6.8 C
Skopje
понеделник, 17 ноември 2025
Дома Blog Страница 9974

Нов проблем за Валенсија, се повреди капитенот Парехо

Капитенот на Валенсија, Дани Парехо, ќе биде отсутен најмалку две седмици од терените, а има проблем со стомачниот мускул.

Валенсија игра лошо, нема победа на три меча по ред во Ла Лига, шест ако се сметаат и дуелите во Лигата на шампионите, а сега ќе го нема и капитенот.

Претходно се повреди и Езекиел Гарај, па „лилјаците“ имаат дополнителни проблеми пред дуелот со Жирона на трети ноември.

Шоу му фати сеир на Погба – Побрзо се вратив од повреда и го обновив договорот

Јусејн Болт побрзо трча на 100 метри од времето што му треба на Пол Погба да изведе пенал, а сеир на соиграчот од Манчестер јунајтед му фати и Лук Шоу.

Бекот на „црвените ѓаволи“ на својот профил на „Твитер“ напиша дека побрзо се вратил по повредата и патем и го обновил договорот со Јунајтед од времето што му требаше на Погба да го изведе пеналот.

Ситуацијата во 27-мата минута на дуелот со Евертон беше мошне интересна, а на Пол му требаше цела вечност да го изведе ударот од белата точка и промаши. Сепак, веднаш потоа даде гол и Јунајтед го победи Евертон со 2-1.

Понеделнички проблеми со терените – „Вембли“ е ораница, Тотенхем и Сити имаат проблем

Тревникот на „Вембли“ е оштетен и Тотенхем и Манчестер сити ќе имаат многу проблеми пред дербито во Премиер лигата вечерва, од 21 часот.

На храмот на англискиот фудбал се играат мечеви од НФЛ, па моментно на час и половина до почетокот на последниот меч од 10-тото коло во Премиер лигата теренот личи на ораница.

Во Англија велат дека ваков лош терен на „Вембли“ немало во последните 15 години, па играчите на Тотенхем и на Манчестер сити ќе имаат многу проблеми со контролата на топката.

 

Последна вест од Рим – Дербито во Серија А ќе се игра

Лацио и Интер сепак ќе го играат дербито од 10-тото коло во Серија А, иако беше најавено дека е можно одложување поради невреме.

Во Рим врне дожд постојано, но „лацијалите“ се снајдоа навреме и теренот е покриен со специјални фолии, па не е оштетен.

Проблем е и сообраќајот, но се очекува „Олимпико“ да биде пристојно пополнет за мечот што е на распоред вечерва, од 20.30 часот.

 

Пресврт! Конте нема да дојде во Реал

Антонио Конте се најавуваше како речиси сигурно решение за тренерското место на Реал Мадрид. Кралскиот клуб треба официјално да му даде отказ на Хулен Лопетеги и да најде негова замена. Италијанскиот стратег Конте беше прва опција за седнување на клупата на „Сантијаго Бернабеу“, но сега работите се комплицираат.

Дел од играчите, предводени од капитенот Серхио Рамос, биле против опцијата Конте да биде новиот тренер. Италијанецот е познат како човек кој воведува цврста дисциплина во екипите во кои работи, а тоа не им се допаѓа на многу играчи. Конте има и посебен режим за исхрана на фудбалерите, а за тоа може да прочитате ТУКА.

Сега е многу веројатно дека Сантијаго Сколари ќе биде на чело на екипата за дуелот од Купот на Шпанија против Мелија. Сколари моментно работи во Реал Мадрид Б. Доколку не се најде соодветно решение, постои опција Сколари да биде и наследник на Лопетеги. Ако тоа се случи, потегот би бил сличен на тој кога беше назначен Зинедин Зидан. Французинот беше тренер во Реал Мадрид Б, а кога дојде во првиот тим, со „кралевите“ освои три титули европски првак.

Се одложува дербито Лацио – Интер?

