Пелистер го доби вечното дерби, Вардар сега е многу блиску до испаѓање

Борче Маневски постигна по еден гол во двете полувремиња и донесе важна победа за Пелистер во дербито против Вардар. Искусниот Маневски најпрво погоди во 17 минута за водство на битолчани од 1:0, а сите дилеми беа решени пред крајот на мечот, кога истиот играч од пенал погоди за конечни 2:0.

Пелистер со овие три бода стигна до 32 поени и го задржа седмото место на табелата, додека Вардар остана на 27 бодови и сега падна на 10 место.

Најдраматично беше на дуелот Работнички – Борец, а на крајот се радуваа домаќините со 2:1. Сите три погодоци на овој меч беа постигнати во последните 10 минути од дуелот. Гостите поведоа со погодоко на Адили во 82 минута, а само една минута подоцна Ѓорѓевиќ израмни. Истиот играч донесе три бода за Работнички со голот во 91 минута.

Лидерот Шкендија се намачи против Силекс, но на крајот победи со 2:1. Нафиу ги доведе домаќините во водство, а Ѓоргиев израмни во 76 минута. Тетовчани на трите бода се израдуваа благодарение на голот на Ибраими во 86 минута.

Струга Трим Лум со 3:1 ја победи Беласица, а Шкупи загуби дома од Ренова со 1:2.

- Оглас -

Најнови вести