12.8 C
Skopje
понеделник, 17 ноември 2025
Дома Blog Страница 9969

Жестока битка за Единбург – Хартс против Хибс без голови, 1-1 во нокаути

Голманот на Хартс, Зденек Жламал беше удрен од навивач на лутиот ривал Хибернијан, а тренерот на гостите, Нил Ленон, „доби“ паричка во глава од делот од публиката што навива за популарните „срца“ во жешкото дерби на Единбург.

Голови немаше, но затоа инцидентите не изостанаа на Тјункасл дербито, едно од најголемите во шкотскиот фудбал.

Ситуацијата кулминираше по црвениот картон што го заработи напаѓачот на Хибернијан, Флоријан Камбери, а веднаш потоа Жламал настрада. За среќа, голманот на Хартс, кој беше домаќин на мечот, мина без посериозни последици откако беше удрен од навивач на Хартс.

На спротивната страна, Нил Ленон, менаџерот на Хибс, побара помош од медицинскиот тим откако беше удрен со паричка што долета од трибините.

Пезеиро е пред отказ во Спортинг, нов тренер на Ристовски ќе биде легендата Пауло Соуза

Легендата на португалскиот фудбал Пауло Соуза е најсериозен кандидат за нов тренер на Спортинг Лисабон, а ќе го замени Жозе Пезеиро на клупата на „лавовите“, објавија португалските медиуми.

По поразот од Ешторил со 1-2, вчеравечер, Пезеиро сигурно ќе биде сменет, па нашиот репрезентативец Стефан Ристовски ќе има нов тренер.

Пезеиро беше кормилар на португалскиот гигант четири месеци, но немаше забележителен успех. Ристовски кај него беше стандарден на десната бековска позиција, но се повреди на дуелот од Лигата на Европа против Арсенал и моментно не игра.

Соуза е дел од таканаречената златна генерација португалски репрезентативци, а со Јувентус и Борусија Дортмунд како играч ја освојуваше Лигата на шампионите.

 

Милан го израмни негативниот рекорд од 1932 година

Милан во возбудлив меч со гол во судиското надополнување стигна до победа против Џенова, во заостанатиот натпревар од Серија А. Со оваа победа, „росонерите“ се искачија на четвртото место на табелата со 18 бодови, односно четири помалку од третопласираниот Наполи.

Навивачите на Милан сезонава на секој меч мора да претрпат разочарување, односно точката барем еднаш да заврши во нивната мрежа. Со голот што го примија од Џенова, „росонерите“ израмнија еден неславен клупски рекорд. За прв пат по 1932 година, гигантот од Милан прима гол на првите 10 дуели од првенството.

Последен пат Милан ја сочувал мрежата незатресена на првенствен меч на 15-ти април, кога дербито против Наполи заврши без голови.

Салах се повреди пред дербито со Арсенал

Мохамед Салах ги загрижи сите навивачи на Ливерпул откако на последниот тренинг се појави со бандажирана десна рака. Од Ливерпул не откриваат каков проблем има Салах и зошто неговата десна рака е бандажирана.

Не е јасно дали голгетерот на Ливерпул се повредил на некој од тренинзите или повредата е заработена на друг начин, но во секој случај, е во лош момент. Ливерпул се подготвува за дербито против Арсенал во Лондон, кое се игра в сабота. По 10 кола во Премиер лигата, Ливерпул уште е без пораз (8 победи и 2 реми) и ја дели лидерската позиција заедно со Манчестер сити.

 

Шкендија фати победнички ритам, Османи е задоволен

Шкендија нанижа три победи по ред и сериозно му се заканува на Вардар во битката за врвот на табелата, но и за титулата.

Само по 12 кола во домашното првенство, речиси е јасно дека двата клуба се единствени кандидати за шампионската круна и имаат голема предност пред Академија Пандев и Работнички.

„Игравме добро во Струмица, го контролиравме мечот и бележиме добри резултати во последно време. Задоволен сум што успеваме и да го ротираме составот, бидејќи следува период со многу натпревари во кусо време“, изјави Османи по триумфот против Беласица со 2-0.