Дербито од 10-тото коло во италијанската Серија А меѓу Лацио и Интер може вечерва да не се одигра. Причина за тоа е дождот кој деновиве врне во главниот град на Италија. Според некои прогнози, токму за време на мечот можно е да има и невреме со обилен дожд, кој ќе биде причина дуелот да не се одигра денеска.

Лацио и Интер одлично ја започнаа сезоната. Во досегашните девет меча Интер е трет со 19 бодови, а Лацио има еден бод помалку на четвртата позиција. Останува да дојде 20.30 часот и да видиме какви ќе бидат временските услови во Рим и дали теренот на „Олимпико“ ќе биде подготвен за овој возбудлив дуел.

 

Полицискиот дрон виновен за падот на хеликоптерот?

Полицијата во Лестер демантира дека нивниот дрон кој бил пуштен да лета во текот на мечот е причината за падот на хеликоптерот во кој загинаа петмина, вклучувајќи го и  Вишај Шриваданапраба, кој беше сопственик на премиерлигашкиот клуб. Хеликоптерот се сруши непосредно по полетувањето од стадионот „Кинг пауер“, а веднаш сомнежот падна на полицискиот дрон.

Од полицијата демантираа дека нивниот дрон имал каква било вмешаност во трагедијата, иако потврдуваат дека дента го користеле, но за да се обезбеди сигурноста на 32.000 луѓе кои биле на стадионот.

„Го активиравме дронот за јавна сигурност на луѓето, но тоа беше порано во текот на денот. Меѓутоа, потврдуваме дека за време на несреќата на хеликоптерот, дронот не бил во употреба. Го пронајдовме дигиталниот рекордер за снимање на гладови и податоци. Истрагата е во тек“, велат од полицијата во Лестер.

Според најавите, се очекува до крајот на неделата да бидат познати причините за падот на хеликоптерот во кој загинаа пет луѓе.

 

Од „бебињата“ на Безби, канибализам на Андите, трагедијата на Шапекоенсе, до смртта на човекот кој ја креираше најубавата приказна во Премиер лигата

Не беше спортист, но беше човекот кој ја креираше најубавата приказна во Премиер лигата. Сопственикот на Лестер, Вишај Шриваданапраба загина во саботата вечерта во хеликоптерска несреќа, и тоа непосредно до стадионот „Кинг пауер“, местото каде што пред две години беше испишана најубавата приказна на овој клуб. Лестер стана англиски првак, иако пред почетокот на сезоната шансите за тоа беа 1/5.000.

Судбината сакаше Шриваданапраба да загине таму каде што донесе најголема радост на сите навивачи на Лестер. Приватниот хеликоптер на тајландскиот милијардер полета од центарот на теренот од стадионот, но само неколку минути подоцна се урна на паркингот до стадионот. Загинаа тој и останатите четворица кои беа во хеликоптерот. Со оваа трагедија, само се зголемува бројот на спортски несреќи кои се случиле низ годините.

На 28-ми ноември 2016 година играчите на бразилскиот тим Шапекоенсе заедно со претставниците на клубот и новинари се сруши во Колумбија, и тоа на неколку километри од местото каде што требаше да слета. На летот имаше 77 патници, а загинаа 71. Само тројца играчи преживеаа.

На 9-ти март 2015 година пливачот Камилет Муфат и боксерот Алексис Вастин загинаа во судар на два хеликоптери за време на снимање на едно реално ТВ-шоу.

На 7-ми септември 2011 година авионот кој ги пренесуваше хокеарите на Локомотива се сруши при полетувањето во Јарославј, 300 километри североисточно од Москва. Загинаа 44 луѓе, вклучувајќи неколку хокеарски ѕвезди и руски репрезентативци.

На 15-ти септември 2007 година загина прославениот британски рели-возач Колин Мекри. Во 1995 година тој стана најмлад светски првак во историјата на релито. Мекри загина во хеликоптерска несреќа на 39-годишна возраст.

На 27-ми април 1993 година се сруши воен авион во море во близина на африканскиот брег. Немаше преживеани, а меѓу 30-те жртви имаше седуммина репрезентативци на Замбија.

