Пеналите ја однесоа Римската волчица во нокаут-фазата, таму се и Фенербахче и Алиоски

Фудбалерите на Рома славеа со 3:1 против Лудогорец во последното коло во Лигата на Европа и успеаја да обезбедат пласман во нокаут-фазата во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Единствена опција за Римската волчица да ги продолжи настапите во Лигата на Европа беше победа над бугарскиот тим и до неа дојде со пресврт во второто полувреме.

Лудогорец поведе во 42-рата минута со голот на Рик, но Рома направи пресврт во вториот дел, и тоа благодарение на пеналите. Лоренцо Пелегрини со два гола од белата точка во 56-тата и 65-тата минута го сврте резултатот, а победата на Рома со која го освои второто место во групата Ц ја завери Николо Заниоло на пет минути до крајот на мечот.

Убедливо прв е Бетис, кој вечерва дојде до петтата победа во шестиот меч, со 3:0 го совлада Хелсинки.

Во нокаут-фазата по Барди, ќе игра уште еден македонски репрезентативец, кој е дел од турски тим, Езѓан Алиоски.

Фенербахче со 2:0 го победи Динамо Киев благодарение на головите на Ѓулер и Арао во првиот дел и го освои првото место во групата Б пред Рен, кој ремизира против АЕК Ларнака. Алиоски доби шанса да ги одигра последните 11 минути од мечот.

На Арсенал му беше доволен еден гол, и тоа на Киран Тирни, за да го совлада Цирих и да го завери првото место во групата А. ПСВ со 2:1 славеше на гостувањето кај Бодо/Глимт, но остана на втората позиција со 13 бода, два помалку од Топчиите.

Во групата Д, Унион Берлин благодарение на голот на Свен Мичел во шестата минута, го победи Унион Ројал Сен Жил и дојде до второто место. На Брага залудна ѝ беше победата од 2:1 над Малме бидејќи остана покуса за два бода зад германскиот тим, а прв и Ројал Унион Сен Жил.

Резултати:

Група А
Арсенал – Цирих 1:0
Бодо/Глимт – ПСВ 1:2
Табела: Арсенал 15, ПСВ 13, Бодо/Глимт 4, Цирих 3.

Група Б
Динамо Киев – Фенербахче 0:2
Рен – АЕК Ларнака 1:1
Табела: Фенербахче 14, Рен 12, АЕК Ларнака 5, Динамо Киев 1.

Група Ц
Рома – Лудогорец 3:1
Бетис – Хелсинки 3:0
Табела: Бетис 16,  Рома 10, Лудогорец 7, Хелсинки 1.

Група Д
Брага – Малме 2:1
Ројал Унион Сен Жил – Унион Берлин 0:1
Табела: Ројал Унион Сен Жил 13, Унион Берлин 12, Брага 10, Малме 0.

- Оглас -

Најнови вести