Партизан тоне сè подлабоко, исклучена е струјата на стадионот

Стадионот на Партизан остана без струја поради долгови кон Елетродистрибутивната мрежа на Србија (ЕПС), објавија српските медиуми.

Додека фудбалерите на Партизан се наоѓаат на подготовки во Словенија, веќе два дена нема струја на стадионот на Црно-белите поради долг од 26 милиони динари, односно околу 221.000 евра. Струја нема ниту во просториите на југословенското спортско друштво Партизан, ниту во просториите на фудбалскиот клуб, а исклучено е и напојувањето на рефлекторите.

Управата на фудбалскиот клуб која води војна за превласт со југословенското спортско друштво Партизан, бара токму друштвото да го плати долгот.

„Долговите и останатите обврски е должно да ги подмири Спортското друштво, а не фудбалскиот клуб. Меѓутоа, проблемот лежи во тоа што сите вработени во Спортското друштво се на годишен одмор и ќе се вратат на работа дури кон средината на август. Затоа нејасно е како ќе се реши овој проблем кој воопшто не е мал и ја попречува работата на останатите секции на клубот“, изјавија неименувани лица на ФК Партизан за српските медиуми.

Фудбалскиот клуб Партизан минатата сезона ја заврши дури на четвртата позиција и ќе игра во квалификациите за пласман во групната фаза во Лигата на конференции.

- Оглас -

Најнови вести