Пелистер не планира да застане со победничката серија
Тимот на Еурофарм Пелистер вечерва гостува во Шафхаузен за дуелот против Кадетен од Европската лига.

Еурофарм Пелистер планира да продолжи со победничката серија и на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен, меч кој вечерва (20:45 часот) ќе се одигра во рамките од последното коло во групите од Европската лига на ЕХФ.
Битолчани ги добија претходните пет меча во ова натпреварување, од кои последниот беше службен триумф со 10:0 против Рајн-Некар, но тимот кој го предводи Жељко Бабиќ покажа доминација во СЕХА-мечот против Татран Прешов, во кој славеше со 12 гола предност.
Пелистер како домаќин против Кадетен ремизираше во првата средба со 25:25 во битолската сала, затоа вечерва триумф на нашиот претставник е единствена опција, со кој и би го поминал денешниот противник на табелата во групата Д на третото место, а во одредено сценарио достижно е и второто место.
Пелистерци дефинитивно ќе играат во нокаут-фазата, но добро ќе биде за нив да се одржи позитивниот биланс во 2021 година.