Партизан на денешен ден беше европски првак – барем 15 минути

Пред точно 53 години се одигра финалето во кое Реал Мадрид ја освои шестата европска титула, победувајќи го белградски Партизан со 2-1. Претставникот на тогашна Југославија, водеше со голот на Васовиќ во 55 минута, но потоа Амансио во 70-та и Серена во 75-та минута, го свртеа резултатот во полза на „кралскиот клуб“.

Легендите на Партизан кои играа на тој меч на „Хејсел“ во Брисел, велат дека пред почетокот на финалето од Купот на европските шампиони, не верувале оти може да победат и тоа бил главниот проблем.

„Кога тргнавме кон Брисел, ниту самите не верувавме дека можеме да го добиеме Реал, но на терен сфативме дека тоа е можно. На крајот кога загубивме, бевме тажни, бидејќи бевме свесни дека никогаш нема да бидеме во прилика да станеме прваци на Европа. Мислам дека финалето го загубивме уште пред да почне“ – се присети Бранко Рашовиќ.

Од таа генерација на Партизан, европска титула освои Велибор Васовиќ и тоа како капитен на Ајакс, а првата и единствена титула за еден екс-југословенски клуб ја освои Црвена ѕвезда во 1991 година.

- Оглас -

Најнови вести