Ова е европски Пелистер, ја „прегази“ Татабања со 13 разлика!

Ракометна Битола повторно е во еуфорија. Еурофарм Пелистер стигна до втората победа во ЕХФ Европската лига откако во Битола убедливо со 33:20 ја победи Татабања.

Само во првите неколку минути гостите од Унгарија даваа отпор, кога беше 5:5, а потоа следуваше шоуто на Пелистер. Со серија од 6:1, битолчани поведоа со 11:6, а до полувремето, предноста ја зголемија на осум разлика (17:9).

Домаќините не попуштија во темпото ниту во вториот дел, па во еден момент имаа водство од 15 разлика (26:11), а на крајот гостите намалија само два гола од највисоката предност и си заминаа посрамени од Битола.

По мечот, играчите на Пелистер не ја заборавија и страшната сообраќајна несреќа која денеска се случи во Бугарија, а во која загинаа 46 луѓе.

„Во името на цела екипа би сакал да изразам сочувство до семејствата на трагично загинатите. Ова е тежок ден за Македонија. Што се однесува до мечот, одигравме перфектно и мило ми е што можевме да ги израдуваме нашите навивачи“, рече Божиќ Павлетиќ.

По четири кола, Еурофарм Пелистер има две победи, едно реми и еден пораз, а веќе во следното коло ќе гостува кај Спортинг во Лисабон.

- Оглас -

Најнови вести