Пак доаѓа нашето време – Сер Боби е идеално решение за нови успеси

Македонија повторно може да се надева на успешни настапи со новиот селектор Благоја Милевски, кој ќе го наследи Игор Ангеловски на кормилото на А селекцијата, официјално од 1. август.

Таткото на дел од оваа генерација фудбалери што играа на првото големо натпреварување, на Европското првенство, ги постави темелите со голем успех во 2017 година и учество на младинското ЕП во Полска.

Популарниот Сер Боби е првиот селектор на Македонија што предводел наша фудбалска селекција на големо натпреварување. Во квалификациите со тогашните голобради момчиња, Барди, Николов, Велковски, Муслиу, Елмас, Аврамовски, Радески и уште неколкумина што беа и во составот на Игор Ангеловски за сениорското Европско првенство успеа да приреди невиден подвиг и да го освои првото место во конкуренција на моќната Франција, на Исланд, Украина, Северна Ирска и Шкотска и да се пласира на младинското ЕП во Полска.

Во Гдиња и во Бидгошч игравме во групата на смртта против Шпанија, Србија и Португалија и освоивме еден бод, а Македонија остави убав впечаток.

„Овие момчиња загубија со 5:0, но ни пружија силен отпор. Изненаден сум од играта на Барди, Бабунски кој го познаваме од Барселона и од останатите играчи на Македонија. Одиграа одличен меч“, изјави тогашниот селектор на младите Шпанци, Алберт Селадес.

Од таа генерација дури 11 фудбалери беа учесници и на сениорското Европско првенство, што е во тек, па Барди, Елмас, Велковски, Радески, Шишковски и уште неколкумина играчи веќе имаат искуство од две големи натпреварувања.

Милевски се уште е актуелен селектор на младата репрезентација со мандат до 31. јули, па одлично ја познава и новата генерација што ќе се вклопи во новиот состав за продолжениетот на сениорските квалификации за Мундијалот во Катар, идната година.

Пак ќе бидеме спој на искуство и младост, со лидери од калибарот на Стефан Ристовски, Џани Алиоски, Аријан Адеми, Столе Димитриевски, Александар Трајковски и фудбалери што играа на две Европски првенства, чии лидери се Барди, Елмас, Велковски, Николов…

Од новата генерација и Чурлинов веќе има искуство со настап на сениорско првенство, исто како и голманот Јанков, а ќе се придодат и талентите што одлично ги познава Милевски од генерацијата што ја предводи во младата селекција на Македонија.

И фудбалската филозофија нема многу да се смени и Боби и Игор Ангеловски сакаат офанзивен фудбал, што ни дава надеж дека максимата „сега е наше време“ ќе потрае и ќе ни донесе уште некој настап на големо натпреварување.

Милевски ќе дебитира како селектор на А репрезентацијата на Македонија на мечот со Ерменците во Скопје на 2. септември во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар во 2022 година.

Нашата репрезентација по три одиграни кола е на второто место во Ј групата со шест бода, колку што има и Германија, а зад Ерменците кои се лидери со 9 бода.

 

- Оглас -

Најнови вести