Изаир Емини и Енур Тотре беа прецизни за значаен триумф во битката со најтрофејниот клуб кај нас, Вардар. Скопските „црвено-црни“ имаа предност од два бода пред шампионот, кој стопи пет бодови разлика само во три дуели од вториот круг во првенството.

Лопетеги имаше милост кон Реал и се откажа од цело богатство

Хулен Лопетеги не се покажа како достојна замена за Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид. Само по три месеци на чело на Кралскиот клуб, Лопетеги доби отказ. Во последниот меч како предводник на тимот, Реал загуби со 5-1 од Барселона во Ел Класико.

Според постигнатите резултати, Лопетеги е најлошиот тренер на Реал во последниве 50 години. Токму поради слабите резултати, наместо како што беше договорот за три години, стратегот остана само три месеци. Во договорот на Лопетеги стоеше дека и во случај на предвремен раскин на договорот, може да ги бара сите пари за следните три сезони.

Сепак, Лопетеги реши да не го тужи Реал, туку да се договори за оштетата. Наместо сигурните 18 милиони евра кои ќе ги добиеше, Лопетеги се согласи на оштета од три милиони евра. На тој начин, Реал спаси 15 милиони евра со отказот кој му го даде на тренерот.

На местото на Лопетеги тимот го презеде Сантијаго Солари, кој синоќа дебитираше со победа од 4-0 во Купот на Шпанија против Малиља.

 

Видео кое ја открива причината за падот на хеликоптерот

Пилотот кој го управувал хеликоптерот кој минатата недела се сруши во близина на стадионот на Лестер всушност е херој. Во хеликоптерската несреќа загинаа сите петмина кои се превезуваа, вклучувајќи го и сопственикот на Лестер, Вишај Шриваданапраба. Иако ова е голема трагедија, сепак експертите велат дека можело да биде многу полошо.

Несреќата се случи непосредно по завршување на дуелот Лестер – Вест хем и на стадионот, но и во негова близина имало уште многу луѓе. Сепак, пилотот успеал да го насочи хеликоптерот кон празниот паркинг, па затоа се избегнати жртви на земја.

Видеоснимката која покажува како хеликоптерот полетува од центарот на теренот на стадионот „Кинг пауер“ всушност ја открива и причината за несреќата. Неколку секунди откако хеликоптерот се крена во воздухот, роторот кој е на опашката од хеликоптерот едноставо се откачил и паднал. Во таква ситуација, хеликоптерот не може да остане во воздух и единствена опција е пад на земја.

Единствената среќа во несреќата е тоа што искусниот пилот успеал да го насочи хеликоптерот кон празниот паркинг и не дозволил да има дополнителни жртви.

„Ова е шокантно видео. Јасно се гледа дека роторот од задниот дел на хеликоптерот има проблеми и потоа отпаѓа. Пилотот ја изгуби контролата, хеликоптерот ја загуби снагата и единствена, но и најлоша опција е пад на леталото. Пилотот направил одлична работа со тоа што падот го насочил кон паркингот, бидејќи во 99,9 отсто од случаите тој би паднал врз стадионот. Знаејќи дека таму уште има луѓе кои би можеле да настрадаат, пилотот брзо реагирал. Затоа него треба да го сметаме за херој“, објаснува авијатичарот и експерт Џим Ровландс.

 

 

Леброн не дозволи нов кошмар на Ноќта на вештерките (Видео)

Малку фалеше, па Леброн Џејмс повторно да биде трагичар за Лос Анџелес лејкерс. „Езерците“ ноќеска на свој терен минимално со 114:113 го победија Далас во еден од седумте меча во НБА-лигата. Само пред неколку вечери, Леброн промаши две клучни слободни фрлања, па ЛА загуби.Овојпат се покажа малку посигурен, но доволно да донесе победа на својот тим.

