Пандев појак од корона-вирусот, Македонија мора да го победи Косово!

Помалку од 100 часа остануваат до најважниот меч на македонската фудбалска репрезентација, тој против Косово во полуфиналето од плејофот за пласман на Европското првенство. Победа е единствената опција, опција за продолжување на сонот, а тоа е прв историски пласман на едно големо натпреварување на фудбалска Македонија.

Многу препреки беа совладани за да се дојде до овој момент, да се биде само на два чекори од пласман на ЕП. И освен фудбалските предизвици, во изминативе неколку дена стравувавме и поради пандемијата наречена корона-вирус. Вистинска драма и исчекување беше да се добијат позитивни вести од Италија за нашите репрезентативци Горан Пандев и Елиф Елмас.

На крајот, резултатот е половичен. Во тимот на Џенова има дури 17 заболени фудбалери од корона-вирус, но Горан Пандев успеа да се сочува и да остане здрав. Капитенот на Македонија е во составот и в четврток на Арената „Тодор Проески“ треба да го предводни националниот тим кон историски успех. За жал, во тимот ќе го нема Елиф Елмас. Дијамантот е еден од двајцата позитивни во Наполи и тој остана во Италија.

Иако корона-вирусот го сопре Елмас да дојде, останатите репрезентативци не смеат да дозволат никој да застане на патот на Македонија кон Европското првенство. Косово едноставно мора да „падне“ и Македонија да се пласира во финалето на плејофот за место на континенталниот собир.

ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА АКО ИГРАВТЕ НА СЕДМИЦИ, ЌЕ ДОБИЕВТЕ „ЛОТО“

Како што се очекуваше, англиската Премиер лига е најатрактивна на стартот во новата сезона во Европа. Вчерашниот ден ќе остане запамтен. Првпат се случи во еден ден Манчестер јунајтед и Ливерпул да примат дури 13 гола. Манчестер дома беше понижен од Тотенхем со 1:6, а Ливерпул е првиот шампион на Англија што примил седум гола во последните 67 години, во поразот од 7:2 на гости кај Астон вила.

Дефинитивно се изненадувања овие порази, но не е изненадување што имаше многу погодоци. По досега одиграните дуели во Англија, многу полесно е да се погоди на голови отколку на „фикс“. Дури седум меча во првите четири кола завршија со 7+, а неколку имаше на кои беа постигнати по 5 и 6 гола.

КОЈ Е ВО ПРАВО: ЈУВЕНТУС ИЛИ НАПОЛИ?

Ако во Англија драмите се на теренот, стандардно во Италија, најголемите драми се надвор од игралиштето. Јувентус и Наполи синоќа требаше, но не играа. Домаќините истрчаа на теренот, а гостите ги немаше. Наполитанците не допатуваа поради криза со корона-вирусот во нивните редови.

Од Јувентус очекуваат службена победа од 3:0, а Наполи бараат друг термин за играње. Сигурно уште многу драми ќе има околу овој меч, а вам ви оставаме да процените кој е во право.

ЛЕВАНДОВСКИ Е МЕСИ И РОНАЛДО ВО ЕДНО

Роберт Левандовски ја доби наградата за најдобар фудбалер во Европа, а Полјакот и викендов покажа зошто е тоа така. Даде четири гола во драматичната победа од 4:3 на Баерн против Херта Берлин. И во Бундеслигата си пукна „седмица“, а Левандовски е незадржлив.

Неделата што измина беше возбудлива и за памтење, а очекуваме оваа што сега започнува да биде историска и за памтење за македонската фудбалска репрезентација.

НАПРЕД МАКЕДОНИЈА, да го победиме Косово!

 

- Оглас -

Најнови вести