3.8 C
Skopje
сабота, 15 ноември 2025
Дома Blog Страница 9995

Гачевски: Каков гол нема шанси, ова е срам за македонскиот фудбал

Филип Гачевски вели дека Вардар е драстично оштетен во последните моменти од првото полувреме на дербито со Шкендија и дека по ударот со глава на Изаир Емини, топката не ја минала гол-линијата.

„Каков гол, нема шанси. Топката ми беше в раце и точно ја контролирав ситуацијата. Замислете контролорот на мечот реагира исправно и вели дека не е гол, но помошникот судија, иако нема добар преглед на ситуацијата сигнализира дека е гол. Ова е срам за македонскиот фудбал. Од федерацијата треба да се замислат зошто нашиот фудбал не оди напред. Со вакви срамни одлуки ќе паѓаме на уште пониски гранки. И честитам на Шкендија за фер однос и на победата. Ова е само спорт, но вакви неправди му штетат на македонскиот фудбал“, вели Гачевски за СПОРТ МАНИЈА.

Шкендија победи со 2:0 во Скопје, но за моментот од четвртата минута од судиското продолжение во првиот дел уште долго ќе се дебатира, дали беше гол, или Вардар е оштетен.

Иличиќ со хет-трик ги надлета „летечките магариња“

Словенецот роден во Босна и Херцеговина, Јосип Иличиќ, даде три гола, и за 60 минути игра покажа дека не заборавил да дава голови, иако ова му се први погодоци сезонава. Тој со трите погодоци придонесе за победата на Аталанта од 5:1 кај Киево во Верона.

Интересно е што ова е хет-трик на Иличиќ во Италија, а и првиот го имаше на стадионот во Верона во март 2018, а и тогаш (против Верона) како денеска, од првиот до третиот гол имаше само 24 минути. Киево и после девет кола уште не може да стигне до позитивно салдо на бодови. Има само две нерешени, а сезонава ја почна со казна од минус три бода, па подвиг ќе биде ако избори опстанок.

Во Серија А, денеска се играа и овие мечеви: Фрозиноне – Емполи 3:3, Болоња – Торино 2:2, Парма – Лацио 0:2. Вечер играат Фиорентина – Каљари и дербито Интер – Милан.

Матијас Силвестре од Емполи по вторпат годинава успеа на еден меч да постигне и гол и авгоол. На ниту еден друг фудбалер во Серија А не му успеало тоа.

Жикица Тасевски донесе „романтика“ во Работнички

Жикица Тасевски имаше успешно деби на клупата на Работнички, откако попладнево „романтичарите“ триумфираа со 2:0 на гостувањето кај Ренова. За дебармаалци заврши серијата од четири првенствени, и вкупно пет натпревари по ред без победа, и очигледно дека добро им дојде тренерската промена.

Негативно за Работнички е што Остоја Стјепановиќ, кој од пенал го даде првиот гол, доби црвен картон, па нема да може да игра во следното коло во Кратово кај Силекс.

И Ренова е со нов тренер, Никола Илиевски Џиџи, но тој немаше успех како колегата Тасевски, па на друго место ќе ги бара првите бодови.

Христијан Кировски беше творец на победата на „лавовите“ над „пандевци“, а во големото дерби, Шкендија до победата дојде до два гола во последните минути од првото односно второто полувреме, а во 90 минута погоди и Победа, но само за да го ублажи поразот во Струмица. Шкупи од 50 до 57 минута даде два гола за победа над „фенерџијата“ Силекс.

РЕЗУЛТАТИ: Беласица – Победа 2:1, Македонија ЃП – Академија Пандев 1:0, Ренова – Работнички 0:2, Шкупи – Силекс 2:0, Вардар – Шкендија 0:2.

ТАБЕЛА: Вардар 23 бода, Шкендија 19, Академија Пандев 16, Работнички 14, Македонија ЃП и Беласица по 13, Ренова и Победа по 11, Шкупи 9, Силекс 7.

Бодови големи како Шар Планина за Шкендија

Шкендија се врати во трката за титулата со победа од 2:0 во големото дерби против Вардар. Гостите ќе слават, а домаќините ќе тагуваат и ќе протестираат за првиот гол, во финишот на првото полувреме.

Спорен беше моментот во последните секунди од првиот дел, кога Изаир Емини и донесе предност на Шкендија. Прашање е дали топката со целито обем беше зад гол-линијата, а дилемата ќе остане долго. Вардарци жестоко протестираа, но се беше попусто.

Во првиот дел Шкендија имаше уште две зрели шанси, но Филип Гачевски не дозволи поубедлива предност на тетовци. Во второто полувреме Вардар притисна, но без конкретна шанса за израмнување, па казната стаса во 88. минута.

Бесарт Ибраими го совлада Гачевски за печат на големата победа на шампионот. Вардар остана лидер на табелата, но сега има и пораз, прв по десет кола. „Скопските „црвено-црни“ имаат 23 бодови, четири повеќе од денешниот ривал.

