Пеп во кратки црти објасни зошто неговиот Сити безмилосно гази сè по ред

Манчестер сити е речиси сигурен патник во четвртфиналето по вчерашната гостинска победа против Борусија Менхенгладбах со 2-0 во мечот кој се одигра на неутрален терен во Будимпешта, поточно на „Пушкаш арената“.

За Граѓаните ова беше 19-та последователна победа во сите натпреварувања, односно 12-та на гости, со која самите си го урнаа рекордот поставен во 2017 година. Ниту една англиска екипа не остварила ваков учинок, а Сити во 12-те победи беше немилосрден со гол-разлика 31-6 и првпат во клупската историја одигра четири меча во низа во ЛШ без примен погодок.

Пеп Гвардиола во кратки црти го објасни неверојатниот поход на неговата екипа откако еден новинар се обиде да го испровоцира на прес-конференцијата по победата над Гладбах.

„Победуваме затоа што имаме многу пари да купиме врвни фудбалери“, кратко и јасно одговори каталонскиот стратег.

И покрај тоа што лидерот во Премиер лигата е во феноменална форма, Гвардиола потоа додаде дека тие не се фаворити за освојување на Лигата на шампионите сè додека Баерн Минхен е во конкуренција да ја одбрани титулата.

Инаку и низата од 19 победи е најдолга остварена од страна на една англиска екипа, а веќе в сабота Сити ќе може да го подобри рекордот со евентуален триумф во лигашкиот дуел против Вест хем на домашен терен.

- Оглас -

Најнови вести