На 8-ми декември 1987 година загинаа дури 43-ца фудбалери на најстариот перуански клуб, Алијанц Лима. Авионот со кои патуваа се сруши во море, во близина на Лима.

На 11-ти август 1979 година авионот во кои патуваа фудбалерите на Ташкент се сруши помеѓу Минск и Ташкент. Немаше преживеани.

Шести oктомври 1976 година е денот кога 24 членови на еден кубански клуб за мечување загинаа во експлозија во близина на Барбадос. Тие беа дел од 70-те жртви на терористи, кои беа противници на Фидел Кастро.

На 13-ти октомври 1972 година авион со рагбисти од Уругвај падна на Андите. Преживеаните поминаа 70 дена во снег и за да успеат да издржат, мораа да ги јадат телата на своите починати соиграчи.

На 15-ти февруари 1961 година вкупно 18 американски репрезентативци во лизгање на мраз загинаа во несреќа на летот од Њујорк до Брисел. Трагедијата се случи на шест километри од белгиската престолнина.

На 16-ти јули 1960 година осум членови на данската фудбалска репрезентација настрадаа во судир при полетување на авионот.

На 6-ти февруари 1958 година осум фудбалери на прославената генерација на Манчестер јунајтед загинаа во авионската трагедија во Минхен. Авионот не полета од пистата, а вкупно 21 патник настрадаа. Тоа беше неславен крај на прославената генерација на „бебињата“ на легендарниот тренер Мат Безби.

На 28-ми октомври 1949 година, францускиот боксер Марсел Сердан загина во авионска несреќа летајќи кон САД, каде што требаше да ја брани титулата.

На 4-ти мај 1949 година авионот со фудбалерите на Торино, кои тогаш беа италијански прваци, се сруши на брдото Суперга во северна Италија и се запали. Загинаа сите патници во авионот.

 

Конте има режим на исхрана: Играчите на Реал нема да смеат да јадат пица, нутела, леб, сладолед…

Реал Мадрид има четири порази и едно реми во последните пет меча во Примера дивисион, што е знак дека мора да има тренерска смена. Хулен Лопетеги денеска го водеше тренингот, но тоа можеби е за последен пат да биде на кормилото на Реал. Се очекува до крајот на денот и официјално да биде потврдено дека Лопетеги добил отказ.

Како најсериозен наследник на Лопетеги се споменува Антонио Конте. Италијанскиот стратег е познат по тоа дека сака играчите да ги стави на посебен режим на исхрана. Тој беше на чело на Јувентус и на Челзи, а познат е по тоа дека играчите се бунеа на неговите принципи за тоа што треба да јадат.

Конте најстрого забранува конзумирање пица, леб и нутела. Исто така, не смее никако да се јаде сладолед по оброкот, а бара од играчите да јадат помалку во порцијата, но да јадат повеќе пати во текот на денот. Најстрого е забрането користење кечап и мајонез, а наместо јајца, препорачува конзумирање пилешка салата.

Хамилтон: За да бидам пред Фетел, ми беа потребни магични моменти

Петкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, по вчерашното крунисување за нов владетел на патеките, истакна дека му биле потребни неколку посебни моменти во текот на сезоната за да биде подобар од неговиот ривал за титулата, Себастијан Фетел.

Возачот на Мерцедес во последните неколку трки ја осигури петтата светска титула во кариерата откако во првиот дел на сезоната двајцата возачи стоеја рамо до рамо.

„Во текот на годината многупати се соочувавме со тешки тестови. Победивме на неколку трки, иако настапите беа далеку под нашето ниво. Извозев неколку магични кругови, а токму тие искуства кои ги доживеав во болидот се посебните моменти кои ми помогна да стигнам до посакуваната цел и да ја одбранам титулата. Нема таен рецепт, само барав начин како да бидам подобар од лани, да ги поместам границите, и сметам дека успеав во тоа“, истакна Хамилтон.

Британскиот возач се израмни по бројот на титули со Мануел Фанџо, има пет, а во иднина планира да атакува на учинокот на легендарниот Михаел Шумахер, седумкратниот светски шампион.