На три минути до крајот, Лејкерс водеше 111:98, но потоа на 7 секунди до последниот звук на сирената, резултатот покажуваше 113:113. Џејмс ја зеде топката да го реши последниот напад и на 2,1 секунди до крајот беше досуден фаул врз него. Најголемата ѕвезда на ЛА го промаши првото слободно и сите помислија дека едноставно повторно победата може да им избега. Сепак, Леброн го погоди вториот „пенал“ за водство од 114:113. Гостите го имаа последниот напад, но Бареа промаши во очајниот шут од пола терен, па победата остана во „Стејплс центарот“. На крајот, Џејмс заврши со 29 поени, а Кузма додаде 18 за победничкиот тим. За Лејкерс ова беше трета победа во осмиот меч сезонава.

https://youtu.be/T5NsNNpjG7E

Освен дуелот во ЛА, уште три меча беа решени во последната секунда. Пол Милсап даде кош на 0,1 секунда до крајот за радост на Денвер против Чикаго од 108:107, и тоа во меч кој се решаваше по продолжение од пет минути.

https://youtu.be/PHxp5EU-0u8

Дерик Роуз постигна рекордни 50 поени во кариерата и беше херојот во тримфот на Минесота против Јута. Роуз прво погоди две слободни фрлања, а потоа го блокираше последниот шут на гостите и Минесота се радуваше со 128:125. И Бруклин победи во многу неизвесен дуел. Славеше со 120:119 против Детроит, дури по продолжение од пет минути.

Во останатите мечеви: Њујорк – Индијана 101:107, Голден стејт – Њу Орлеанс 131:121, Фенис – Сан Антонио 90:120.

 

Деби-победа за Солари на клупата на Реал Мадрид

Сантијаго Солари тргна со победа како тренер на Реал Мадрид. Во првата средба од двомечот против Мелиља во рамките од Кралскиот куп, „кралевите“ во комбиниран состав рутинирано го совладаа третолигашот со 4-0.

Неизвесноста траеше 28 минути, а потоа Бензема лесно го совлада противничкиот голман, по една полуконтра на Реал. Асенсио зголеми на 2-0 во првата минута од судиското надополнување во првото полувреме, а Одриосола со својот прв гол за тимот од Мадрид го осигура триумфот во 79-тата минута.

Шанса да дебитира имаше младиот Кристо Гонзалес, а дебито го украси со гол во последната минута од средбата.

Петарда на Вердер, Дортмунд „се извади“ на продолженија

Борусија Дортмунд со комбиниран состав мораше на продолженија да се вади против второлигашот Унија Берлин во средбата од рамките на германскиот Куп. „Милионерите“ ремизираа со 2-2 по регуларните 90 минути, младиот Кристијан Пулишиќ ги креираше двата погодоци за „милионерите“. Прво во 40-тата минута донесе водство, а во 73-тата му асистираше на Филип за 2-1, пред гостите да израмнат во 87-та минута преку Полтер.

Во дополнителните 30 минути, Дортмунд успеа да обезбеди победа откако Марко Ројс погоди од белата точка за 3-2, во 120-тата минута од средбата.

Неверојатен е податокoт на бројот на гледачи кои присуствуваа на „Сигнал Идуна парк“. Дортмунд имаше огромна поддршка од 72.732 гледачи во натпревар од рамките на германскиот Куп, во среда навечер.

https://twitter.com/BVB/status/1057707568531996673

Вердер Бремен ја оправда улогата на голем фаворит против четвртолигашот Вајше Фленсбург со конечен резултат од 5-1. Два гола постигна Харник, а по еден ветеранот Пизаро, Кајнц и Класен од белата точка, а почесниот погодок за домаќините го постигна Илидио во 27-мата минута.

Останатите две среди, исто така, завршија без победник во регуларните 90 минути. Средбите меѓу Келн и Шалке, односно Ханза Росток и Нирнберг завршија со конечен исход од 1-1, односно 2-2, а Нирнберг и Шалке беа подобри по изведувањето на пенали.

Во терминот од 20.45 часот започнаа уште четири натпревари во рамките од Купот на Германија: Кил – Франбург, Лајпциг – Хофенхајм, Арменија Билефелд – Дуисбург, Б. Менхенгладбах – Б. Леверкузен.