Пандев: Имав многу понуди, но повикот „Мурињо те бара“ не се одбива

Жозе Мурињо е навистина специјален, многу љубезен човек, искрен и менаџер што секогаш ќе ти каже се в лице. Задоволство ми беше што соработував со него во магичните шест месеци за Интер, вели Горан Пандев во интервју за „Калчомеркато“.

Капитенот на македонската репрезентација подоцна заедно со Специјалниот како што го нарекуваат Мурињо се радуваше на најголемиот успех во кариерата, освојувањето на европската круна со триумф против Баерн на Сантијаго Бернабеу.

„Во декември 2009 година благодарение на мојот адвокат Грасани ја добив битката на суд со Лацио. Ми беше жал што така заврши приказната, не по која вина. Се радував кога потпишав за Лацио, чиј дрес пред мене го носеа многу познати играчи од поранешна Југославија, како Бокшиќ, Станковиќ, Михајловиќ.. Но, за жал завршивме на суд по вина на тврдоглавиот Лотито. За среќа по само еден месец, откако ја добивме битката на суд, стаса најважниот повик. Мојот менаџер Карло Палавичино ме повика и ми соопшти: Мурињо те бара. Тоа беше доволно воопшто да не размислувам, иако имав и други понуди. Се радував што ќе се вратам во тимот во кој ја почнав италијанската авантура“, раскажува Пандев.

И на 36-годишна возраст капитенот на македонската репрезентација одлично се носи со помладите во Серија А. Пандев е прв стрелец на Џенова со 7 гола, заедно со Кришчито, а со стаж од 19 години на Чизмата во различни клубови од земјата што е четрикратен светски првак е еден од најдолговечните играчи во моментов.

Џенова најави дека ќе му понуди продолжување на договорот, а Пандев вели дека имал среќа што работел под команда на одлични фудбалски тренери.

„Делио Роси е еден од најзаслужните за мојот развој. Тој ми беше тренер во Лацио, секако тука е и Мурињо иако соработувавме само шест месеци, а од тренерите со кои не сум соработувал ми се допаѓа Јирген Клоп. Навистина ми се допаѓа тоа што го прави со Ливерпул“, истакна Пандев за „Калчомеркато“.

- Оглас -

Најнови вести