 

Србљак го освои МТП опен

Горазд Србљак триумфираше на МТП опен турнирот во Скопје, откако во финалето го совлада Томислав Јотовски со 5-7, 6-1, 6-4. Сите три сета беа долги, но околу 100 гледачи на студеното време им даваа поддршка на нашите репрезентативци, бидејќи имаат ретка прилика да ги гледаат во живо, со оглед на тоа дека во Македонија речиси и да нема официјални турнири на кои се добиваат АТП поени.

Србљак подобро го отвори финалето и поведе со 4-1 и 5-2, но откако го смени рекетот, Јотовски врза пет гејма по ред и го доби првиот сет. Во вториот сет, Јотовски имаше проблеми со рамото и тешко сервираше, па Србљак со сигурна игра го искористи тоа, за убедливи 6-1.

Јотовски на кратко заборави на проблемите со раката и скинатите жици на рекетите, поведе со 2-0 во третиот сет, но Србљак одговори со три гејма по ред за пресврт. При 4-4, Србљак го доби најважниот, се чини клучен гејм и потоа на сервис на Јотовски го зеде и последниот гејм, за триумф на турнирот кој се одржува шеста година по ред.

Од Вардар прашуваат: Како видоа дека е гол?

Во Вардар сметаат дека голот на Шкендија за водство од 1-0 е спорен, и дека според снимките, не може да се утврди дали топката со целост ја минала гол-линијата.

„Голот кој Шкендија го постигна на крајот од првиот дел, односно кој беше признаен на стадионот „Борис Трајковски“ е сомнителен. Од фотографијата се гледа дека нема кој да донесе одлука дали е гол или не, со оглед дека на фотографијата се гледа дека дополнителниот асистент гледа на другата страна, а пак, помошникот го нема на неговото место.

Од каде одлуката на судиите дека топката ја минала гол линијата? Од оваа фотографија и не може да се види најубаво. Во секој случај голот е во најмала рака спорен“ – стои во соопштението на најтрофејниот македонски клуб.

Каролина ја победи Каролин на завршниот турнир

Каролина Плишкова со 6-2, 6-4, извојува победа над Каролин Вознијацки во првото коло од Белата груоа на завршниот ВТА турнир во Сингапур. Чехинката беше многу подобра, и дојде на чекор од пласман во полуфиналето.

Вознијацки имаше 10 брејк-топки, но не искористи ниту една. За 26-годишната Плишкова, ова е четврта победа во меѓусебните дуели со Вознијацки.

Во другиот одигран меч денеска, сонародничката на Плишкова, Петра Квитова, загуби од Елина Свитолина. Украинката победи со 6-3, 6-3, и тоа е нејзин прв триумф над Квитова од 2014 наваму.

И покрај ваквите резултати, сите четири тенисерки имаат шанса да се најдат во полуфиналето, но многу работи ќе зависат од исходите во второто коло. Утре се играат мечевите од другата група, а двојките се Осака – Стивенс и Кербер – Бертенс.

Фени убедлив против Шкупи

Фени индустри беше подобар од Шкупи со 95:68, во меч од првата кошаркарска лига на Македонија, кој првично требаше да се игра вчера, но се одложи поради лоши услови во соблекувалните во салата „Шабан Трстена“. Гостите беа убедливи во првите 30 минути игра, а младиот тим на Шкупи во финишот се избори за избегнување на уште поголем дебакл.
Коцев со 20 поени беше прв стрелец во победничкиот тим, Фандербург даде 19. Од Шкупи објавија соопштение во кое велат дека на наредните гостувања ќе бараат да бидат исполнети сите услови, како што тоа се бараше вчера од нив (клубот ги санираше проблемите, иако не е сопственик на салата), во спротивно, нема да играат.

Колтоо завршува вечерва со дуелот на АВ Охрид и Куманово.

Нема ВАР систем, Шкендија поведе со сомнителен погодок

Шкендија води со 1:0 против Вардар во големото дерби на македонското првенство, но се чини дека голот на Изаир Емини не е регуларен, бидејќи топката по неговиот удар со глава не ја мина гол-линијата со целиот обем.

Вардарци се уште протестираат, но главниот судија Марјан Маркоски нема да ја промени одлуката, па гостите ќе заминат на одмор со предност.

Бесарт Ибраими центрираше во последните моменти од првиот дел, а Емини упати удар со глава. Топката ја фати Гачевски негде на гол-линијата, но во нашето првенство нема ВАР систем, ниту можност да се прегледуваат спорните моменти, па домаќините мораа да тргнат од центар.

 

Вардар има мака во дефанзива, нема проблем тука е Гачевски

Филип Гачевски брани извонредно на дербито против Шкендија и веќе одбрани два чисти зицери на Имери и на Ибраими и не дозволи предност на шампионот.

Најпрво како мачка реагираше на почетокот на мечот и на извонреден начин му го одбрани ударот на Имери, а потоа беше подобар и во дуелот со најдобриот стрелец кај нас Бесарт Ибраими.

Голманот на Вардар брани во животна форма, па и денеска потврдува дека не се случајни само 4 примени голови на 9 натпревари, убедливо најмалку во домашното првенство.