Пеколни седум дена за Наполи: Три тешки гостувања за Елмас и дружината

Пред Наполи се три тешки гостувања во наредните седум дена во кои за тимот на Џенаро Гатузо единствена опција се освојување на трите, односно вкупно девет бода.

Елиф Елмас и дружината прво во недела (14 март) ќе патуваат за Милано каде што на „Сан Сиро“ ќе ги одмерат силите со второпласираниот Милан. Росонерите се десеткувани, а најголем хендикеп е отсуството на Златан Ибрахимовиќ, како и главниот креатор, Хакан Чалханоглу. Милан воедно е заморен од вчерашното гостување кај Манчестер јунајтед во Лигата на Европа, што е шанса за Наполи да си замине со цел плен од Градот на модата.

Само три дена подоцна, на 17 март Наполи конечно ќе го одигра дербито против Јувентус во Торино. Овој дуел направи хас во Серија А кон крајот на минатата година кога во редовите на Наполи имаше бројни активни случаи на ковид-19, по што тимот доби забрана за да патува во Торино.

За 21 март е предвидено гостувањето на Наполи кај Рома, која моментално има три бода повеќе од Наполитанците и стои на четвртото место на табелата.

Наполи е шести со 47 бода по 25 одиграни натпревари, а пред нив се Аталанта со 49, Рома со 50, Јувентус со 52, Милан со 56 и лидерот Интер со 62 бода.

- Оглас -

Најнови вести