Патиките станаа најголем проблем за играчот кој се пласираше во третото коло на ОП на Австралија

Ернест Гулбис е едно од најголемите изненадувања на стартот на Отвореното првенство на Австралија. Летонецот успеа да се пласира во третото коло на првиот Гренд слем турнир, а очигледно е дека ниту самиот не верувал дека е можно такво нешто.

Летонецот, кој во најдоброто време од неговата кариера беше на 10-тото место на АТП-листата, во Мелбурн дојде како 256-ти на светската ранг-листа и мораше да игра во квалификациите. Гулбис не само што ги помина трите кола во квалификациите, туку во првото коло беше подобар и од Канаѓанецот Феликс Агер со 3:1, а сега го совлада и Аљеж Бедене од Словенија со 7:5, 6:3, 6:2.

„Ако успеам да продолжам да играм на ова ниво, би сакал да играм уште пет години. Само да ја задржам оваа форма“, рече 31-годишниот Гулбис, кој во досегашните пет меча на Отвореното првенство на Австралија загуби само два сета.

Во минатото Летонецот воопшто немал успех на Отвореното првенство на Австралија. Во последните 10 години тој само еднаш успеал да го помине првото коло, а никогаш во кариерата не играл во третото коло. Следниот ривал на Летонецот ќе биде Монфилс од Франција. За тоа колку самиот Гулбис е изненаден од резултатите, говори и фактот дека на турнирот дошол само со еден пар патики, кои веќе се истрошени по пет одиграни меча.

„Фактот дека понесов само еден пар патики доволно зборува. Сега имам проблем бидејќи никаде не можам да најдам патики какви што ми се потребни за меч“, објасни Гулбис.

Резултати од денешните мечеви кои досега се завршени: Медведев – Мартинез 7:5, 6:1, 6:3, Тим – Болт 6:2, 5:7, 6:7, 6:1, 6:2, Зверев – Герасимов 7:6, 6:4, 7:5, Попирин – Мунир 6:2, 7:6, 6:2, Рублев – Сугита 6:2, 6:3, 7:6, Монфилс – Карловиќ 4:6, 7:6, 6:4, 7:5.

 

- Оглас -

Најнови вести