Панче Ќумбев во акција – Синдикатот на фудбалери понуди да помогне со тестови за ковид-19

Панче Ќумбев и Синдикатот на професионални фудбалери на Македонија ќе обезбедат едно тестирање на прволигашките играчи, односно околу 300 тестови како помош за побезболно да се обезбедат услови за продолжение на сезоната.

Ќумбев е претседател на СФМ и најави дека во соработка со една од приватните клиники и мобилна екипа оттаму ќе има можност да помогне со првичното тестирање на ковид-19 за прволигашките клубови.

Во целост ви го пренесуваме соопштението на нашиот поранешен фудбалер и репрезентативец, сега прв човек на Синдикатот на фудбалери на Македонија:

„Синдикатот на фудбалери на Македонија-СФМ во координација со клубовите од првата македонска фудбалска лига ќе организира тестирање за корона-вирусот на сите фудбалери, тренери и стручните штабови коишто доброволно ќе сакаат да се тестираат. Пред и за време од започнување со нормален тренажен процес, мобилна екипа ќе доаѓа во клубовите и ќе врши тестирања со цел фудбалерите и сите што имаат контакт со нив во клубовите безгрижно да можат да си ги извршуваат своите работни задачи. Во преговори сме со една од приватните клиники и се надеваме ќе најдеме заеднички јазик и можност ова да го спроведеме во целост. Начелно добивме согласност од сите клубови. Во моментов како синдикат сме финансиски моќни да организираме едно тестирање (тестирање на над 300 луѓе) и доколку е потребно најмалку три тестирања како во некои европски земји. Се надевам ФФМ и прволигашите ќе соберат сили и ќе обезбедат средства за другите две тестирања. Да напоменам дека немаме можност за тестирање на сите второлигаши и временски и финансиски но доколку некој играч, тренер или кој било член од клубовите од втора лига појави интерес за тестирање, слободно нека нè контактира и ќе му овозможиме тестирање.
Да напоменеме дека сите тестирања СФМ комплетно ги покрива, без никаков трошок за клубовите и играчите.
Се надевам дека преговорите со клиниката ќе бидат успешни и оваа акција ќе ја спроведеме во целост.“

Претседател на СФМ
Панче Ќумбев

- Оглас -

Најнови вести