Панатинаикос му ја симна круната на Кралот и по седми пат стана европски шампион

Кошаркарите на Панатинаикос се нови европски шампиони откако во финалето на завршниот турнир кој се играше во Берлин, го совладаа минатогодинешниот шампион Реал Мадрид со 95:80.

Ова е седми триумф на грчкиот тим во Евролигата, последен пат славеше пред 13 години, додека Реал Мадрид останува најтрофеен тим со 11 титули европски шампион.

Стартот на мечот кој се играше во „Убер арената“ му припадна на Кралскиот клуб кој првата четвртина ја доби со 36:25, а во втората четвртина имаше и плус 14 (41:27). Но, до крајот на првото полувреме, играчите на Панатинаикос успеаја да се вратат во игра, по тројката на Вилдоза дојдоа на само минус еден (46:45), и најавија супернеизвесно второ полувреме.

Во третата четвртина, по тројката на Кендрик Нан, грчкиот тим за првпат поведе во мечот (58:56), а со три поени влезе во одлучувачката четвртина.

Во неа, Детелинките доминираа, постојано беа во водство, а неизвесноста ја разреши Митоглу со тројката на две и пол минути до крајот кога Панатинаикос за првпат дојде до двоцифрена предност (86:76). На крајот, Панатинаикос славеше со убедливи 95:80 за седма европска титула.

Костас Слукас со 24 поени и Кендрик Нан со 21 пн беа најдобри кај Панатинаикос каде се истакна и Матијас Лесор со 17 поени, додека кај Реал Мадрид, Џанан Муса даде 15 поени.

Екипата на Олимпијакос во мечот за третото мести си 87:84 го совлада Фенербахче.

- Оглас -

Најнови вести