Алан Пардју потврди дека има анекс во договорот со Ден Хаг да добие бонус од 100 илјади фунти ако го спаси клубот од испаѓање, но сега потврди дека не ги сака парите.
Ден Хаг се спаси најмногу благодарение на одлуката на холандската фудбалска федерација, КНВБ, да го поништи првенството, а притоа да нема шампион за сезоната 2019/20, но и да нема испаѓање од популарната Ередивизија.
До прекинот на сезоната поради пандемијата со Ковид-19, Ден Хаг беше претпоследен и ќе имаше тешка мисија да се спаси од испаѓање.
„Се уште не сум добил никаков бонус, иако има предвидено такво нешто во договорот со раководството на Ден Хаг. И да ми понудат пари ќе ги вратам во клубот, за да бидат искорустени за хумани цели. Ако се прашувам јас ќе ги донирам во болниците во Хаг“, изјави англискиот тренер на Ден Хаг.
Не е сигурно дека Пардју ќе остане на тренерската позиција, а и самиот најави дека ќе има дополнителни разговори со челниците на Ден Хаг за да се расчистат дилемите дали ќе продолжи соработката.
Пардју пристигна во редовите на Ден Хаг во декември лани и не успеа да ги размрда редовите на екипата што имаше само 19 бода на претпоследното место на табелата до прекинот на првенството во Холандија.
За англискиот менаџер Ден Хаг е првиот странски клуб во кој работел, откако беше тренер на 7 екипи од неговата родна земја.