играчи со големо искуство во АБА и предводен од тренерот Владимир Ѓокиќ.

Андреј Маслинко, кој по повредата на Иве Иванов изнесува голем товар на позицијата крилен центар, предупредува дека нема да биде лесно, но ако дадат максимум и ако се придржуваат до договореното, МЗТ ќе ги израдува своите навивачи.